04 Јуни, 2020
0.0265

Македонскиот парастос!

Објавено во: Колумни 24 Јануари, 2020

Како  во продавница за леб и млеко, во распаднатата  Југославија под ембарго и санкции, се наредија и обични граѓани, новинари, јавни личности , и се разбира политичари да се сликаат со хероината од  „Медена земја“, од  македонскиот кандидатски филм за Оскар,  Атиџе Муратова. Како во еден хор, сите загрижени за нејзината мачна материјално- финансиска состојба се понудија за помош, нагласувајќи ја нејзината добродушност и истакнувајќи ги нејзините хумани природни чувства кон животот, кон пчелите, и кон луѓето. Се разбира, во повеќето случаи тоа беше само лицемерен ПР кај одредени лица, а кај политичарите ПР за собирање на предизборни ситни, политички поени. Не треба да сте познавач на народната психологија на Македонецот, за да го разберете тоа. Толку сме провидни, во однос на нашата општествена (не)свесност, неемпатичност и себичност, што дури стануваме смешни, воедно и трагични.

Црвениот тепих на безочното лицемерие!

 Уште не завршил тој панаѓур на лицемерието, истите душегрижници, веднаш се упатија кај  велешанецот Јордан Јованов и неговата неподвижна мајка, и како што  видовме живеат во услови, за кои не постои адекватен збор да се опише нивната сиромаштија и беда. Колку пати сум пишувал, укажувал, потенцирал и нагласувал за невидената сиромаштија, и беда без дно во кое живеат илјадници, да не кажам стотици илјади македонски семејства, кои се исклучени од институциите на системот (  им помагаат со хуманитарни пакети пред новогодишните празници, или пак им доделуваат мизерна социјална помош), со исклучена струја, без вода, со минимална храна ( бајат леб), живот недостоен за ниту едно човечко суштество. Треба ли од телевизиите да чекаме ,, ТВ сторија“, па тогаш да проработи нашата ( лицемерна) совест, и сите да отрчаме со камерите и со пакетите храна или други ветувања, со кои ќе нагласиме дека ќе им помогнеме на овие семејства. Неодамна пишував  за примерот на младиот студент од Неготино, Димитар Аврамов, кој самоиницијативно, ја поттикна, учествуваше и ја реализираше својата акција за изградба на нов дом на социјалнозагрозено семејство. Тоа е вистински и искрен пример на разбудена свест и совест и тоа кај еден млад човек, се друго е лицемерие и магла. Толку ли ние не сме свесни, или пак не ги знаеме тие примери на социјалнозагрозени семејства, индивидуи, кои живеат во нашето поблиско или подалечно соседства, па сега ни треба ТВ прилог, за да станеме свесни дека нешто итно треба да преземеме? Не постои град, село, населено место во целата оваа жална, скапана и корумпирана државичка, во кое нема барем по едно такво семејство. Каде е нашата совест, каде е нашата човечност, сите овие години?! Секој може да помогне на секаков начин!  Некој финансиски, некој логистички, некој со давање на јавност ( гласност), и кога сите коцки ќе се наредат, на крајот од денот, навистина значајно и суштински може да се смени животот за овие несреќни луѓе, како што се смени за семејството Најдови од неготинското село Долни Дисан кои веќе добија нов дом.

До кога ќе гледаме, без ништо конкретно да преземеме?!

Најчесто, овие луѓе „ од нашите мали екрани“ и не бараат многу. Во својот очај, тие бараат простување на натрупаните долгови за струја и  вода, и обично вработување, за да можат да заработуваат за себе и своето семејство. Колку примери на млади семејства со мали дечиња сме виделе на ТВ прилозите? Колку мали души, со наивна детскост посакале само еден компјутер, нови патики, и убава ташна?! Сето тоа сме го виделе, но се поминало со истурање на гнев  по социјалните мрежи, а ретко или скоро никогаш со конкретна акција. Да, јас не сум наивен дека граѓаните можат трајно да го решат статусот на овие наши сограѓани, но кога веќе можеме да протестираме по партиски директиви, зошто национално не се обединиме без разлика на нашата партиска, етничка или религиска припадност и да протестираме на локално или национално ниво, притискајќи ги на тој начин надлежните институции да се зафатат  со решавање на проблемот на овие луѓе? Бидејќи вакви семејства има од сите етнички заедници, од сите вери, па дури и од сите партиски припадности, ако веќе овие луѓе и се некои  партиски приврзаници. Жално е , јадно е , и бедно е што оваа држава која веќе „ ги отвори портите на НАТО “, и кај и да е ќе влезе со двете нозе, во 2020 година, да има примери на африканска сиромаштија. Како по непишано македонско правило, кога „светлината од камерните рефлектори“ ќе згасне, тогаш пак ќе остане мракот и темнината во кои живеат овие луѓе. Нашите источни соседи, кои се опседнати да докажат дека сме „ еден ист народ “, имаат една национална поговорка која апсолутно одговара и за кај нас „ Секое чудо за три дни, при нас е еден“. Така што, чудото кое кај нас  трае еден ден, ниту ќе биде прво ни последно, ниту пак нешто ново. Се додека овој најголем македонски проблем го разбираме и третираме површински, бегло, и формалноправно, вакви очајни и траорни приказни како за велешкото и неготинското семејство ќе има уште многу во иднина. Се додека систематски институциите не ги земат работите во своите раце и исто така систематски да ги решаваат, од подобрување на состојбата на овие луѓе и ќе нема! На нам ни останува, како на наши сограѓани, да им помогнеме колку што можеме. Да ја алармираме јавноста, да апелираме, да дејствуваме и да го правиме сето тоа од наши елементарно човечки алтруистички побуди, не за наша промоција пред ( ФБ) јавноста дека сме добродетели и хумани. Пораз  за Македонија е што ова е дозволено да се случува, но штом ние како граѓани преку СМС пораки собираме пари/ донации за лекување на деца со тешки болести, за кои Фондот за здравство не дал средства, тогаш и не треба да не чуди ништо. Македонија одамна во преносна смисла е мртва држава, за жал, дозволуваме и во вистинска смисла на зборот луѓето да ни умираат во болести, беда и сиромаштија. Вината е на секој од нас, институционално, индивидуално или колективно. Повеќе или помалку!


Можеби ќе ве интересира

КОВИД-19 - шансата на векот за македонската економија?

КОВИД-19 - шансата на векот за македонската економија?

Ќе му помогнат ли ваучерите на домашниот туризам - Битиќи VS Лазаров

Ќе му помогнат ли ваучерите на домашниот туризам - Битиќи VS Лазаров

ФЕР e ...

ФЕР e ...

Хоби или бегање од секојдневјето?

Хоби или бегање од секојдневјето?

Производна ориентација на македонскиот агрокомплекс

Производна ориентација на македонскиот агрокомплекс

Наркоманска лицемерна нација!

Наркоманска лицемерна нација!

Трамп го затвора отвореното небо!

Трамп го затвора отвореното небо!

Тоне ли извозот и извозните компании: Битиќи vs Лазаров

Тоне ли извозот и извозните компании: Битиќи vs Лазаров