Добивај вести на Viber
Единствената македонска компанија за производство на цемент остварила нето добивка во износ од 20 милиони евра, може ли да се очекува солидна дивиденда? Инвеститорите знаат дека лани и во 2013 година „Усје“ подели 74 милиони евра во дивиденда
Скопската цементарница „Усје“ лани продала цемент вреден 50 милиони евра на домашниот пазар, а остварила нето добивка од работењето лани во износ од 1,26 милијарди денари ( повеќе од 20 милиони евра), покажуваат официјалните неревидирани биланси за финансиското работење на таа компанија за лани, објавени на интернет страницата на Македонската берза за хартии од вредност.
Вкупните приходи од продажба на „Усје“ лани изнесуваат 4,02 милијарди денари и се на исто ниво како и во 2014 година. Негативна разлика има кај нивото на продажби на домашен пазар и тоа за 9 отсто до ниво од 3,18 милијарди денари. Сепак тоа е надополнето со раст на продажбите на странски пазари каде „Усје“ има раст за 56 отсто до ниво од 840 милиони денари.
Знајачно да се истакне, на расходната страна на билансот, е тоа што „Усје“ има раст на оперативните расходи за над 550 милиони денари (над 9 милиони евра) лани во однос на 2014 година и тоа изнесува раст од 17 отсто. Сите големи расходни ставки бележат раст, а најголем кај ставката набавна вредност на трговски стоки каде растот e 66 отсто до износ од 622,7 милиони денари. Солиден раст има и ставката за набавка на суровини и материјали каде износот е 1,24 милијарди денари, а растот е 19 отсто. За 42 отсто пораснал и трошокот за услуги со карактер на материјални трошоци за што компанијата издвоила 454,6 милиони денари. Иако мала ставка најголем процентуален раст има кај резервациите на трошоци и ризици тоа изнесува 22,7 милиони денари што е за три пати повеќе од 2014 година.
„Усје“ нема долгови за кредити!
Билансот на состојба покажува дека компанијата како и во 2014 година нема никакви долгови или обврски спрема банки. Најголема расходна ставка се обврските спрема добавувачите и тие изнесуваат 258,6 милиони денари на крајот на минатата година. Вкупните обврски на крајот на 2015 година биле 507 милиони денари.
Добивката на Усје за 2015 година изнесува 1,26 милијарди денари и во споредба со профитот во 2014 година е пониска за 14 отсто, а во најголема мерка тоа е заради растот на некои од расходните ставки. Сега инвесторската јавност во извесна мерка е засегната од дилемата дали компанијата ќе подели солидна дивиденда како лани и како во 2014 година. Паричниот тек на „Усје“ покажува дека компанијата во 2014 година и лани вкупно исплати 74 милиони евра дивиденди на своите акционери! Во 2014 година исплати 50 милиони евра, а лани исплати уште 24 милиони евра.
Најголем акционер во „Усје“ е холандската подружница на грчаката компанија „Титан цемент“ еден од најголемите европски производители на цемент, која поседува 95 отсто од акциите. Останатите 4,9 отсто се во рацете на 204 домашни акционери – физички лица.
Р.Ф.