Добивај вести на Viber
Добивката лани изнесува 2,44 милиони евра, приходот од продажба на домашен пазар порасна за 1,75 милиони евра до 25,4 милиони евра. Фирмата нема кредитни обврски, а од камати лани инкасирала речиси половина милион евра! Инвеститорите на берзата на шега велат: „Фати се за Даб“!
Прилепска пиварница продала пива и сокови на домашниот пазар за феноменални 25,4 милиони евра односно 1,571 милијарди денари, покажуваат официјалните неревридирани финансиски извештаи што ги објави најголемата домашно-поседувана пиварница, деновиве на интернет страницата на Македонската берза.
Оваа успешна домашна компанија, која силно се позиционира на домашниот пазар на пива и сокови, особено со брендот „Златен даб“ кој е посакувана домашна трговска марка лани успеал да ја зголеми продажбата на домашниот пазар за 108,3 милиони денари (1,75 милиони евра)! Тоа претставува раст на домашната продажба за 8 отсто и тоа на домашен пазар во многу силна конкуренција на домашни и странски пиварници. Навистина ова е резултат со кој можат да пофалат компании кои се бројат на прсти.
Што покажуваат финансиските извештаи? Пред се будат големи очекувања за малите акционери во оваа домашна компанија со седиште во Прилеп.
Нето добивката на крајот на 2015 година изнесува 150,95 милиони денари (2,44 милиони евра) и таа е значајно повисока од нето добивката реализирана во 2014 година која изнесувала 55,33 милиони денари. Дали може да се надеваат на солидна дивиденда? Тоа зависи пред се од семејството Самарџиоски, братот и сестрата Сашо и Панде и најмногу од нивниот татко Кирил долгогодишен директор на оваа успешна компанија најголеми акционери кои заедно поседуваат 73,8 отсто од акциите со право на глас во компанијата, а Кирил има 63,6 отсто од капиталот. Во акционерската структура има уште 127 домашни физички лица кои делат 7 отсто од акциите и 32 странски физички лица кои поседуваат 4 отсто од управувачките права во таа компанија.
Билансите на успех и на состојба како и извештајот за паричниот тек за 2015 година покажуваат неколку важни работи. Прво е тоа што Прилепска пиварницата успеала да оптимизира и тоа да ги зголеми приходите од продажба вкупно за 120 милиони денари и тоа со раст на расходите за 28 милиони денари. Тоа е солидна разлика. При тоа на расходната страна тренд на раст имаат трошоците за набавка на суровини, за вработените и за набавната вредност на трогвксите стоки, но тоа е ублажено со намалените останати трошоци од работењето како и намалени расходи за амортизација.
Второ е тоа што компанијата лани има финансиски приходи од 29,7 милиони денари кои според податоците од паричниот тек се приходи од камати! Тоа значи дека оваа компанија има ефектива што ја чува во банка и сосема солидно управува со своите средства. И уште еден многу важен факт од билансот на состојба: компанијата нема долгови по основ на кредити! Ниту краткорочни позајмици, а нема ниту долгорочни обврски. Единствено што должи на крајот на 2015 година се 145,3 милиони денари и тоа се обврски спрема своите добавувачи. Бројките покажуваат дека „Златниот даб“, „Крали Марко“, „Газоза“, „Пепси“ и „Миринда“ се се поомилени меѓу Македонците. И дека секоја голтка носи обострано задоволство.
Р.Ф.