28 Септември, 2024
0.0240

„Макпетрол“ на Јосифовски му даде годишна плата од 138.000 евра за загуба од 3,3 милиони евра!

Објавено во: Анализа 16 Јуни, 2014

Добивај вести на Viber

„Макпетрол“ е единствена компанија што ги објави платите на менаџерите, а учеството на платата на Јосифовски е безмалку половина од целата сума плати на осумте менаџери

Андреја Јосифовски, претседателот на управниот одбор на „Макпетрол“, најголемата македонска компанија за продажба на нафтени деривати, лани од плата заработил 8,5 милиони денари (138.000 евра) односно месечно добивал 11.500 евра. Во овој период „Макпетрол“ остварил загуба од 3,3 милиони евра, покажуваат официјалните податоци од годишниот извештај на управниот одбор на таа компанија објавени деновиве на веб страницата на Македонската берза за хартии од вредност. Според достапните податоци од извештајот „Макпетрол“ лани на осумтемината членови на управниот одбор на компанијата им исплатил плати во вредност 19,5 милиони денари што значи дека просечната месечна плата на член на менаџерскиот тим изнесува 3.300 евра. Само за споредба Андреја Јосифовски во збирот на годишни плати на менаџерскиот тим учествува со 43,5 отсто, а другите седуммина менаџери делат 56,5 отсто од сумата наменета за плати. „Макпетрол“ е единствената компанија што неколку години наназад ги објавува сумите за плати што ги добиваат членовите на управниот и на надзорниот одбор. Според официјалните објавени податоци „Макпетрол“ лани остварил приходи од 21,35 милијарди денари што е 2,6 милијарди денари помалку од 2012 година. Во 2013 година расходите на компанијата изнесувале 21,54 милијарди денари. Во 2013 година „Макпетрол“ во изградба на нови бензински пумпи вложил 152 милиони денари (2,5 милиони евра), а во инвестиции во посотечки пупми уште 57,1 милиони денари (над 0,9 милиони евра). Во последните пет години од 2009 до 2013 година оваа компанија дури четири години книжи загуби од своето работење, а само во 2011 година успева да оствари добивка од работењето во износ до 25,67 милиони денари (малку над 416.700 евра). Во овие години компанијата генерира загуба од 791,6 милиони денари или 12,85 милиони евра. Најголема била загубата реализирана во 2009 година и таа изнесувала 285 милиони денари (нешто помалку од 5 милиони евра). Според извештајот на менаџерите главна причина за ланската загуба на „Макпетрол“ се намалената потрошувачка на горива и особено на моторни бензини. Но од достапните податоци за 2013 и за 2012 година се гледа дека моторните бензини бележат пад на продажбата за 7.000 тони односно 10 отсто во споредба со 2012 година. Нивното учество пак во вкупно продадените количества гориво во 2013 година е само 20 отсто, а во 2012 година учеството на моторните бензини во вкупната продажба било исто 20,7 отсто. Оваа споредба отвара голема дилема дали навистина менаџментот на „Макпетрол“ може оправдано да се оправда со тоа што намалената продажба на моторни бензини и горива ја става на прво место на причините за пад на продажби, а притоа на исто ниво не објаснува за рационализација на расходната страна? Освен ова како причини за загубата се наведени и намалена продажба на природен гас заради намалена продажба и појава на сопствен увоз на една од компаниите кои се најголеми потрошувачи на домашниот пазар. Тука се и високите трошоци за камати кон банките, потоа тоа што биорафинеријата не работи се уште иако е подготвена за продукција, падот на приходите од останатите дејности: „Хонда“, „Шпедиција“ и хотелско-угостителската дејност како и големите трошоци за одржување на нафтените складишта во земјава кои се во мешовита сопственост на „Макпетрол“ и на државата преку Агенцијата за задолжителни стокови резерви. Р.Ф.