Добивај вести на Viber
Комисијата за хартии од вредност се уште ја анализира документацијата доставена од Балкан Петролеум за превземање на Макпетрол. Според законските прописи, Комисијата за хартии од вредност треба да одлучи дали ќе издаде дозвола за превземање во рок од десет дена од доставување на комплетна документација.
Тоа практично значи дека доколку по доставувањето на документацијата недостасува некој документ, КХВ ќе побара истиот да биде доставен, и откако ќе го добие повторно ќе има рок од десет дена да одлучи. Но постапката не завршува тука. Ако, повторно недостасува документ, следува истата постапка, КХВ повторно ќе побара да биде доставен, и откако ќе го добие, повторно има рок од десет дена да одлучува.
Ваквата постапка, може да трае се до целосно комплетирање на документацијата. Затоа од Комисијата за хартии од вредност велат дека не можат да кажат кога точно би ја донеле одлуката.
Синдикатот бара заштита на работниците
Во меѓувреме, Комисијата за хартии од вредност е под постојан притисок од страна на засегнатите страни, и речиси секојдневно во јавноста се пласираат анализи на експерти и вработени во Макпетрол, кои бараат Комисијата да го испита кој стои зад намерата за превземање.
Токму во таа насока, излезе писмен допис од синдикатот во Макпетрол, кој на КХВ и препорачува при одлучувањето дали ќе даде дозвола за понуда за превземање, да провери кое лице стои зад преземањето. Истиот синдикат, наведува дека очекува од КХВ да донесе одлука со која, ќе бидат заштитени работничките права.
„Во спротивно ќе бидеме принудени да пристапиме кон други мерки за заштита на работничките права“, се вели во барањето на синдикатот на Макпетрол.
Тивко незадоволство меѓу акционерите
Но, дел од акционерите кои се и вработени во Макпетрол, се револтирани од досегашниот начин на кој се менаџира компанијата. Не сакаат да зборуваат јавно затоа што стравуваат дека во оваа војна меѓу актуелниот менаџмент, и потенцијалниот купувач на компанијата – секоја нивна изјава може да им предизвика проблем на работното место.
„Како е можно и помали бензински станици да прават профити, а Макпетрол, која е најголема нафтена компанија да работи со загуба или пак со добивката да покрива загуби од претходно. Си делат дивиденди за нив, a за нас останатите акционери нема ништо,“ велат неколкумина од вработените во Макпетрол кои истовремено се и акционери.
Изминатите недели се засилуваат препукувањата меѓу актуелниот менаџмент на Макпетрол, и потенцијалниот инвеститор. Од една страна, менаџментот на Макпетрол тврди дека станува збор за сомнителени лица кои сакаат да ја превземат компанијата, а од друга страна еден од сопствениците на Балкан Петролеум во интервју посочи дека станува збор за јавна и транспарентна понуда, и дека не станува збор за сомнителен бизнис затоа што поддршка имаат и од една од најдобрите банки во Европа УБС.
Извори од НБРМ за Фактор објаснуваат дека така како што сега стојат работите не очекуваат дека банката ќе се вклучи во некаква истрага во овој случај. Тоа е евентуално можно само ако при трансакциите се утврди сомнително потекло на парите.
С.Н.