Добивај вести на Viber
Околу „Макпетрол“ се води негативна медиумска кампања во која ако некој сака и има време може да се изначита се и сешто, а најмалку има факти.
Се фрлаат дрва и камења по лица од странство се споменуваат сомнителни трансфери, банкротирања на романска рафинерија за нафта, руски и израелски бизнисмени. Но ниту во еден момент не беше понуден доказ дека директно тие лица што ги прозиваат македонски медиуми се сопственици или косопственици на фирми кои пак се сопственици во фирмата која до Комисијата за хартии од вредност достави документација и чека дозвола за да објави јавна понуда за превземање на најголемата македонска компанија за малопродажба на нафтени деривати.
Се што може да видиме се полувистини, шпекулации, спинови и ПР текстови на двете заинтересирани страни. Фактите се малку но се многу траорни.
Прво, на „Макпетрол“ му е намерачена фирма која е создадена за да биде „но нејм“ и никогаш никој нема да може да ги дознае вистинските сопственици. Факт е и тоа дека и сегашното водство на чело со Андреја Јосифовски со години наназад не сакаше да најде голем и силен стратешки партнер од светската нафтена индустрија. Владееја со фирмата преку контрола и притисоци врз малите акционери – вработени во фирмата. Токму овој пристап сега може да им удри од глава и тоа да ја изгубат компанијата на пензионерски години. Оваа состојба е само одраз на нивото на нашата инвеститорска култура зашто де факто сме земја во која превземањето компанија не се случува често, а уште поретко се случува транспарентно.
Со овој осврт ќе направиме обид да разбереме во што се суштинскиот интерес на тие што сакаат да го продадат и на оние што не сакаат „Макпетрол“ да им избега од контрола...
Во што е клучниот интерес за да се поседува „Макпетрол“?
Најважно е тоа што „Макпетрол“ е компанија која генерира многу, многу кеш. Лани тој износ е 18,44 милијарди денари, во 2014 година 20,43 милијарди денари, а во 2013 година 21,28 милијарди денари. Тоа се големи пари. Тоа е една од првите пет фирми во земјава која генерира голем кеш. Воедно тоа е можеби и најголем играч поточно купувач (ликвидити провајдер) на македонскиот девизен пазар. „Макпетрол“ секогаш може да има посебен третман кај која и да е домашна деловна банка. Да се работи со „Макпетрол“ за секоја банка е голема работа.
Освен парите од малопродажбата на деривати важни се и приходите од продавниците кои фукционираат во склоп на повеќе од стотина бензиски пумпи на „Макпетрол“. Контролата врз оваа компанија значи стратешко позиционирање на македонскиот пазар како трговија, но и во македонскиот банкарски систем и тоа преку вршење услуги за прием и исплата, преку кредитирање, преку купување и продажба на девизи. Токму тука е генераторот на моќта во македонската економија што контролата врз оваа компанија ја дава на оној што ја има или ја контролира.
„Макпетрол“ живее само од маржата што ќе му ја одреди државата преку РКЕ. Факт е дека на толку големи пари кои поминуваат низ фирмата „Макпетрол“ во основа се финансира само од трговската маржа што му ја утврдува Регулаторната комисија за енергетика. Како ќе одлучи таа така е и ќе биде за „Макпетрол“. Досега, според менаџерите, маржите беа народски речено одвај доволни за да се преживее.
Заради тоа фирмата имаше загуби неколку години по ред, веќе нема акумулирана добивка зашто со неа ги покриваше загубите од претходни години.
Е сега како дошло до тие загуби и можело ли поинаку?
Не знаеме зашто не сме виделе поинаку. Во суштина менаџерите на „Макпетрол“ секоја година се жалеа на нелојална конкуренција без да обајснат дали алудираат на шверц со деривати и на некоректниот однос и трговски маржи што им ги одредуваше РКЕ. И затоа излегуваше дека на силни милијарди денари приходи само 3-4 отсто од парите беа за „Макпетрол“. Е тука се поставува клучното прашање! Фирмата превземач го знае ова. Тие знаат дека реално РКЕ долго време не го милува менаџментот на „Макпетрол“ и за тоа плаќа фирмата.
Е сега се поставува дилемата: дали превземачите ако успеаат да го превземат „Макпетрол“ чувствуваат или „наслушнале“ дека РКЕ ќе ја промени политиката и ќе почне да гледа и признава трошоци на „Макпетрол“ кои сега не ги гледа? Или пак превземачите ако станат нови доминантни сопственици на „Макпетрол“ ќе успеаат да носат деривати по пониски цени од тие што ги добива „Макпетрол“ и за нив ќе биде сосема профитабилна маргината што ја остава РКЕ при утврдување на цените на нафтени деривати кои ги користи при утврдување на малопродажните цени на горивата.
Едно од овие две е сигурно!
Само уште не знаеме кој е правилниот одговор на дилемата. Но ќе дознаеме доколку има промени во сопственичката структура на „Макпетрол“...
Што може да се случи ако КХВ одобри објава на понуда за превземање?
АКо КХВ деновиве позитивно одговори на барањето на „оф-шорците“ тогаш ќе видиме колку акционери ќе реагираат и ќе продадат на понудената цена. Со оглед на тоа колку акции досега се истргувани откако беше официјално објавено дека компанијата сака да превземе не треба да се очекува нешто сензанционално. Затоа што многумина уште ги паметат цените за акција од 2 до 3 илјади евра за акција.
Но законот дозволува понудувачот во одреден рок да ја менува понудената цена. А ќе видиме колку на „Андреја и компанија“ им дошло до „Макпетрол“ и дали се подготвени да дадат и тие понуда за откуп на акции. Ова сценарио би било во интерес на малите и напатени акционери... Но дали ќе биде така ќе видиме, вака малку делува утописки!
Р.Ф.