29 Септември, 2024
0.0401

„Макстил“ за три месеци од извоз приходувал 19,5 милиони евра

Објавено во: Анализа 29 Октомври, 2014

Добивај вести на Viber

Обемот на продажба е зголемен за 31 отсто за трите квартали во споредба со истиот период лани. Челичарницата „Макстил“ успеала да го зголеми извозот за 1,2 милијарди денари (околу 19,5 милиони евра) за три месеци од јули до септември во споредба со претходните шест месеци годинава, покажува официјалниот неревидиран биланс на успех што го објави таа компанија на интернет страницата на Македонската берза. Извозот на „Макстил“ во овие три месеци пораснал за 67 отсто. А достигнал вредност од 2,96 милијарди денари (безмалку 50 милиони евра) од почетокот на годинава до крај на септември. Во споредба со првите девет месеци лани во периодот јануари – септември годинава извозот на „Макстил“ пораснал за 36 отсто. Податоците за последниот квартал, третото полугодие годинава, покажуваат дека „Макстил“ значајно ги зголемил своите продажби во странство. При тоа од билансот на успех забележливо е дека компанијата значајно ја зголемила и својата залиха што значи дека во овој период продуктивноста е значајно висока. Залихата на крајот на третиот квартал е 747,3 милиони денари и бележи раст од 200 милиони денари во однос на состојбата на почетокот на 2014 година. Зголемениот обем на работење на „Макстил“ е соодветно рефлектиран и на расходната страна на билансот на успех. Во овој период трошоците се значајно зголемени и нивото на оперативни расходи е 3,69 милијарди денари ( над 60 милиони евра). Нивото на трошоци е повисоко за 1,37 милијарди денари во споредба со истиот период лани. Најголемо учество во расходите, очекувано, имаат трошоците на „Макстил“ за суровини и други материјали и тие изнесуваат 2,84 милијарди денари. Во споредба со истиот период лани бележат раст за 1,21 милијарда денари (околу 20 милиони евра). Втора по големина расходна ставка на оваа компанија се трошоците за вработените и тие во споредба со истиот период лани бележат раст од 11 отсто и достигнуваат износ од 277,4 милиони денари. Процентуално гледано најголем раст има кај ставката за трошоци за услуги од материјален карактер и таму има зголемување од 39 отсто во споредба со истиот период лани. Нивниот износ е 209,57 милиони денари. Сите овие параметри укажуваат на зголемената продукција во „Макстил“ и на солидниот раст на продажби што оваа компанија успеала да ги реализира особено во периодот јули-септември. Финансиските расходи на „Макстил“ во првите девет месеци годинава изнесуваат 75,7 милиони денари и според податоците од билансот тие се во ставката: камати, курсни разлики и слични расходи. Наспроти нив финансиските приходи беа 11,9 милиони денари. Нето добивката на крајот од трите квартали изнесува 2,4 милиони денари и бележи намалување од 23 отсто во споредба со истиот период лани. Р.Ф.