28 Септември, 2024
0.2526

МАЛИ ФИРМИ НА ДОМАШНА АДРЕСА: Бизнисот се спротивстави, Владата ќе попушти?!

Објавено во: Анализа 17 Мај, 2014

Добивај вести на Viber

Ќе успее ли бизнис секторот да ја стопира владината идеја за според која компаниите не ќе може да се регистрираат на домашна адреса, туку ќе мора да бидат регистрирани во деловен простор? Предлог измените на законот за трговски друштва беа дочека на нож од страна на стопанството и за само два дена од објавата на предлогот предизвикаа бурни реакции. Стопанственците алармираат дека тоа ќе значи сериозен финансиски удар за малите фирми. Во предлог измените на законот за трговски друштва пишува : „Седиштето на трговското друштво мора да биде во деловен простор во сопственост, или владение на трговското друштво,“ стои во измените на законот за трговски друштва. Ваљон Сарачини, министер за економија во заминување, изјави дека причината за овој предлог била поради тоа што во последно време се правела злоупотреба на повратот на ДДВ.
„Тоа е само предлог законско решение кое е поставено на веб страната ener.com.mk и да се слушнат сугестиите од компаниите и стопанските комори. Се уште не е пратен законот во владина процедура. Треба да се одржи јавна дебата, да се слушнат стопанствениците за да можеме да донесеме заклучок дали има или не потреба од измени и дополнувања на Законот за трговски друштва, изјави Сарачини.
При тоа тој потенцираше дека причината за овој предлог е бидејќи во последно време има  злоупотреба на повратот на ДДВ.
„Многу компании имаат иста адреса со местото на живеење. Се случува управител или директор на некоја копанија која е регистрирана на домашна адреса многу често за набавка на персонални средства да бара поврат на ДДВ. Тоа е злоупотреба на повратот на ДДВ и затоа сакаме да го стопираме тоа. Но, во ниту еден случај нема да дозволиме да трпи малиот бизнис поради едно вакво законско решение, додаде Сарачини.
Ваквата идеја е спротивна на досегашните напори за олеснување на регистарција на фирмите и водење бизнис, велат за Фактор од организацијата на работодавачи.
„Ако е точно дека сите фирми ќе мора да бидат регистрирани во деловоно седиште, тоа за многу помали компании ќе биде финансиски удар. Тоа е спротивно на измените кои досега се правеа а со кои се олеснуваше отворање на фирма, намалување на износ за регистрација и не гледам сега зошто се носи ваква мерка со која се отежнува бизнисот. Еве, замислете дека правите софтвери за некоја странска компанија и работите од дома – малку е нелогично. Може да се воведе определување на дејности за кои ќе важи тоа и кои не ќе може да водат  бизнис на домашна адреса, (иако тоа пак е решено со други закони), но тоа никако не може да важи за сите, биејќи ќе биде удар особено за малите фирми“, вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.
Малите бизниси нема да ги преживеат овие законски измени ако стапат на сила, велат за Фактор од Конфедерацијата на работодавачи.
„Во ред е да инсистирате на сузбивање на сива економија, елиминирање на работа на црно, но ова е трошок за малите и микро компаниите. Тие пак речиси 90% функционираат од дома. И сега ко треба да прават пререгистрација од станбен во деловен простор тоа ќе доведе до гаснење на многу фирми. Тоа е така бидејќи повлекува многу други трошоци за пререгистрација, односно ќе треба геодетски елаборат, дозволи од општина, пререгистрација од приватен во  деловен објект, потоа индустриски трошоци за струја и вода, потоа исполнување на услови за безбедност и здравје при работа, и многу други честитки ќе следуваат. Тоа, малите фрими не ќе може да го издржат“, вели Миле Бошков, од Конфедерацијата на работодавачи.
Но, уште една забуна внесува објаснувањето на предложените измени на Законот за трговски друштва, каде е појаснето дека, со предложеното решение се предвидува избегнување на можноста седиштето на друштвото да биде домашната адреса на основачите, или на управителот на друштвото. Ова ја отвора дилемата, што со оние бизниси кои се водат на локација која е регистрирана како деловна просторија иако истиот објект е и место на живеење на сопственикот?
„Во контакт сме со министерството за економија за да видиме прецизно за што се однесува и која е целта за носењето на оваа измена. Првичните реакции на нашите членки посебно од микро и малите фирми од ИТ-секторот, он-лајн тргување, проектантски бироа, консултатнти е дека тоа ќе претставува дополнителен трошок, ако треба да го преместуваат бизнисот на друга локација од сегашната, која е регистрирана како деловна просторија иако истиот објект е и место на живеење на сопственикот“, вели Митко Алексов од Сојузот на Стопански комори.
Практично најавените измените внесоа забуни и кај сопствениците на малите бизниси, кои еден ист објект го имаат поделено и регстрирано деловен а дел како приватен објект за домување. Па со тоа имаат иста адреса на живеење со адресата на деловниот објект во која е нивната фирма. Еден конкретен пример за тоа е и случајот на еден бизнисмен од Македонија, кој куќата во кој живее ја има поделено на два дела – половина станбен простор, а половина е деловен простор. Тој, поседува пекара која е сместена во куќата каде што тој живее. Пекарата, работи веќе неколку години со сите потребни дозволи. Пекарот, дење е горниот кат од куќата - со фамилијата, а ноќе е на приземјето од истата куќа - во пекарата, каде освен тој работат има и  уште неколкумина вработени. Неговата адреса на живеење, се совпаѓа со адресата на која е седиштето на неговата фирма, а е пријавена како деловен простор. Како се врши пререгистрација? Во измените на законот за  трговски друштва е објаснето дека, согласно  член  60 од Законот, седиштето на  трговското друштво е местото коешто е запишано во трговскиот регистар. Tрговското друштво може да го промени седиштето. Промената  на седиштето, согласно член 61 од Законот, се врши на начин и според постапка определени во изјавата за основање на друштвото од едно лице, со договорот за друштвото, односно со статутот. Како задолжителен  елемент во  актот за основање  кај сите видови субјекти на упис, предвидени со Законот, произлегува дека седиштето на друштвото е задолжителен  елемент за  упис во Единствениот трговски регистар. Секоја промена на седиштето резултира и со приложување на пречистен  текст на актот  за  основање  при  поднесување на пријавата за упис на соодветна промена. Н.С.