Манчевски: Власта ги богати пријателите со реновирањето на Обиколницата
Објавено во: Македонија 28 Октомври, 2016
Дамјан Манчевски од СДСМ упати жестоки обвинувања против власта која задачата за реновирање на Обиколницата оштетена од поплавите му ја доверија на „Трансмет“ фирма во сопственост на Сеад Кочан кој стои и зад телевизија Нова. Според Манчевски ова е скандалозно бидејќи власта си ги богати своите пријатели на сметка на граѓаните кои и по три месеци чекаат на итната санација на автопатот на скопската обиколница.
„Поминаа скоро три месеци од катастрофалната поплава којашто одзеде животи на 23 наши сограѓани, обиколницата се уште е оштетена и ништо не е направено. Со оглед на итноста до сега одамна требаше да почне да се работи за санација на состојбата. Откако после три месеци ништо не направи власта реши работата за санација на обиколницата да ја даде на фирмата Трансмет, се работи за фирма чии сопственик е блискиот пријател на Никола Груевски, Сеад Кочан. Се работи за истиот оној човек којшто Никола Груевски го споменува во бомбите како оној со Сеат Ибица, кога мести и други тендери за него. Се работи за фирма којшто само за 2012 година до денес, има добиено над 63,4 милиони евра работа од страна на државата. И, се работи за истиот човек којшто ја отвори Телевизија НОВА, наменски за да ја фали власта пред избори“ изјави Манчевски.
Веднаш по смената на власта на 11 декември, новата и одговорна влада предводена од страна на СДСМ, ќе го реши проблемот со одведување на атмосферските води на обиколницата и ќе побара одговорност кај политичарите чии постапки доведоа до страшните последици од поплавата.