10 Декември, 2024
0.0588

Медена лекција за пелин нација

Објавено во: Колумни 21 Јануари, 2020

Добивај вести на Viber

Ма гонете се со вашиот лажен морализам, убавината ќе го спаси светот! Тоа ми паѓа прво на ум после морализаторските ставови низ медиумите и социјалните мрежи по повод новиот македонски филм „Медена земја.“ Но, пред да се „пресметам“ со ваквите псевдоморализаторски и песвдопатриотски ставови, сакам сосема накратко да се осврнам на филмот perse, на филмот како естетички феномен, на филмот како она што е – уметност. Особено, затоа што таквите анализи беа ретки во јавниот дискурс деновиве.

Затоа, јасно и гласно – филмот е ремек дело! Еден од поубавите филмови во современата македонска кинематографија. Со што го заслужува овој епитет? Со неколку важни карактеристики. Прво, филмот е жанровски уникатен. Хибридноста на филмот, е неговата најдобра карактеристика. Тенката линија која филмот цело време ја следи помеѓу документаристика и фикција е уникатно филмско остварување во светски рамки. За да се постигне тоа, прво потребно е ѓаволски многу работа. Јас не знам скоро ништо ниту за режисерите, ниту за процесот на снимање, но некои од моите претпоставки откако го изгледав филмот, се потврдија подоцна, истражувајќи за филмот. Претпоставив, гледајќи го филмот дека екипата го снимала долго време, многу долго. И тоа ми се потврди – го снимале филмот цели три години. Потоа, претпоставив дека имале огромен снимен материјал од кој педантно го издвоиле тој час и половина што ни е прикажан нам. И тоа ми се потврди подоцна – некаде прочитав дека имале над 500 часа снимен материјал. Тоа значи, ужасно многу работа во монтажа, продукција и постпродукција. Тоа е подвиг само по себе. И тоа, претпоставувам со лимитиран буџет! Тоа веќе доволно говори за почитта што треба да ја искажеме кон авторот на било кое дело. Во ова мрзливо, злобно, критизерско мочуриште во кое со децении живееме, тоа е херојски чин!

Понатаму, таа жанровска хибридност му овозможува на филмот да си „игра“ и со обата жанра. И токму таа игра го прави феноменален. Па, погледнете на пример - во филмот имате толку јасно исцртани каректери, што е крајно нетипично за документарен филм – секој од „актерите“ е јасно профилиран карактер. При тоа, имате „глума“, иако никој од нив не е актер, глума, која го поткрепува токму тој и така исцртаниот карактер, онака како што го виделе режисерите, но и онака како што сакале да ни го претстават. Да, некои сцени веројатно се инсценирани, изрежирани и со тоа авторите бегаат од жанрот документаристика, но по ѓаволите и со вашата жанровска шаблонизираност и вашата лажна морализаторска проповед! Уметникот си игра, уметноста е игра! И има право на тоа.

„Медена земја“, исто така е „најфилмскиот“ филм, каков што одамна немам гледано. Филмот како таков, е уметност на подвижните слики, и токму тоа тука е демонстрирано на брилијантен начин – филмот раскажува низ сликите и првенствено низ сликите. Дијалозите се само поткрепа на она што низ сликите веќе се развива пред нашите очи. Целата нарација е водена токму од сликите и тоа е водена до совршенство. Филмот е визуелно магичен, ретко привлечен. Во прилог на тоа е и маестралната фотографија. До овој филм, мислев дека Манчевски е мајстор на фотографијата, но после „Медена земја“, мислам дека тронот е превземен!

Да не ги набројувам другите, строго естетичко вредни, страни на филмот, како на пример, извонредниот усет за музичката илустрација. Таа толку ненаметливо го следи филмот, толку непретенциозно, што е вистинска реткост за понов македонски филм. Да не зборувам за камерата, за „чудното“, „недокументаристичко“ кадрирање... Но, да не биде дека во естетска смисла, филмот заслужува само пофалби, морам да го забележам следново: филмот е најмалку философичен. За мој вкус и премалку. Тоа не е длабок, философски филм. Во таа смисла, тој е типично „холивудски“. Метафорите се предвидливи, аналогиите јасни, алузиите плитки, алегориите бледи... Од оваа перспектива, филмот е само визуелен спектакал и ништо повеќе. Но, веројатно авторите биле и со тој ниет – да направат визуелно чудо. И им успеало. Во таа смисла, за мене приказната е второстепена.

Токму и затоа бесмислени ми се сите морализирања и „патриотизирања“, особено бесмислени, дури и неточни ми се гледаат сите анализи од перпектива на постоколонијална критика. Ако некаде може да се примени оваа концептуална рамка за објаснување, веројатно би можело да се аплицира на „Пред дождот“, затоа што тој и во својата идеја, и во својата тема, но и во нарацијата и во приказната...раскажува токму една таква приказна – „типично Балканска“, што не е случај со „Медена земја“. „Пред дождот“ ја има прифатено западната (Саидовата и Тодоровата) постколонијална конструкција. „Медена земја“ со ништо во приказната не алудира на „балканските состојби“, најмалку „автостигматизира“, ниту го прикажува Балканот и Македонија од таа постколонијална перспектива. Каде видовте вие дека се раскажува во филмот за Македонија!? Можете слободно да замислите дека е бајка, снимен на Месечината, во студио во Холивуд, било каде... филмот никаде не реферира – а веројатно тоа е намерно од страна на авторите – ниту на локација, дури ниту на време, во кое е лоциран. Затоа неговата порака е универзална. И не, не нè стигматизира нас балканците, нималку македонците како диво, неразвиено, егзотично племе. И особено – не, филмот не го прифаќа западниот постколонијален дискурс наметнат врз „дивиот“ и егзотичен Балкан, во духот на постоколонијализмот, напротив, тој е бунт против сиот западен козумеризам, против сиот капиталистички и неолиберален дискурс. Тој не го повикува развиениот „запад“ да нè спаси, не му се угледува на западот, не ја третира „сиромаштијата“, натуралноста, вредноста на „истокот“... како грев од кој западот треба да нè избави, ами повикува ние да го избавиме. Филмот ја слави различноста, не ја повикува „истоста“ на западот да нè нормира. Не, филмот го нема „западот“ како рамка на нормирање, тој не повикува да се нормализираме во однос на нормата – западот, ами напротив, нормата е прикажана овде, нормата е вредноста на натуралноста на духот. Филмот е нашата норма, нашата лекција за „нормалниот запад“. Ова е антикапиталистички филм, антизападен!

Каде ја видовте вие во овој филм сиромашната, бедната Македонија која пека по развиениот „запад“!? Јас никаде! Тоа може да го види само искомплексиран ум, кој не ја знае сопствената вредност. Ум кој е несигурен во својата лична, но и национална вредност. Самото толкување на филмот во постколонијален клуч е постоколнијално! Таквиот ум е заробеник на постколонијализмот, кој не ја гледа вредноста во таквата Македонија. И на крајот – не, не е Македонија номинирана за Оскар, не! Авторите, уметниците, поединци се номинирани за Оскар. Олабавете со патриотизмот! Затоа, по ѓаволите со вашите постколонијални критики, по ѓаволите со вашето морализирање, по ѓаволите со вашиот патриотизам! Седнете, работете нешто три години, монтирајте го две години, запотете го газот и понудете го на светот како вредност! А до тогаш, учете од медената лекција!


Трајче Стојанов

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

Асад избега – што ќе биде со Сирија, Блискиот Исток и војната во Украина

Асад избега – што ќе биде со Сирија, Блискиот Исток и војната во Украина

Чекајќи го Трамп – Зеленски за членство во НАТО ќе даде и територии

Чекајќи го Трамп – Зеленски за членство во НАТО ќе даде и територии