28 Септември, 2024
0.0255

МЕСО, ЛЕБ, МЛЕКО… Поскапите струја и бензин ќе ги изгорат и другите цени!

Објавено во: Анализа 02 Јули, 2014

Добивај вести на Viber

Поскапувањето на струјата и нафтените деривати, ќе влијаат и врз нагорни корекции на дел од основните прехранбени производи. Лебот веќе поскапи, најверојатно нови повисоки цени ќе има и во месната индустрија. Засега нема информација дали ќе има поскапување и на млекото и млечните производи. Единствено иста останува цената на јајцата.

Од месната индустрија велат дека порастот на цената на енергенсите ќе значи и повисоки производствени трошоци, што крајно би влијаело и врз зголемување на цената на крајниот производ.

„Струјата учествува со голем процент во производството, и последното зголемување на цената на струјата ќе значи и повисока производна цена. Во тој случај очекувано би било да има зголемување на цената на крајниот производ. Засега не можеме да кажеме со сигурност, бидејќи цената зависи и од случувањата на пазарот“, вели за Фактор Томе Бабунски, комерцијален директор на Групацијата Агриа.

Дел од бизнисмените од месната индустрија велат дека цените на месните преработки ќе се зголемат, но не поради поскапата струја, туку поради зголемените  цени на суровината на светските берзи.

„Кај нас цената не зависи толку од струјата колку што зависи од светските берзи. Јас очекувам да има зголемување на цените,  бидејќи се очекува пораст на цената на суровината на светските берзи, што пак ќе доведе до зголемување на продажните цени на месните преработки. Засега не може точно да се прецизира кога би се случило поскапувањето и колку ќе биде, бидејќи сепак сеуште не е дефинирана цената на пченката, јачменот, пченицата“, вели Влатко Ѓеоргиевски, Мик Свети Николе.

Лебот веќе неколку дена се продава по повисока цена за два до три денари. Речиси сите фурни ги имаат корегирано цените на лебот, а веќе се во пресметки и за зголемување на цената на белите пецива.

„Наша примарна цел е грижа за нашите потрошувачи и како компанија секогаш се трудиме да понудиме врвен квалитет и голем избор на производи, кои ги задоволуваат вкусовите на сите по најниски можни цени, со најголема почит кон финаниските ограничувања на фамилијарниот буџет. Постојано ги следиме пазарните движења кои понекогаш диктираат нови услови, и поради тоа овојпат е донесена одлука на покачување на цената само на одреден дел од лебовите на „Жито Лукс““, соопштија деновиве од Жито Лукс.

Во текот на утрешниот ден претставниците од мелничко-пекарската индустрија ќе имаат состанок, на кој освен за претстојната жетва ќе се разговара и за последниот бран поскапувања. Дел од упатените во оваа индустрија за Фактор, велат дека засега не можат со сигурност да кажат дали ќе има поскапување на брашното, бидејќи сеуште прават пресметки.

И останатите индустрии, како кондиторската, преработувачите на овошје и зеленчук, млечната индустрија и маслодајната индустрија, прават калкулации за повисоките производствени трошоци.

Цената на јајцата нема да се зголеми

Наспроти поскапиот леб и месо, цената на јајцата нема да се корегира. Од оваа индустрија коментираат дека во моментов се соочуваат со суфицит, поради што доколку ја зголемат цената, вишокот би се продлабочил.

„Во моментов имам голем суфицит кој изнесува околу еден милион јајца дневно. Нас производството ни се зголемува, а граѓаните нека бидат спокојни, јајцата нема да поскапат, дури ние ја намаливме дистрибутивната цена од 5,40 денари на 4,50 денари за јајце. Ние имаме друг проблем, фармите работат со загуба, затрупани со залихи, а немаме извоз. И покрај тоа што ги исполнуваме сите европски стандарди, сеуште македонските јајца немаат одобрение за извознички броеви за да може да ги пласираме јајцата во земјите членки на Европската Унија.  Во регионот, Косово има јајца, Србија исто така, ни остана Црна Гора за пласман на јајцата“, вели за Фактор Вили Кичуков, претседател на Групацијата на живинари при Стопанската комора на Македонија.

Цените и трошоците за живот нагоре, стандардот фиксен

Цената на струјата се зголеми за 3,46 отсто, цигарите за 4 до 5 денари, бензините за два денари, а бранот поскапувања продолжи и во другите сектори.

Според гувернерот на Народната банка Димитар Богов, новиот бран поскапувања бил очекуван.

„Овој пораст ние го предвидовме до некаде, така што тој е вграден во нашите проекции и нема воопшто да ги промени нашите проекции за оваа година“, изјави гувернерот Димитар Богов.

Но како растат цените, така се зголемуваат и трошоците за живот. Според последните податоци, синдикалната минимална кошница минатиот месец изнесувала 32.134 денари - толку пари му биле потребни на едно четиричлено семејство за основните животни потреби. Најмногу пари од поторшувачката кошница, дури 74 отсто, завршуваат за храна и сметки, остатокот за хигиена, превоз, лекови, облека и обувки. Од друга страна просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во април 2014, изнесувала 21.175 денари.

Европскиот Завод за статистика пресмета дека цените во Македонија не се ни половина од европскиот просек. Во најновиот извештај Евростат посочи дека потрошувачките цени во Македонија се на ниво од 47 отсто од просекот во ЕУ. Но истата оваа европска статистика пресмета дека Македонија е со најнизок животен стандард, односно само 35% отсто од стандардот на Европеецот, што ја прави земјата трета најсиромашна во Европа. Во Европа и оние земји кои важат за најскапи, во исто време имаат граѓани со најсилна куповна моќ и животен стандард кој е дури и над 100 проценти повисок од европскиот просек.

Ј.С