МЕТАР КВАДРАТЕН ВО СКОПЈЕ СТАСА ДО 1.500 ЕВРА: Станови за продажба нема, а уште ќе поскапуваат
Објавено во: Економија 08 Јануари, 2022
Цените на становите пораснале за 40 отсто досега и поскапувањето ќе продолжи, тврдат претставниците на градежните комори. Зголемувањето на цената било поради растот на цените на градежните материјали, трендот на зголемување на платите во градежниот сектор кој влијае на зголемување на цената на крајниот производи, како и на ограничување на понудата, што, како што велат, се јавува како последица на мораториумите за градење и суспендирањето на деталните урбанистички планови, пренесува МИА.
Градежната фела на крајот на минатата годината испорача барања до Владата за антикризни мерки заради порастот на цените на градежните производи и репроматеријалите при јавните набавки, каде е пропишана фиксна цена во тек на изведба и јавните набавки и каде единствен услов за нејзино добивање е најниската цена.
„Во моментов зголемените цени на градежните материјали се одразуваат во голема мерка и ќе се одразат уште повеќе на цената на становите. Во моментов се многу оштетени компаниите кои работат на јавни набавки во кои главен норматив за добивање на јавната набавка е минимална цена. Проблем се и јавните набавки каде е пропишана фиксна цена за целото време на траење на проектите. Мораториумите за градба во Скопје и поскапувањето на цените на градежните материјали си го направија своето и сега становите поскапуваат. До каде ќе одат поскапувањата зависи од многу фактори, а пред се од куповната моќ на граѓаните и од исплатливоста за градба во одредени подрачја, изјави Андреа Серафимовски, претседател на Здружението на градежништво, индустрија на градежни материјали и неметали при Стопанската комора.
Според претседателот на Градежната комора при Стопанската комора на Северозападна Македонија Салим Хасани, градежните компани во периодот на ковид-пандемија, иако со намален интензитет работеа со позитивни биланси, но поголемиот развој зависи од отворањето нови инвестиции за стандардни градби, кои се неопходни да ги има во континуитет.
– Сè помалиот број локации не оди во прилог на развојот на оваа многу важна гранка на економијата. Енормното покачување на цените на речиси сите компоненти од градбата кај инвеститорите создава резерви при планирање на идните градби, прашање е дали куповната моќ ќе може да го следи овој тренд на пораст на цени. И по логика, ако имаме намален број градби, ќе имаме поскапување на цените на становите, а од друга страна, намалување на обемот на работа за градежниците. А со тоа и неможност да ја задржиме работната сила, која секој ден ни бега во странство. Така што, наша сугестија е да се отворат што повеќе можности за градба, ќе биде подобро за сите, ќе имаме поголем развој, вбризгување повеќе пари во економијата, поевтини станови и поквалитетно живење, изјави Хасани.
Ивица Јакимовски, претседател на Градежната комора при Сојузот на стопански комори, пак, вели дека градежниот сектор е подготвен да го промени трендот, со цел да се излезе во пресрет на потребните на граѓаните, доколку се создадат услови за да може да почне со засилена деловна активност.
Податоците од Регистарот на цени и закупнини на Агенцијата за катастар на недвижности, покажуваат дека побарувачката за недвижности за време на пандемијата се одвива како и претходно. Најголем обем на трансакции, вклучувајќи и најголем број продадени станови има во главниот град, во општините Центар, Карпош, Аеродром. Цените се движат во зависност од побарувачката и на поатрактивните локации се повисоки. Се зголемија и цените на становите во подрачјата со помала трансакциска активност поради порастот на цените на градежните производи, услугите, суровините.
Регистарот на цени и недвижности покажува дека во третиот квартал лани имало 9.231 трансакција, значително повеќе во однос на претходните два квартала кога имаше околу 7.500, што се исто така поголеми бројки во однос на претходната прва пандемиска година. Од 9.231 трансакција, 7.277 биле продажби на недвижности, а 1.954 закупи на недвижен имот.
Во третиот квартал годинава, според податоците на Народната банка, недвижностите поскапеле за 5,9 отсто. Во првиот квартал зголемувањето изнесуваше 3,2 отсто, а во вториот 4 отсто. Според тврдењата на приватните инвеститори, квадратен метар станбена површина се продава и до 1.500 евра во општини како Центар и Карпош.
Статистичкиот годишник на Државниот завод за статистика покажува дека во 2020 година биле изградени 4.077 станови, а во 2019 година 6.069 , односно помалку за 32 проценти.. Во 2018 и 2017, пак, биле изградени 5 436, односно 5 622. Во 2020 година биле издадени 2983 одобренија за градење, од кои во високоградбата 1 596, а 394 во нискоградбата
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.