Мицкоски од Самитот Македонија2025: ЕУ останува наша цел, но треба да научите да победувате во Вашингтон, Брисел, Берлин, Париз

Објавено во: Економија 12 Мај, 2025 10:51
ЕУ беше, е и ќе остане наша цел, но за жал, ние сме единствената држава во Европа која нема предизвици втемелени на постигнувања или друг тип критериуми што важат за другите земји кои станале или се во процес да станат земји членки, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски на Самитот Македонија 2025.
За нас, напомена, тие критериуми се од сосема поинаква природа.
- Дел од тие отстапки правени во минатото од голем дел од политичарите, се резултат на некои процеси во кои самите тие биле вовлечени па биле притиснати до ѕид и немале каде, дел од лекомисленост и чековерност, а дел од национална исплакнатост и неводење грижа ниту за жртвата дадена во минатото, ниту имале можност да имаат визија за иднината и сега, оваа Влада треба да живее со сето тоа и да се бори, дел од тој простор што некој претходно го зафатил, да го освои повторно. Тоа е тешко, не е лесно, но ќе се бориме - подвлече Мицкоски.
Во таа борба, дополни, посветеноста е апсолутна.
- Наша стратегија беше да го зафатиме теренот и да ги претставиме нашите аргументи. Тоа е демократската алатка што ја имаме на располагање, немаме друга. Ние сме еден од најмалубројните народи и држави во Европа и тоа е единствениот начин. Тоа значи дека треба да бидеме два, три пати подобри од сите други ако сакате да звучите логично и другите да ве разберат и треба да научите да победувате и во Вашингтон и во Брисел и во Берлин и во Париз и во Рим,... ако сакате да испратите поинаква порака од онаа што била слушана години наназад - нагласи премиерот.
Мицкоски на денешниот Самит истакна дека првиот ден од стапување на функцијата се соочил со многу предизвици, но како што рече испорачуваат резултати за подобар живот за граѓаните.
- Нешто повеќе од 10 месеци од формирањето на новата Влада, некаде околу 1 година од завршување на изборите, период кој би рекол полн со предизвици, период во кој што сите заедно учевме работи кои за прв пат ни се случуваа, не само на нас, туку и на граѓаните во целина. Период во кој што ако треба да дадам прецизен одговор на тоа дали тоа што го затекнавме првиот работен ден беше согласно нашите очекувања, тогаш би рекол дека сме биле оптимисти. Но, не би сакал сето тоа сега да се претвори во озборување на тоа што било порано.
Едноставно предизвиците беа големи, сметката на Владата беше негативна, дури би рекол во пост-конфликтна во 2002 година таа беше позитивна, овој пат се случи да биде негативна. Ако тоа го прикажеме со бројки некаде 12 милијарди денари, или 200 милиони евра и секој ден имавме нови непријатни изненадувања, за волја на вистината имаме сеуште. Но, тоа е наш проблем. Јас сум свесен дека луѓето имаат очекувања сега и веднаш за многу работи да се случат, и тоа е природно. Повеќе од 3 децении премногу ветувања, но многу малку испорака. Треба ние да работиме затоа што резултатите веќе доаѓаат - кажа премиерот Мицкоски.
На прашањето што било најтешко со кое што се соочил од почетокот на мандатот, Мицкоски посочи дека тоа било несреќата во Кочани, за која како што рече тоа е најтешкиот ден во неговиот живот.
- Во политичка смисла беше оној ужасен настан кој се случи во Кочани. Најтешкиот ден во мојот живот. Се сеќавам тоа утро некаде три ипол беше кога човек тропаше на врата во мојот дом, тоа беше човек од обезбедувањето на министерот за внатрешни работи, бидејќи не го гледав телефонот. Веднаш се со земав и прво што направив ги повикав луѓето од мојот тим да се упатиме во Кочани, некаде 5 часот наутро пристигнавме. Таму беше веќе министерот за внатрешни работи, бевме потоа и во полициската станица. Се сеќавам дека во целата таа ситуација логично е како човек да реагирате и да се создадат големи емоции, но треба да се носат одлуки. Доаѓаше помош од секаде, посебно од регионот, а знаете ние за жал немаме брилијантни односи со соседите, би рекол со еден од соседите и тогаш кога треба да носите одлука, треба да водите сметка за сите последици кои што можат да настанат. А од друга страна дел од медицинските лица ви велат, пациенти во така тешка состојба не се за транспортирање. На моето прашање добро што ни е опцијата, ни рекоа опцијата е ние да ги негуваме, и најверојатно ќе имаме и други жртви од денеска, бидејќи првите 72 часа се најкритични - укажа Мицкоски.
Во однос на економските политики Мицкоски нагласи дека во суштина потребно беше стабилизација на државата во оваа прва година, затоа што државата беше во слободно паѓање.
- Во суштина нас ни требаше стабилизација на државата во оваа прва година, затоа што државата беше во слободно паѓање. Кога некој ќе каже не функционираат институциите, јас би рекол немавме институции. И кога се наоѓате во една таква состојба вие прво што треба да направите е тој слободен пад да го сопрете. Не можете вие да бидете преамбициозен, нелогично и нереално доколку се соочувате со основни, суштински проблеми. Ние имаме основни суштински егзистенцијални проблеми кои што се резултат на политики и однесување со децении. И затоа нашата стратегија беше ајде да го запреме слободното паѓање, па потоа да се обидеме да дојдеме до состојба нула, па дури потоа да почнеме да размислуваме на суштински покрупни реформи кои што можат да додадат вредност. И јас мислам дека од тоа што го предвидовме, успеавме да дојдеме до состојба нула или доаѓаме до состојба нула, иако мислевме дека ќе ни треба можеби повеќе од година и половина до две, ценам дека овие перформанси и параметри кои како индикатори се појавуваат, веќе укажуваат на тоа дека доаѓаме до состојба нула, за да можеме потоа да ги развиваме сите параметри кои што планираме да ги развиваме. Главен инпут ни беше да видиме која е нашата стратешка предност, виз-а-ви околните држави, но и генерално што е стратешката предност на Македонија како држава во споредба со другите европски држави.
Сакам да кажам дека нашата економија има голем потенцијал и јас сум убеден дека и во овој момент ние сме со перформанси многу пред сите други. Ќе ве потсетам Светска банка предвидуваше за 2024 година дека ќе имаме раст на БДП од 1,8 проценти. Морам да кажам дека беа песимисти, сепак можеби требаше да дадат шанса да бидат поголеми оптимисти. Ние имавме 2,8 проценти, што не е доволно, но доволно е затоа што во третиот и четвртиот квартал бележиме стапка на раст од над 3 проценти, а за првиот квартал од оваа година имајќи ги предвид првичните индикатори, индустриското производство, туризмот и останатото, не би се изненадил ако имаме околу 3 и пол и 4 проценти, што ќе претставува раст на БДП еден од водечките во Европа -дециден е Мицкоски.
Визијата на Македонија 2025 за домашната економија е нулта толеранција на корупцијата, пет отсто економски раст годишно, пристап до ЕУ и ефикасна јавна администрација.
Како што рече извршната директорка Никица Мојсоска Блажески во воведното обраќање на Самитот, корупцијата е најголем проблем во државата, но земјава се уште нема консензус каква економија сака. Бизнисмените и натаму се перцепираат како профитери, а не како креатори на работни места.
- Има прогрес во Македонија, но другите растат побрзо од нас. Сакаме пазарна економија, а бараме државен интервенционизам, работниците бараат повисоки плати, но не зборуваат за подобрување на нивните вештини. Лесно е да се обвинуваат соседите, Владата, но сите придинесуваме за тоа колку ќе просперира државата. Оваа Влада почна болни реформи, верувам дека гледа малку подалеку од изборниот циклус, истакна Мојсоска Блажески.
Самитот го отвори Виктор Мизо, претседавач на Бордот на директори кој најави ребрендирање на Македонија 2025.
-Има уште многу работа за Македонија да просперира, повеќе странски инвестиции, реформи во здравството и образованието, владеење на правото, борба со корупцијата, порача Мизо, нагласувајќи ја добрата соработка со Владата.
Во фокусот на Самитот се забрзување на економскиот раст, дигитализација, вештачка интелигенција, иновации за економија подготвена за иднината, усогласување на економскиот потенцијал со паметни инвестиции, улогата на дијаспората во националниот раст. Учесниците ќе дискутираат и за децентрализација на моќта - иднината на парите, медиумите и дигиталната слобода, за редефинирање стратегии, за странски директни инвестиции, како и за образование на иднината - обликување лидери, мислители и иноватори.
Можеби ќе ве интересира
ЕДС Инфо поинт: Берзанската струја за петок околу 76 евра за мегават час

КОНФЛИКТОТ МЕЃУ ИЗРАЕЛ И ИРАН ЌЕ ВЛИЈАЕ НА ЦЕНАТА НА НАФТАТА: „Апсолутно ќе има влијанија“, вели Бислимоски

Дали Николоски денес најави ново задолжување од 500 милиони евра од Унгарија?

ПРЕД ЛЕТНАТА СЕЗОНА: Пуштен во употреба реконструираниот пат Охрид - Свети Наум

ЕВТИНИТЕ КОПИИ НА ДУБАИ ЧОКОЛАДОТО ОПАСНИ ПО ЖИВОТ: Пристигна предупредување до купувачите во Велика Британија

Кој заложи 2,5 хектари земја и сончева централа за 2 милиони евра? Произведува домати, краставици и пипер за 12 милиони евра годишно!

ЕСМ бара поскапување на парно греењето за околу 35 отсто, на потег е Регулаторна комисија за енергетика

ЕДНИ ЌЕ ИЗРАБОТУВААТ УРБАНИСТИЧКИ ПЛАНОВИ, ДРУГИ ЌЕ ГИ ПРОВЕРУВААТ – се менува Законот, еве што сѐ ќе биде ново

СО МИНИМАЛЕЦ НЕ СЕ ЖИВЕЕ: Ги прашавме граѓаните дали имаат можност и енергија за втора работа
