Добивај вести на Viber
Компанијата бележи рекордна продажба на домашен пазар, за зголеми добивката за 71 отсто во однос на 2014 година, но ги зголеми и своите обврски за 1,85 милиони евра односно за 27 отсто за само една година!
Македонците платиле над една милијарда денари за производите на прилепската прехранбена индустрија „Витаминка“ што претставува историски најуспешна година, покажуваат податоците од официјалниот биланс на успех за 2015 година што го објави таа компанија на интернет страницата на Македонската берза.
Вкупните приходи од продажба на „Витаминка“ лани биле вкупно 1,67 милијарди денари и се на исто ниво како и во 2014 година. Значаен продор лани „Витаминка“ направила на домашниот пазар затоа што приходот од продажба го зголемила за 75,4 милиони денари односно за 8 отсто до износот што ја надминува психолошката граница од милијарда денари за една година и достигнал износ од 1,04 милијарди денари. Останатите 628 милиони денари „Витаминка“ ги реализирала на странските пазари. Во споредба со 2014 година извозот на „Витаминка“ бележи пад од 10 отсто односно речиси 70 милиони денари, но и со ефективен извоз од 10 милиони евра оваа компанија е една од подобрите извозници што секогаш била нејзина карактеристика.
Оперативната добивка на оваа прехранбена компанија лани надмина еден милион евра односно е 68,1 милиони денари (над 1,1 милиони евра). Тоа е резултат што е за 34 отсто подобар од реализацијата во 2014 година. Оперативните расходи на компанијата лани изнесувале 1,676 милијарди денари и во однос на 2014 година пораснале за 1 отсто. Најголема расходна ставка се трошоците за суровини и материјали кои пораснале за 5 отсто до износ од 941,4 милиони денари. Трошоците за вработени на компанијата пораснале за 11 отсто до износ од 277,7 милиони денари. Овој податок може да е резултат на три работи: прво, дека пораснале платите на вработените што е малку веројатно, второ дека се зголемил бројот на вработени и трето дека ова е резултат на исплата на регрес односно популарниот „К-15“. Веројанто од годишниот извештај на компанијата ќе може да се заклучи што е главниот причинител за растот на трошоците за вработени. Како и да е тој раст е солиден генератор за прилепската и воопшто за македонската економија затоа што веројанто поголем дел од тие средства завршиле во локалната и националната економија или можеби во домашните деловни банки како депозити.
Кај расходните ставки значајни кастрења има кај амортизацијата за 19 отсто до износ од 103,8 милиони денари и особено кај ставката останати расходи каде трошоците се намалени за 64 отсто до износ од 116,45 милиони денари.Финансиските расходи на „Витаминка“ се речиси за 9 милиони денари повисоки од финансиските приходи на компанијата лани. Нето добивката на компанијата е за 76 отсто повисока во однос на 2014 година и изнесува 51,7 милиони денари.
Зголемени обврските на „Витаминка“ за 1,85 милиони евра!
Билансот на состојба покажува дека прилепската прехранбена компанија ги зголелила лани своите обврски за 114,2 милиони денари. Што претставува раст од 27 отсто. Вкупните обврски на крај на 2015 година изнесуваат 541,6 милиони денари. Тековните обврски пораснале за 56,2 милиони денари односно за 22 отсто до износ од 311 милиони денари. Притоа компанијата книжи краткорочен кредит од 69,8 милиони денари, но враќа над 80 милиони денари во ставката останати 0 краткорочни обврски. Зголемени се и обврските кон добавувачите за 24,2 милиони денари во износ од 192,7 милиони денари. Компанијата нема долгорочни кредитни обврски, но затоа има обврски кон добавувачи и останати долгорочни обврски во износ од 230,6 милиони денари што е зголемуње за 58 милиони денари во однос на лани.
„Витаминка“ е една од ретките котирани успешни компании во кои изразито доминантни сопственици се Македонци и тоа физички лица. Најголеми акционери во „Витаминка“ се членовите на семејството Наумоски кои заедно поседуваат 41,72 отсто од акциите со право на глас и тоа: претседателот на Управниот одбор Кирил Наумоски има 29,48 отсто, неговиот син Сашо Наумоски генерален извршен директор има 7,03 отсто, а Марика Наумоска поседува 5,21 отсто. Други поголеми акционери се Кирил Божиноски, поранешен член на Управниот одбор, со 6,04 отсто, Стеван Игнатоски со 5,98 отсто од акциите и Наташа Стојковска со 5,12 отсто од управувачките права.
Р.Ф.