„МИНИ ШЕНГЕН“: Албанија ќе се повлече ако не се вклучи и Косово
Објавено во: Балкан 23 Октомври, 2019
Идејата за „мини Шенген“ наидува на пречки.
Ако Косово не биде вклучено во планот за „мини Шенген“ на Балканот, Албанија најави повлекување од оваа иницијатива.
Албанскиот министер за надворешни работи, Гент Цакај, вели дека вклучувањето на Приштина во регионалниот „мини Шенген“ е суштински услов на премиерот на Албанија Еди Рама и за тоа нема да преговара.
Официјална Тирана смета дека во проектот за подобра и полесна трговска соработка треба да влезат и Црна Гора, Босна и Херцеговина и Хрватска.
Иницијативата за ваквата соработка беше на српскиот претседател Александар Вучиќ.
Лидерите на Србија, Албанија и Северна Македонија месецов ветија во заедничка Декларација за слободно движење на луѓе, стоки, услуги и капитал во Западен Балкан дека ќе работат на подобрување на регионалната соработка со цел зголемување на економскиот раст, привлекување инвестиции и подигнување на квалитетот на животот на граѓаните.