29 Март, 2024
0.0264

Министерот Бектеши ја стартуваше рударската турнеја - Ќе има ли „редефинирање?

Објавено во: Анализа 04 Јули, 2017

Добивај вести на Viber

Министерот Крешник Бектеши ги започна средбите со претставници на рударските компании, а својата „турнеја“ ја стартуваше со посета на веќе етаблираните рудници Тораница, Злетово и Саса каде пред се доби информации за нивната активност и положбата на работниците со цел да се запознае со актуелните состојби во рударството. 

– Ова беше прва од низата планирани посети на министерот Бектеши во рударскиот сектор, кој генерира околу 10 отсто од вкупното производство во државата, а вработува околу 13 илјади граѓани со просечна плата од 28 илјади денари. Притоа, овој сектор учествува со 1 отсто во БДП-то, со 3,85 проценти во извозот, а со 6,04 проценти во увозот, соопшти Министерството за економија за денешната посета.

Министерот за економија на денешните средби бил информиран и за планираните инвестиции во наредниот период, краткорочни и долгорочни, согласно развојните планови на компаниите кои ги предводат рудниците Саса, Тораница и Злетово.

Сепак, за јавноста постои многу поголем интерес за најавените рудници на југоистокот на Македонија каде се одржаа или треба да се одржат референдуми на кои граѓаните се изјаснуваат дали се за или против изградба на нови рудници. 

Денеска Фактор го контактираше Министерството за економија од каде ни посочија дека се уште е рано да се говори за идните чекори бидејќи најпрво Бектеши треба да се запознае со состојбата на терен, да ги види потребите на граѓаните, но и на компаниите со кои државата има потпишано договори за експлорација или експлоатација на рудни богатства. 

Неофицијално постои можност за нова стратегија во начинот на кој се доделуваат концесиите бидејќи очигледно постои голем страв кај граѓаните за можни последици врз животната средина, особено во региони каде пред се зависат од земјоделско производство и туризам. 

Да потсетиме и дека опозицијата предводена од СДСМ пред изборите се залагаше за распишување на референдумите со поддршка за граѓанските иницијативи и најавуваше промени во доделувањето на концесии кои не смеат да бидат на штета на здравјето на граѓаните со рудници кои се премногу блиску лоцирано до градовите, како и за можните последици врз животната средина. Секако, се очекува сега како нова власт да посочат каква е нивната политичка визија за рударскиот сектор, како да се врати довербата на граѓаните и како да се гарантира дека новите рудници ќе ги исполнуваат сите стандарди. 

Потребна е и подетална економска анализа за придобивките и загубите за самата држава со доделување на концесиите за експлоатација на рудните богатства, но еве оставаме простор за новата власт да преземе конкретни чекори и да понуди одговори кои јавноста ги очекува.

Автор: Христијан Станоевиќ


Можеби ќе ве интересира

ДОЈДЕ ПРОЛЕТТА, НО ЗИМА НЕМАШЕ - ДАЛИ Е ОВА НОВОТО НОРМАЛНО И ШТО НЕ ОЧЕКУВА ОВА ЛЕТО? Еве што велат метеоролозите од Балканот

ДОЈДЕ ПРОЛЕТТА, НО ЗИМА НЕМАШЕ - ДАЛИ Е ОВА НОВОТО НОРМАЛНО И ШТО НЕ ОЧЕКУВА ОВА ЛЕТО? Еве што велат метеоролозите од Балканот