МИНИСТЕРОТ МУЦУНСКИ ПРЕД ПАТРИОТСКИТЕ ЗДРУЖЕНИЈА ВЕТИ ДЕКА ЌЕ ЗАСТАНЕ ВО ОДБРАНА НА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА НА МАКЕДОНЦИТЕ ОД ЕГЕЈОТ - еве што се разговарало на средбата
Објавено во: Македонија 27 Јули, 2024
Министерот за надворешни работи на Р. Македонија г-динот Тимчо Муцунски во текот на вчерашниот ден во знак на поддршка на Здруженијата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија го посетил нивното седиште "Беломорски Клуб Читална" во Скопје.
Оваа информација ја објави самото Македонско патриотско здружение В'мбел Егеј на својата фејсбук страница.
„На состанокот со претставниците на здруженијата министерот истакна дека лично тој како и институциите на државата ќе застанат во одбрана на човековите права на Македонците од Егејот и ќе реагираат со сите дозволени политички средства кон меѓународните фактори, како и кон институциите на Р. Грција, за неправдата и штетата која е нанесена кон активистите на Македонците од Егејот со неоснованите забрани за влез во Р. Грција.
Македонците од Егејот преку своите здруженија во претстојниот период ќе побараат прием во амбасадата на Р.Грција , Канцеларијата на ЕУ и Хелсиншкиот Комитет во Р. Македонија при што ќе вложат протестни писма за последните изречени забрани за влез во Р. Грција на нивни активисти, меѓу кои и координторот на здруженијата Сотир Лукровки“, се вели во нивната објава на оваа социјална мрежа.
Натаму, како што нагласуваат од Здружението, тие нудат соработка и мостови, како и идеи за приближувања на двата народи, но, за жал, како што велат, наидуваат на спуштени рампи.
Како што неодамна пишуваше Фактор, претседателот на Македонско-Патриотското Здружение В’мбел Егеј, Сотир Лукровски, објави дека во наредните три години му е забрането патување во соседна Грција.
-После 15 години активизам за Егејското прашање вчера на моја огромна жал моето патување за Овчарани заврши на границата помеѓу Вардарска и Егејска Македонија .
Без никакво образложение добив документ дека во наредните 3 години сум непожелен на територијта на Република Грција, колевката на демократијата.
Се повторува репресијата врз моето семејсто и по цели 76 години од убиствата и прогонот на моите дедовци, татко и чичковци, во модерна европа во 21виот век, пишува тој во објавата.