ВЛАДАТА ПРИЗНА ДЕКА ИМАЛО ТАКОВ ПРЕДЛОГ - Не е именуван в.д. заменик директор на КПД Идризово, еве што објави СДСМ
Објавено во: Македонија 27 Јули, 2024
Од Владата признаваат дека имало предлог поранешен затвореник да биде директор на Идризово, но откако направиле проверки, тој не бил прифатен.
Затоа ја демантираат СДСМ која одржа прес конференција за да ја сподели таа информација.
„Во однос на прес-конференцијата на политичката партија СДСМ го истакнуваме следново: Постоеше таков предлог за именување на в.д. заменик на директор на КПД Идризово, но по направените дополнителни проверки истиот не е прифатен. Лицето нема да стапи на функција, и ќе има ново именување на позицијата на следната седница на Влада.
Во однос на директорот на затворот во Прилеп за секој поединец има пресумпција на невиност, постоењето на кривична пријава без пресуда која е правосилна не е гаранција за сторено кривично дело. Апелираме СДСМ да не шпекулира и да ја дезинформира јавноста“, се вели во владиното соопштение.
Од СДСМ, пак, изјавија дека ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски „до толку немаат кадри за да ги постават по институциите што луѓе што лежеле затвор, со кривични пријави ги става за в.д. директори на затвори“.
Ибрахим Ељези е осуден и лежел 4 години затвор, од 2013 година до 2017 година во Идризово. Кривичното дело за коешто бил осуден е за неовластено производство и пуштање во промет на дрога. Сега истиот овој човек Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ го ствааат директор на затвор КПД Идризово, одделение Велес? Ова не е нормално, рече на прес конференција, Методија Илиевски, советник на СДСМ во Советот на општина Битола.
Велат дека тоа не е се.
„Емил Јанески, со кривична пријава за „несовесно работење„ со одлука на Мицкоски е именуван за в.д. директор на затворот во Прилеп.
Јанески во 2020 година бил директор на ЈКП „Водовод и канализација“ – Прилеп и против него МВР има поднесено кривична пријава за „несовесно работење во службата“ и штета врз буџетот од препријатието во висина од 2.3 милиони денари.
Дури и ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција бараше Јавното обвинителство да реагира и да ги расчисти сомнежите за наводната милионската проневера од Јанески. И сега истиот тој ВМРО-ДПМНЕ го назнаува за в.д. директор на затвор. Надвор од паметот и секоја логика! Ова е класична криминална кадровска политика. За 30 дена Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ имаат секојдневни скандали, промашувања и разочарувања. Немало досега Влада со толку лош почеток, со толку кадровски промашувања, рече Илиевски.