ЕВЕ ШТО ПИШУВАЛО ВО ЗАКАНУВАЧКИТЕ ПОРАКИ КОИ ГИ ДОБИЛЕ ПРАТЕНИЦИТЕ НА ДУИ - МВР работат на расчистување на случајот
Објавено во: Македонија 27 Јули, 2024
На пратениците од ДУИ им биле испратени смртни закани на нивните е-мејл адреси. Освен заканите по нивниот живот, во пораката е напишано дека ќе им се наштети и на нивните семејства, а пораката завршува и со националистичка содржина за со зборовите “Чиста Македонија”. Заканувачките содржини се испратени до осум пратеници на ДУИ, од непознат испраќач.
Случајот во четвртокот бил пријавен до МВР, од каде, пак, известија дека единицата за компјутерски криминал го расчистува случајот.
- Министерството за внатрешни работи информира дека вчера во 13.58 часот во Полициската станица Центар, претставник на една политичка партија пријавил дека на 23.07.2024 околу 18.15 часот од непозната електронска адреса на службените електронски адреси на неколку пратеници во Собранието на РСМ била испратена порака со заканувачка содржина. За настанот е известена Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје и се преземаат мерки за расчистување на случајот, соопштија од полицијата.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши го осудува секое насилство во било која форма.
- Пратениците се директно избирани од граѓаните и додека слободата на говор е неприкосновена, таа не смее да ја загрозува слободата на другите. Анонимноста во испраќањето такви пораки или на социјалните мрежи може да му даде на испраќачот чувство на неказнивост, но мора да признаеме дека нашите институции се активни и способни. Претседателот Гаши е уверен дека испраќачот ќе биде идентификуван и соодветно санкциониран. Во демократско општество нема место за закани ниту за вознемирување во било која форма, се нагласува со соопштението од кабинетот на Гаши.