Министрите што доаѓаат од странство се поимотни од домашните
Објавено во: Македонија 22 Јули, 2024
Објавувањето на анкетните листови на политичарите, пратениците и функционерите ја исфрли на површина разликата меѓу домашните политичари и оние што доаѓаат од странство. Прегледот на имотната состојба на сите нив покажува дека оние политичари кои потекнуваат или доаѓаат од друга држава располагаат со поголем и поразновиден имот од домашните. Дел од овој имот што го поседуваат, како и заштедите, се наоѓа во странство, најчесто во земјите од каде потекнуваат или каде им започнала професионалната кариера.
Тоа го покажа и имотниот лист на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска која пријавила дека поседува имот како во Македонија, така во земји од каде што потекнува или каде што живеела и работела. Меѓу другото, министерката пријавила два стана во Скопје од 87 метри квадратни и 60м2, стан во Белград 60м2, во Лисабон 72м2, Естепона 90м2 и во Барселона од 82 квадрати, накит и уметнички слики, возило. Погледнавме и во имотните листови на другите досегашни министри и пратеници кои доаѓаат од странство и кои ги пријавиле своите имоти во земјава и надвор од неа.
Такви досега биле Зоран Јолевски, со недвижен имот во Македонија од 660 илјади евра, стан во Тампа, Флорида – Америка како и накит, акции и обврзници во вредност од 140 илјади евра.
Неговиот колега Ставрески покрај имот во Скопје и во Охрид, поседува стан и во Чеви Чејс, Вашингтон ДС во вредност од 150.000 евра и плус уште заштеда од 80 илјади долари и 30 илјади евра во банки.
Некогашниот министер за информатичко општество, Иво Ивановски, во анкетниот лист навел дека поседува недвижен имот од 80 квадрати во Блеклик, Охајо – Америка и 120 илјади евра недвижен имот во Македонија. Веле Самак пријавил трособен стан од половина милион долари во Белеву, Вашингтон – Америка, како и акции во вредност од 20.457 евра, 200.000 долари во пензиски фонд. Виктор Мизо поседува стан во Њујорк, Менхетен, со големина од 85 квадратни метри, во износ од 750.000 долари и заштеда во американската Сити банк од 150.000 долари.
Поранешниот министер за странски инвестиции Бил Павлески тогаш пријавил дека поседува куќа од 329 квадратни метри вредна 250.000 евра во Охрид, куќа од 202 квадрати, од 150.000 евра во Трпејца и акции вредни 550.000 долари. Џери Наумов, поранешен министер за странски инвестиции во анкетниот лист пријавил имот од околу половина милион евра но не во САД, иако од таму потекнува. Никола Попоски, министер за надворешни работи во период од 2011 до 2017 година пријавил дека поседува стан со гаража во Белгија, од 87 квадратни метри, во вредност од 200.000 евра.
Разликата во имотната состојба на министрите со меѓународно професионално искуство и кариера, секој во својот домен и домашните, е евидентна. Првите на функција доаѓаат со богато портфолио и веќе стекната значителна имотна состојба.