29 Април, 2024
0.0274

Монетарната стабилност е 5.2 степени по рихтер за македонската економија

Објавено во: Економија, Колумни 12 Септември, 2016

Добивај вести на Viber

Македонија имала четврт век  монетарна стабилност, пропагандно, без аргументи се пофали власта на јубилеот од самостојноста на македонската држава. Тоа е стилот, ДПМНЕ работи, не дискустира и нема што да објаснува. Треба само да им се „верува“ на  нивната вистина, затоа што нели „многу“ работат. Толку работат што стабилноста ни ја забетонираа, прекардашија со задолжувањето, а растот е понизок отколку кога не се задолжувавме во таков обем.  Во претстојната изборна кампања ќе мора да се разбие овој  загадочен „успех“ на актуелната власт, затоа што навистина не е во ред и натаму да се уверва народот дека  среќата ја прави стабилноста, каде растот и развојот воопшто и да го нема.

Точно е  дека дваесеттина години во земјата се одржуваат релативно стабилни цени и фиксен девизен курс на националната валута. Но, тоа не е неостварливо „чудо“. Доволна е само решеност да се одржува монетарната стабилност по било која цена, а другото е само техника на централната банка со познати мерки и инструменти да ја остварува. А тоа воопшто не е проблем ако нема грижа за тоа како монетарната стабилност влијае врз остварувањето на макроекономските цели-  побрз развој, пораст на личниот и општествениот стандард на вработените и населението, намалување на невработеноста, урамнотежување на економските односи со странство.

Од аспект на монетарната власт, одржувањето на  стабилноста на цените и на курсот на денарот е добро остварена задача. Но, таа не е цел сама за себе.  За макроекономијата тие се само средство, во пазарни услови на стопанисување, да се изнуди поинтензивно и поефикасно вклучување на националното стопанство во меѓународната поделба на трудот, како услов  за одржлив економски и општествен развој на земјата. Тоа значи, стопанските субјекти, вклучувајќи ја и државата, се ставаат во позиција, својата материјално финансиска ситуација да можат да ја подобруваат само преку зголемување на продуктивноста на трудот и економичноста во работењето, а не преку зголемување на цените и преценување на  курсот.

За жал, таквата синергија меѓу монетарната и макроекономската политика изостана. Очекуваните промени и резултати во економскиот развој на земјата  не се случија. Наместо побрз економски развој, земјата западна во замката на ниски стапки на раст. Платите и пензиите се меѓу најниските во окружувањето. Населението е меѓу најсиромашните, а стапката на невработеност е меѓу највисоките во Европа. Интензитетот на задолжувањето на  државата води кон должничка криза и натамошно влошување на развојните перспективи.

Чија е одговорноста ? Нема алиби ниту за Народната  банка, ниту за власта. Воопшто не е за оправдување Централната банка да истрајува врз стратегијата на таргетирање на курсот, дури и откако стана очигледно дека партнерот (владата) во макроекономската политика на стабилизација не ги остварува своите задачи. Впрочем, повеќе од очигледно е дека, нејзината доследност во одржувањето на ценовната стабилност е контрапродуктивна. На пример, за одржување на фиксниот курс спрема еврото Централната банка преземаше мерки со кои одржуваше високи каматни стапки на пазарот на капитал, а тоа неповолно се одразуваше врз инвестиционите зафати на бизнисмените за модернизација и проширување на капацитетите. Неспорно, тоа доведе до намалување на стопанската активност во земјата, односно запаѓање во замката на ниски стапки на раст. Одговорноста е уште поголема ако се знае дека Централната банка, како независна институција, нема обврска да води политика на фиксен курс. Во овој контекст, очигледно е дека примарната вина за деформирање на политиката на монетарна стабилност во рамките на макроекономската политика на стабилизација паѓа на владата.

Со свои активности и мерки  власта ги дерогира пазарните односи во земјата и ги оневозможи пазарните сили да изнудат промени во однесувањето на стопанските субјекти во насока на попродуктивно и поекономично работење. Таа не изгради конзистентна развојна политика во која секој субјект ќе бара свое место на пазарот. Не обезбеди и се’уште нема обезбедено услови во кои ефикасно ќе се санкционираат сите кои благовремено не ги исполнуваат обврските спрема партнерите. Ништо не направи да обезбеди ефикасно санкционирање на незаконитостите во работењето и да ја спречи исплатливоста на криминалот. За жал, рекетирањето на бизнисмените стана метод на полнење на партиските каси на владејачките партии. Со свои волунтаристички мерки ги нарушува ценовните односи во одделни сектори и меѓу нив и го дестимулира преземањето инвестициони ризици. Креира нерамноправни услови за стопанисување меѓу странските и домашните бизнисмени. Со практиката на субвенционирање на платите во странските капацитети го зацврсти трендот на стагнација па и намалување на просечните плати. Со порастот на буџетите владата стана најголем бизнисмен и работодавач во земјата...

Во меѓувреме домашните бизнисмени се „удавија“. Демотивирани, ним не им остана ништо друго туку да се борат само за преживување, а во таква ситуација изостануваат ефектите од политиката на економска стабилизација во која клучна претпоставка е одржувањето на ценовната стабилност.

За позитивни промени е неопходно  да се промени власта, а новата да  утврди   развојна стратегија, со   механизми кои ќе ги обезбедат ефектите од синергијата на монетарната и макроекономската политика. Или, Централната банка да ја напушти доследноста во спроведувањето на досегашната политика, посебно со оглед на фактот што актуелниот „партнер“ не ги спроведува своите обврски, а тој како најголем должник и тоа како има интерес од таквата доследност на банката. Само  на тој начин може да ги прикрие негативните ефекти од задолжувањата.

Доколку ситуацијата остане непроменета бенефитот ќе го имаат единствено  властодршците, затоа што со постојната политика само ќе продолжат да ги  реализираат целите  од веќе започнатиот „поход“, што побрзо не’ задолжуваат толку побрзо се богатат.

Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

АЛКАЛОИД СО НОВ УСПЕХ: продажбата за првите три месеци се зголемила за 13 проценти, инвестиции од 4,8 милиони евра

АЛКАЛОИД СО НОВ УСПЕХ: продажбата за првите три месеци се зголемила за 13 проценти, инвестиции од 4,8 милиони евра

За да увезуваме возила сме платиле многу поголем данок

За да увезуваме возила сме платиле многу поголем данок

КОИ ДРЖАВНИ СЛУЖБЕНИЦИ МОЖАТ ДА СЕ ПОФАЛАТ СО ДЕБЕЛИ ПЛАТИ – се жалат дека им фалат колеги, многумина би сакале да се на нивно место

КОИ ДРЖАВНИ СЛУЖБЕНИЦИ МОЖАТ ДА СЕ ПОФАЛАТ СО ДЕБЕЛИ ПЛАТИ – се жалат дека им фалат колеги, многумина би сакале да се на нивно место

ПРОДАВАЧКА ДОБИЛА ОТКАЗ ПОСЛЕ 68 ГОДИНИ РАБОТА - поради работата не одела ни на меден месец, граѓаните во солзи

ПРОДАВАЧКА ДОБИЛА ОТКАЗ ПОСЛЕ 68 ГОДИНИ РАБОТА - поради работата не одела ни на меден месец, граѓаните во солзи

ЕУ ВОВЕДУВА НОВИ ПРАВИЛА: Голем дел од амбалажата што сега ја знаеме, до 2023 година веќе нема да изгледа исто

ЕУ ВОВЕДУВА НОВИ ПРАВИЛА: Голем дел од амбалажата што сега ја знаеме, до 2023 година веќе нема да изгледа исто

НЕ Е МАРАТОНЕЦ, НО ТРЧА СО БРЗИНА ОД 6 КИЛОМЕТРИ НА ЧАС - Тиангонг е хуманоиден робот кој се движи како ниеден досега

НЕ Е МАРАТОНЕЦ, НО ТРЧА СО БРЗИНА ОД 6 КИЛОМЕТРИ НА ЧАС - Тиангонг е хуманоиден робот кој се движи како ниеден досега

КОЈА ФАБРИКА ЗА ЧОКОЛАДИ „НАБИЛДА“ ДОБИВКА ОД 240 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА ТРИ МЕСЕЦИ - еве кои се причините

КОЈА ФАБРИКА ЗА ЧОКОЛАДИ „НАБИЛДА“ ДОБИВКА ОД 240 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА ТРИ МЕСЕЦИ - еве кои се причините

ЗА ЈАХТИ, ХАЦИЕНДИ И СКАПИ КОЛИ ЌЕ СЕ ПЛАЌА ПОСЕБЕН ДАНОК, ЗА ПЛАТИ НАД 7.700 ЕВРА 40 ОТСТО ПЕРСОНАЛЕЦ - еве какви решенија нуди Левица

ЗА ЈАХТИ, ХАЦИЕНДИ И СКАПИ КОЛИ ЌЕ СЕ ПЛАЌА ПОСЕБЕН ДАНОК, ЗА ПЛАТИ НАД 7.700 ЕВРА 40 ОТСТО ПЕРСОНАЛЕЦ - еве какви решенија нуди Левица

НАЈНОВА СТАТИСТИКА: Србите сѐ помалку бараат работа во странство, младите сѐ повеќе одлучуваат да останат во својата земја

НАЈНОВА СТАТИСТИКА: Србите сѐ помалку бараат работа во странство, младите сѐ повеќе одлучуваат да останат во својата земја