„Монопол“ во Македонија губи 100 работници годишно
Објавено во: Економија 30 Август, 2019
АД Македонски пошти како давател на универзална услуга во поштенскиот пазар во Македонија годишно губи по 100 вработени, иако не е децидно наведено за каков кадар станува збор.
Претпријатието кое има ексклузивно право над пратките до 50 грама, се додека не се либерализира целосно пазарот, во 2016 имало 2.343 вработени, една година потоа 2.244, а ланската година ја завршило со 2.141
Македонски пошти имаше ценовен монопол за пратките до 50 грама до истекувањето на минатата година, но либерализацијата беше одложена за уште една година. Државниот оператор има доминантна позиција од 94 отсто опфат на пазарот на поштенски услуги.
Стопанскиот сектор, Европската комисија како и Светска банка смета дека веќе е време да почне либерализацијата на поштенските услуги, која наместо на почетокот на годинава, се одложи четврта година по ред, овој пат од 1 јануари 2020.
– Либерализација на пазарот на поштенските услуги треба да настапи од 2020 година, со што ќе овозможи сите даватели на поштенски услуги да работат на пазарот и да обезбедуваат услуги под еднакви права и обврски. Сметаме дека либерализацијата ќе ја раздвижи конкуренцијата и ќе донесе значителни поволности за корисниците – изјави неодамна Билјана Аврамоска Ѓореска, директорката на Агенција за пошти.
Забелешките на Европската комисија во делот на поштенската индустрија се барање целосна либерализација на поштенскиот пазар во државата и продолжување на јакнење на административните капацитети на регулаторното тело.
Пратките за кореспонденција (писма) опаѓаат кај универзалниот снабдувач постојано и од 44,3 милиони во 2014 спаднале на 33,3 милиони во 2018. Позагрижувачки е падот на услугата со пакети од 20 отсто. До 2018 Македонска пошта имаше стабилни 110,5 илјади пакети за една година за подоцна тој да биде само 88,5 илјади.
И од Агенцијата за пошти во својот извештај за 2019 го изнесуваат своето загрижување дека се намалува бројот на поштари во Македонија со што се влијае уште понегативно на поштенската услуга.
Секоја година во овој сектор на услуги влегуваат нови мали оператори, а лани имало дури шест старт-апи. Вкупниот број е 34 даватели на поштенски услуги, од кои 15 на цела територија, а 7 и за меѓународен сообраќај. Во приватниот поштенски сектор имало вкупно 830 работници
Во моментов има пад од 7 отсто во обемот на пратките кај Македонски пошти, додека приватните оператори бележат раст од 70 отсто.
А.К.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.