Може ли македонскиот воз да мрдне од слепиот колосек? МЖ Транспорт должи повеќе од 100 милиони евра!!!
Објавено во: Економија 28 Јануари, 2025 07:37
Независните ревизори се воздржале од давање мислење за финансиското работење на МЖ Железници Транспорт во нивниот извештај за 2023 година. За тоа има повеќе причини, а меѓу нив позначајни се тие што за обврските со камати евидентирани на 60 милиони евра и за долговите кон добавувачи евидентирани на 32 милиони евра ревизорите не можеле да ги проверат ниту да стекнат разумно уверување дека податоците се реални и валидни.
Пострашно не може да биде! Ова ќе го помисли секој читател што има минимум економска писменост и волја да го прочита сижето на извештајот на независната ревизија на МЖ Железници за работењето на оваа државна компанија – природен монопол во 2023 година.
Прво паѓа во очи тоа што државната компанија единствена за железнички транспорт во земјава има акумулирана загуба од 104 милиони евра. Покрај тоа уште и фактот што има за плаќање над 6 милиони евра само за 2023 година по основ на затезни камати. Овој параметар и повеќе од доволно сам за себе говори колку е лоша материјално-финансиската состојба во МЖ Транспорт.
Во 2023 година компанијата имала вкупни приходи од 18,8 милиони евра, а годината ја завршила со загуба од 12,3 милиони евра. Независната ревизија констатира дека тековните обврски на друштвото ги надминуваат тековните средства за износ што е повисок од 36 милиони евра.
При тоа ревизорот констатира дека идното работење на друштвото ќе зависи исклучиво од тоа дали компанијата ќе може да обезбеди извори на финансирање. Затоа што во контиуитет создава загуба во своето оперативно работење. При тоа ревизорите навеле дека во 2023 година 9,2 милиони евра се субвенции кои МЖ Транспорт ги добило од Министерството за транспорт и врски како субвенции со кои се покриваат трошоци за регрес за вработените како и за гаранции за кредити што ги земало друштвото, а гарант била Владата.
Дури ревизорот отворено и недвосмислено наведува дека без поддршка од Владата друштвото не би можело да ги подмирува своите тековни обврски ниту контиунирано да ги извршување своите активности.
Ревизорите се оградуваат од давање мислење заради повеќе причини кои таксативно ги наведуваат во нивниот извештај. Една од нив е состојбата на салдо на позајмици со камати. Износот е 60 милиони евра, но проверките што ги правеле ревизорите не им овозможила да стекнат разумно уверување за висината и валидноста на овие обврски. Слична е состојбата и на салдата за обврски кон добавувачи на МЖ Транспорт. Сметководствената евиденција покажува дека друштвото должи 32,5 милиони евра, но проверките на независните ревизори не им овозможила да стекнат разумно уверување дека податоците се реални и валидни.
Инаку податоците од финансискиот извештај на МЖ Железници Транспорт покажуваат дека од меѓународен товарен сообраќај во 2023 година друштвото инкасирало 6,7 милиони евра. А тоа е за 36 отсто помалку од 2022 година. Многу се ниски и приходите од домашниот патнички и товарен сообраќај. Збирот на тие две ставки е помал од 660.000 евра. Од субвенции и помош од Владата друштвото обезбедило 9,2 милиони евра и со тие средства МЖ Транспорт доаѓа до приход од 16 милиони евра.
Н.С.
Можеби ќе ве интересира
НОВИ БИЗНИС ИНВЕСТИЦИИ: Познато е кој ќе ги гради најголемите складишта за електрична енергија?
„Визер“ со нова линија од аеродромот во Скопје - од сега ќе се патува и за Прага
Мицкоски: Мерките на Владата даваат резултати, зголемени бројки на туристи и ноќевања во првите 10 месеци
Меѓународниот аеродром Скопје станува апослутен лидер во регионот по раст и по број на нови понудени места
КЛУЧ НА ДРЖАВНАТА КАСА ИЛИ МИЦКОСКИ ПРОГЛАСИ КАПИТУЛАЦИЈА НА ЕКОНОМИЈАТА! Чупеска за затворањето на трезорот на 15 декември
Кинеската економија во 2025 година и предвидувања за 2026 година
Тактики, а не паника, ја создаваат моменталната вредност на криптовалутите
Страв од вештачка интелигенција: Младите луѓе се префрлаат во квалификувани занаети




