28 Септември, 2024
0.0358

Може ли македонските ИТ експерти да бидат мирни - Како ќе влијаат глобалните откази и кризи?

Објавено во: Економија 25 Јануари, 2023

Добивај вести на Viber

ИКТ секторот во Македонија е најпосакувана дестинација за вработување со оглед на платите кои се над државниот просек и одличните бенефиции за привлекување и задржување кадар. Сепак, глобалните трендови покажуваат мали знаци на загриженост, особено што технолошките гиганти драстично ги кратат работните места. Од друга страна се зголемува и притисокот од останатите конкурентни региони во Европа и низ светот кои ангажираат ИТ професионалци.

Изминатата 2022 година ќе биде запаметена како една од поконтроверзните години во светски рамки. Физиономијата на македонскиот ИКТ сегмент остана непроменета, односно во огромна, ако не и апсолутна мерка (98 отсто) е извозно ориентирана, и е во директна зависност од светските економски текови и настани. Со оглед на тоа што 95-97 отсто од индустријата е сервисно ориентирана, а останатите 3 отсто се продуктно ориентирани насочени на домашен пазар, со определени незначителни исклучоци, индустријата е под директно влијание на глобалната економска состојба, смета Александар Убавков.

Тој е основач на македонско-швајцарската ИТ компанија ИГА, поранешен член на управниот одбор на МАСИТ и поранешен директор на реномирани интернационални и домашни ИТ компании. Со него разговараме за иднината на ИТ индустријата во Македонија и на глобални рамки.

Како би ја оцениле 2022 година за македонската ИТ индустрија, има ли раст, кои беа клучните карактеристики на секторот и што очекувате во годината што претстои?

Убавков: Низата од фактори кои влијаеа на ИКТ сегментот во 2022 година се: крајот на КОВИД кризата и виртуелизацијата на работното место, конфликтот во Украина, кој се прелеа во демографски конфликт, кој резултираше со енегретска криза, за на крајот да заврши со економска криза и нарушен синџир на достава, а тука не смееме да ги заборавиме и кризите од претходните години кои го имаат оставено својот траг, како силицумската криза и трговските конфликти помеѓу двете економски велесили САД и Кина.

Потребата од инстантна дигитализација за време на КОВИД кризата резултираше со неконтролирано вработување, за да се одговори на предизвикот и квантитативно зголемување на човековиот капитал. Овие капацитети, во постковид светот компаниите (е-трговија, малопродажба и производство) не беа во можност да ги искористат за да продуцираат адекватно ниво на додадена вредност.

Во хронологијата на настани не можеме да ја изоставиме кризата на криптовалути, банкротирање на индустриските гиганти на крипто менувачници, што придонесе до огромна скепса кај инвестициските фондови и банките за развој. Сето ова резултираше со драматичен пад на акцииите на берзата, особено кај високотехнолошките компании.

Може слободно да се каже дека ИКТ сегментот во Македонија, за сметка на споменатите фактори забележа раст во првото полугодие на 2022 година играјќи улога на алтернативна дестинација, проследен со забавување во второто полугодие за сметка на економските фактори во западниот блок (САД, Велика Британија и ЕУ).

Очекувањата за 2023 година од моја перспектива се: благ раст во првите два квартали - период на стабилизација и забрзан раст во второто полугодие како потреба за економско - индустриски надомест за кризата. Особено валидно за македонскиот ИКТ сегмент како доминантно сервисно ориентиран е тоа што ќе се најдеме во преден план на развиените економии како дестинација за оптимизација на расходи, што ќе резултира со зголемен раст во второто полугодие.

Големите ИТ и технолошки компании отпуштија над 150.000 вработени досега и тој бран се очекува да продолжи особено доколку економијата влезе во рецесија. На што се должи овој тренд?

Убавков: Пред да тргнеме да го одговараме ова прашање би сакал сите да си припомниме на компаниите кои го редифинираа светот во кој живеевме и придонесоа за сите иновации кои денес ги уживаме (Amazon, Apple, Microsoft, Meta/Faceboook/Instagram, Twitter, Alfabet/Google), во определени случаи и во режим на пожртвуваност.

Токму дел од таа пожртвуваност го разбирам масовното зголемување на оперативните капацитети на компаниите (човеков капитал) за да можат да одговорат на предизвиците наметнати од синџирот на претходно споменати кризи. За жал оперативното скалирање во забрзан режим има своја цена на ефективност и ефикасност која иако била релевантна во периодот кој измина, не мора да значи дека е релевантна во сегашноста и периодот кој претстои.

Не треба да бидеме изненадени, затоа што историјата се повторува, состојбата несомнено потсеќа на „дотком“ кризата во 2000-тите години. Иако навидум ова изгледа како црно сценарио, треба да си припомниме дека токму dotcom кризата се смета за мајка на сервисната - аутсорсинг економија, и уште еднаш да си потсетиме дека 95-98 отсто од македонската индустрија е дел токму од оваа економија. Нефабулозните мерки кои големите технолошки гиганти ги преземаа ќе траат подолго во сеќавањата на луѓето, отколку во нивните стратешки планови, и тие сепак ќе мораат да продолжат да функционираат и да се развиваат во режим на намалени ризици и зголемена флексибилност.

Сервисната економија е одговор за намалување/трансфер на оперативни ризици и овозможување на флексибилност за брзо скалирање и намалување на капацитетите. Сметам дека токму заради ова ИКТ сегментот во нашата држава и регионот ќе бележи благ раст во првото полугодие и забрзан раст во второто полугодие следејќи го принципот, „лекот на некој е отров за друг“.

Како овие процеси ќе влијаат на македонскиот ИТ сектор, може ли да очекуваме затворање на компании особено тие кои се со странски капитал?

Убавков: Како и во секои други кризи кои се карактеризираат со губитници и победници, така и оваа криза ќе има своја разврска. Можеби за прв пат ќе се послужиме со фактот што сме економија во развој, со релативно ниски примања во ИКТ сегментот компаративно со развиените економии, нудејќи многу високо ниво на сооднос квалитет - цена.

Очекувам започнатата тенденција да продолжи и сегментот да расте, но за жал непаралелно со платите во него, заради зголемена побарувачка/интерес. Единствен предизвик со кој би се соочиле е лимитираниот квантитет на македонскиот пазар, и поскоро би се нашле во регионални рамки како дел од западен Балкан.

Како заклучок на посоченото сметам дека економската активност на странските компании во регионот ќе се зголеми кумулативно гледано, што би значело дека би имале поголем број на активни странски субјекти на македонскиот пазар, но може да очекуваме дека некои од странските субјекти би биле со намален капацитет за сметка на новите субјекти кои би влегле на македонскиот пазар. Во оваа состојба единствено посериозен предизвик би имале домашните компании кои оперираат на локален пазар за сметка на растот на платите во сегментот.

Една од главните карактеристики на секторот е аутсорсингот односно ангажирање домашни ИТ експерти за странски проекти. Има ли знаци дека растот на платите во индустријата може да доведе до излез на повеќе странски компании кои се повеќе ги гледаат за примамливи аутсорсинг услугите во Азија?

Убавков: Регионот на Западен Балкан и Македонија како дел од него иако во голема мера функционираат на сервиден модел, не се класичен аутсорсинг и можеби аутсорсинг не е вистинскиот збор за опишување на моделот. Причината за моето тврдење е тоа што нивотото на образование и спремност, како и проблематиките кои се решаваат во Македонија и регионот се многу слични со оние во Источна Евроа (Украина, Романија и Полска), дестинации кои се карактеризираат со високо ниво на квалитет/цена. Иако цените во Азија и Пацификот се многу привлечни, сепак односот квалитет/цена е во наша полза, како и културолошката и временска блискост и географската близина до развиените економии. Доколку би сакале да направиме споредба за алтернативни или конкурентни локации на Западен Балкан, тука би ги издвоил земјите од Јужна Америка, пред оние од Азија и Пацификот.

Колку државниот фонд за иновативност и поддршка на стартапите овозможува дополнителна вредност во ИТ индустријата и колку сме далеку од потенцијалот што го имаат Романија, Бугарија па и Србија?

Убавков: За поздравување се ентузијазмот и желбата на државата за инвестиции во иновативни компании и решенија. Сепак мора да се согласиме дека државните фондови се со лимитиран финансиски капацитет, кој е особено мал за високотехнолошките компании во сегментот на софтверски продукти, што создава потреба за привлекување на приватни инвестициски фондови кои инвестираат во високотехнолошки/дигитални продукти. За изработка и имплементација на софтверски продукт е потребен сериозен тим од експерти, чијашто цена е во рапиден пораст во последните пет години. Државните фондови се погодни за SEED инвестиции (стартап) и во ретки исклучоци Series-A.

Даночната политика за ИТ секторот и македонската економија севкупно постојано се дел од дебатите, но се чини дека тоа што се бараше не е до крај исполнето. Каква даночна предлагате вие за развој на ИТ индустријата во Македонија и што може да очекуваме во наредниот период?

Убавков: Даночната политика е само дел од легалната рамка која има огромно влијание на бизнис климата за развој на еден сегмент, еднакво важно за сите сегменти, повеќе нагласено за ИКТ сегментот. Потребно е да се нагласи дека македонската економија на светско ниво има ниско даночно оптоварување и систем на рамен данок од 10 отсто, кој е еден од најконкурентните даночни системи во Европа.

Последните неколку години бележиме подобрување на легалната рамка, не од даночна перспектива туку од аспект на усогласување со развиените економии, како пример влезот во НАТО и иницијативата за Отворен Балкан нудат можности за работа на доста иницијативи и проекти од различни сфери кои претходоно не беа достапни за македонската економија.

Делот кој претставува најголем предизвик за ИКТ сегментот е делот за социјални придонеси кои се засметуваат на приходите по основ на плата, или теореткото непостоење на горен праг за засметување на придонеси на доходот остварен од плата. Овој предизвик е особен важен за високоплатените и високодефицитарни кадри кои се карактеристични во ИКТ сегментот, придонесувајќи во неконкурентска бруто кон нето конверзија на платите споредено со земјите од регионот.

Многу е важно да се има во предвид дека зборуваме за можеби најдефицитарниот кадар во светски рамки со највисоко ниво на мобилност на интернационално ниво, или со други зборови, овие луѓе на секојдневно ниво одлучуваат дали ќе останат во Македонија или ќе се преселат во странство.

Простор за подобрување постои и во миграциската политика по примерот на соседите, каде  може да се размислува во насока на поедноставување на постапката за вадење на работна дозвола за странци во високодефицитарна дејност како ИКТ.

Х.С.

Можеби ќе ве интересира

ЕВРОПСКИОТ СУД ПРЕСЕЧЕ - познатиот германски синџир супермаркети ги измамил клиентите со реклами за попусти

ЕВРОПСКИОТ СУД ПРЕСЕЧЕ - познатиот германски синџир супермаркети ги измамил клиентите со реклами за попусти

ПОЗНАТ МОДЕН СИНЏИР ГИ ЗАТВАРА СИТЕ СВОИ ПРОДАВНИЦИ! организираат аукција за да се ослободат од имотот

ПОЗНАТ МОДЕН СИНЏИР ГИ ЗАТВАРА СИТЕ СВОИ ПРОДАВНИЦИ! организираат аукција за да се ослободат од имотот

„ДЕНЕС ИМАМЕ ПРИЧИНА ДА СЕ ГОРДЕМЕ“: еве што порача Битиќи преку социјалните мрежи

„ДЕНЕС ИМАМЕ ПРИЧИНА ДА СЕ ГОРДЕМЕ“: еве што порача Битиќи преку социјалните мрежи

ПРВ ПАТ ВО ИСТОРИЈАТА: Холандија произведе повеќе од 50 проценти од електричната енергија од обновливи извори

ПРВ ПАТ ВО ИСТОРИЈАТА: Холандија произведе повеќе од 50 проценти од електричната енергија од обновливи извори

ДАЛИ АМАЗОН ЌЕ ГИ ИЗГУБИ РАБОТНИЦИТЕ - по најавата за враќање во канцеларија, 73 отсто од вработените најавуваат откази

ДАЛИ АМАЗОН ЌЕ ГИ ИЗГУБИ РАБОТНИЦИТЕ - по најавата за враќање во канцеларија, 73 отсто од вработените најавуваат откази

НЕВРАБОТЕНОСТ ВО ГЕРМАНИЈА: За колку се зголеми?

НЕВРАБОТЕНОСТ ВО ГЕРМАНИЈА: За колку се зголеми?

ЕВРОСТАТ: Цените на житарките во Европската Унија се намалија за 14 отсто

ЕВРОСТАТ: Цените на житарките во Европската Унија се намалија за 14 отсто

АРГЕНТИНА: Државата тоне во сиромаштија

АРГЕНТИНА: Државата тоне во сиромаштија

АЛКАЛОИД АД СКОПЈЕ РЕГИСТРИРАШЕ НОВО ДРУШТВО ВО КАЗАХСТАН: Прва подружница на компанијата во Азија

АЛКАЛОИД АД СКОПЈЕ РЕГИСТРИРАШЕ НОВО ДРУШТВО ВО КАЗАХСТАН: Прва подружница на компанијата во Азија