29 Септември, 2024
0.0233

Може ли еврозоната да се откаже од Грција?

Објавено во: Анализа 31 Јануари, 2015

Добивај вести на Viber

Новиот грчки премиер Алексис Ципрас е достоен за својот прекар што му го даде берзата. "Хуго Чавез на Балканот" успеа да ја уништи при преземањето на функцијата во понеделникот пазарна капитализација од околу 10 милијарди евра на Атинската берза. Тоа изненадувачки потсетува на Чавез, пишува германскиот Die Welt. Починатиот поранешен претседател на Венецуела беше познат по тоа што со свои радикални изјави често ги плашеше странските инвеститори во неговата земја. Ципрас, исто речиси веднаш со преземањето на власта изрече цела армада од пораки кои се сведуваат на една единствена цел: Грција нема да продолжи да штеди и нема да ги почитува договорите со донаторите. За голем број на познати економисти во Германија овој став може да значи само едно - наместо да се поднесе на барањата и најверојатно бескрајно да фрлаат пари во Грција, во краен случај Европа треба да ја остави земјата дури и да банкротира. Дури и со ризик тоа да значи и излез на земјата од монетарната унија. "Во суштина помагаат само крајните изјави", вели Фридрих Хайнеман од Центарот за европски економски истражувања (Zentrum für Europäische Wirtschaftsforschung, ZEW) во Манхајм. "Тоа веќе функционира во случајот со Кипар и најверојатно и овој пат ќе е вистинската стратегија". Според него, главниот лост за да изврши притисок врз новата влада е "болниот" банкарски систем во Грција, како во 2013 година во Кипар. Таа е зависна од Европската централна банка и се потпира на континуиран прилив на свежи евра. "Како и во случајот со Кипар, ЕЦБ може да постави јасен ултиматум на Атина - или Владата се постигнува договор со доверителите, или на земјата ќе и 'биде прекинато финансирањето", вели Хаинеман. "Во овој случај - но тоа е краен случај, не може да се исклучи дека незаинтересираноста за реформи и запирање на помошта кон земјата може да доведе до излез од еврозоната", пишуваат економистите од IW со изненадувачка јасност. Јасните заклучоци можеби се поврзани и со новата ситуација на финансиските пазари. За разлика од порано, кога се одржуваа грчки избори или имаше други политички немири во Атина, овојпат другите земји од еврозоната не беа повлечени во берзански хаос. Засега Грција штета ја фрла само пред себе. И тоа е најјасно видливо на пазарите на обврзници. Од изборите наваму тригодишени грчки државни обврзници забележаа сериозен раст на профитабилноста од 10 до речиси 17%, највисоко ниво од преструктуирањето на долгот во 2012 година. Меѓу финансиските кругови се смета дека при камата над 7% заемите стануваат неостварливо скапи и земјата мора да се обрне кон партнерите и финансиски институции. Но екстремниот пораст на приносот во голема мера е изолиран настан кој е едвај забележлив на други периферни пазари од еврозоната. Приносот од тригодишните италијански обврзници се зголеми од грчките избори наваму умерено од 0,46 до 0,54%, а кај шпанските растот е малку повисок - од 0,4 отсто до 0,51%. Останатите европски влади можеби ја чувствуваат поддршката на пазарите за својата непомирлива тактика за преговори. Така на пример, германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле јасно сигнализира уште во почетокот на неделава, а и по изборната победа на Ципрас дека "речиси нема место за реакција од страна на Европа". Во овој аспект во редовите на федералната влада на Германија има јасно изразено единство. Така, на пример, и министерот за економија Зигмар Габриел во средата изјави дека не може да се зборува за намалување на долгот на Грција. "Ако Атина сака да отстапи од договорените мерки, треба сама да го преземе товарот на трошоците, а не да го пренесе на европските држави преку скратување на долговите или други идеи", рече социјалдемократот. Овие реакции се должат најверојатно и на тековниот профил на долгот на Грција. Атина треба да плати секоја година до 2020 година камати во вредност од малку повеќе од 2 милијарди евра. Ова претставува околу 1,5% од бруто домашниот производ, или 3% од државниот буџет. Оптоварувањата се доста под оние на другите земји од еврозоната како Италија и Шпанија. Преку најгласните изјави излегува дека Ципрас најверојатно нема да може да постигне многу во преговорите со европските партнери. Германските економисти стигнуваат до јасен заклучок - "еврозоната упати јасна порака дека таа не може да биде пресирана со закани за запирање на плаќањата", се вели во извештајот на ZEW. Исклучување од еврозоната, т.н. Grexit, почнува да се разигрува и од пазарите. Преку т.н. индекс Grexit аналитичарите во Sentix ја пресметуваат веројатноста од напуштање на еврозоната од страна на Грција во следните 52 недели на околу 22 отсто. Ова е највисоко ниво од крајот на 2012 година. К.К.