05 Мај, 2024
0.0245

Може ли популистичката обланда на Заев да доведе до реформа на ДДВ политиките?!

Објавено во: Анализа 13 Октомври, 2013

Добивај вести на Viber

Предлогот на СДСМ за враќање на ДДВ на граѓаните и натаму ја бранува јавноста. Власта и опозицијата веќе цела недела се препукуваат за овој предлог. И додека од владејачката ВМРО-ДПМНЕ велат дека станува збор за економски нелогичен и неиздржан предлог, опозицијата бара аргументи зошто предлогот се одбива без дебата. Предлогот на СДСМ за поврат на ДДВ за граѓаните, освен препукување меѓу власта и опозицијата, отвора нова дилема. И треба ли на земјава реформа на фискалната политика? И сето тоа во обландата на популизмот...

Опозицијата треба да понуди, а власта да прифати сериозна реформа на фискалната политика која пак ќе придонесе за кревање на стандардот на граѓаните, вели за Фактор аналитичарот Зоран Витанов. Според Витанов, неопходно е да се зголеми бројот на  производите што имаат повластена стапка на ДДВ.

„Она што сега се нуди како предлог од страна на СДСМ, не знам колку би имало значајно влијание врз буџетот на граѓаните. Но би сакал да кажам дека можеби треба да се размислува во друг правец, односно дека треба да се разгледа опцијата и да се направи сериозна анализа за зголемување на бројот на производи што ќе се продаваат со повластена стапка на ДДВ. На граѓаните многу повеќе ќе им значи ако се намали цената на струјата, горивото,облеката или детските играчки, отколку, тие да се ставаат во ситуација да бидат даночни инспектори и да бараат фискални сметки за потоа да бараат поврат на одредена сума на ДДВ“, вели Витанов за Фактор.

Популистичка мерка

Предлогот на СДСМ за поврат на ДДВ за граѓаните, економистите го толкуваат различно. За едни е оправдан и веќе функционален во други земји. Други пак сметаат дека станува збор за популистички предлог, кој наликува на популистичките мерки што изминативе години станаа препознатливи за влајдеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Во медиумите изминативе денови, економистите се обидуваат да елаборираат дали предлогот на опозицијата е економски издржан или зошто не е, но сепак повеќе од очигледно е дека тие ставови не допираат до широките народни маси, на кои едноставно им се допаѓа идејата да добиваат дури и минимална сума во време кога владеее сиромаштија. Токму затоа овој предлог на опозицијата, аналитичарите сметаат дека може да значи и нов начин во битката за освојување на власта. Односно тоа би значело дека опозицијата виде шанса во популистичките методи кои веќе седум години се еден од клучните елементи што ја одржуваат ВМРДО-ДПМНЕ на власт, додворувајќи се на најранливите категории граѓани со популизам. СДСМ бара дебата за да се спротивстават аргиументите Ги повикуваме министрите во владата, за ефектите од примената на мерката на СДСМ да не се кријат зад партиски соопштенија туку да излезат на отворена јавна дебата, реагираа од најголемата опозициска партија.
„Во буџетот на РМ, по основ на ДДВ, годишно се собираат околу 45 милијарди денари. Според официјални податоци, даночното затајување се проценува на околу 35%. Ако со нашата предлог мерка тоа затајување кај ДДВ-то се намали за две третини, тогаш во буџетот ќе се собираат по околу 55 милијарди денари годишно по основ на ДДВ. А 15% од тоа изнесува околу 8 милијарди денари, односно, околу 130 милиони евра. Затоа СДСМ аргументирано говори дека кон граѓаните би се враќал толкав вкупен износ годишно. Понатаму, според официјални податоци, во РМ живеат околу 2 милиони граѓани. Но, точниот број, по „заслуга“ токму на владата на ВМРО ДПМНЕ со неспроведувањето на пописот, за кој патем парите беа потрошени, точниот број на граѓани всушност никој не го знае.Уште повеќе, со оглед на интензитетот на непрекинатото отселување од државата СДСМ појде од претпоставка дека во Македонија има околу 1.600.000 жители со постојан престој. Потоа, бидејќи просечното семејство во државата брои меѓу 4 и 5 члена, појдовме со претпоставка дека во Македонија живеат околу 355.000 семејства, изјави Ванчо Узунов од СДСМ.
Да повториме уште еднаш, сите овие претпоставки се неопходни бидејќи владата на ВМРО ДПМНЕ не го спроведе пописот. Сега, ако 13 милиони евра годишен поврат на ДДВ, се подели со наведениот претпоставен број на семејства, се добива износ од околу 380 евра, односно, околу 23.500 денари по семејство годишно. Бидејќи, како што беше кажано, станува збор за просек, СДСМ во изјавите ја изнесе претпоставката дека враќањето на 15% од ДДВ-то ќе создаде дополнителен приход меѓу 20 илјади и 30 илјади денари по семејство годишно. ВМРО –ДПМНЕ Првата претставена, а и најзначајна мерка од нивната долго најавувана програма, како што истакна тој, според здравата логика и основно познавање е класична утка, реагираа од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

„ Ванчо Узунов вели дека секое семејство ќе добие по 23.500 денари, што би било 15% од вкупната сума на ДДВ што тоа семејство го платило во текот на една година. Сумата на платен ДДВ од едно семејство според моделот на СДСМ би требало да изнесува 156.666 денари годишно. Да претпоставиме дека тоа просечно семејство половина од платениот ДДВ го реализирала со фискални сметки за основните стоки и услуги како на пример храна (месо, сирење, мелко, јајца, зеленчук, овошје, брашно, масло, шеќер и слично), комунални услуги (бода, канализација, смет), лекови, медицински помагала, превоз, весници, книги, компјутери, станови и ред други и тоа под услов за се што платиле да добиле фискална сметка со вкалкулиран ДДВ од помалкуте на број правни субјекти кои се регистрирани како ДДВ обврзници. Втората половина од платениот ДДВ, или 78 333 денари би претпоставиле дека е платена по стапката од 18% за останатите трошоци, изјави Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Резултатот, како што појасни, би бил следен: Секое просечно семејство би требало да потроши, односно прикаже фискални сметки за стоки и услуги, платени со даночна стапка од 18% во вредност од 435.183 денари, а платени по даночна стапка од 5% во вредност од 1.566.600 денари. Вкупно секое просечно семејство според логиката на СДСМ за да добие 23 500 денари поврат, би требало во текот на годината да потроши  2.001.783  денари или 32.655 евра. Односно, секое просечно семејство според логиката на СДСМ ќе треба да троши 2.721 евра месечно, што пак од друга страна е скоро 8 просечни плати.

Според Димовски, такви просечни семејства кои што можат да си дозволат да трошат 2.721 евра месечно има само во врвот на СДСМ.

С.Н.

Можеби ќе ве интересира

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад