16 Мај, 2024
0.0334

Мртва трка на изборите во Германија – Русија во исчекување на нова коалиција

Објавено во: Македонија, Колумни 27 Септември, 2021

Добивај вести на Viber

Германија вчера гласаше на избори што ќе ја трасираат иднината на најголемата европска економија и членка на ЕУ. „Пензионирањето“ на канцеларката Ангела Меркел предизвика политичка борба за лидерство, по нејзините 16 години на власт. Првите резултати покажуваат мртва трка меѓу партиите кои стоеја зад Меркел( Христијанско демократската унија и Христијанско социјалната унија) и ривалската Социјал демократска партија. Тоа беше најавено и во последните предизборни анкети. „Сојуз 90/Зелени“ кои важеа за можни кандидати за победници изгубија здив во финишот на предизборната кампања. Но сепак имаат добар резултат. Слободните демократи имаат подобар резултат од изборите во 2017 година. Левите и десните( Алтернатива за Германија) ќе бидат декор во Бундестагот.

На првите четири партии завршува списокот од можните составувачи на нова  владејачка коалиција. Коалиција која ќе ја чекаат со нетрпение во Москва. Ангела Меркел 16 години ја водеше земјата. Исто толку години градеше односи со рускиот претседател Владимир Путин. Во една анкета 52 проценти од испитаниците изјавиле дека нема да жалаат по Меркел, други 38 проценти дека нема да им недостига како канцелар. Остатокот од испитаниците немал одговор. Но Меркел беше доволно долго на чело на Германија, стекна големо искуство, па за наследниците тоа е голем хендикеп и покрај ставовите во анкетите. Тоа особено се покажа кај „Сојуз 90/Зелени“ и Слободните демократи. Зашто Олаф Шолц од СДП и сопартиецот на Меркел Армин Лашет, сепак имаа некакво искуство. Но дали тоа е доволно да ја водат Германија како Меркел?

Шолц и Лашет сметаат дека ќе успеат да направат коалиција. Малата предност на Шолц од неполни два процентни поени, како што покажуваа првите резултати, не е гаранција дека ќе успее да создаде коалиција. И покрај помалиот број гласови „Зелените“ и слободните демократи се посакувани за коалициони партнери и за социјал демократите и за ЦДУ/ЦСУ. Ќе има големи пазарења. Некои германски политолози сметаат дека вистински победници на изборите се „Зелените“ и слободните демократи кои ќе имаат силни преговарачки позиции, затоа што имаат можност да влезат во коалиција со едната или другата поголема партија. Се’ ќе зависи од тоа кој повеќе ќе даде.

Според предизборните најави сегашната „голема коалиција“ ќе замине во историјата. Германскиот политолог; Александар Рар, смета дека Германија ќе ја води коалиција составена од ЦДУ/ЦСУ со „Сојуз90/Зелени“ и Слободни демократи, а канцелар би бил Армин Лашет. И Лашет и Шолц, според Рар, ќе сноваат околу Христијан Линднер, лидерот на слободните демократи, ќе бараат поддршка од него. Но Линднер повеќе би сакал сојуз со Лашет. Се разбира  се’ ова е во сферата на прогнози.  А конечниот резултат од преговорите ќе се знае некаде пред католички Божиќ.

„Би било апсурдно да се споменува конкретен датум, но ние треба да направиме се’ да завршиме до Божиќ“, изјави вчера Шолц. Според него, ако тоа се случи порано, би било исто така добро. И Лашет во своја изјава исто нагласи дека новата влада би требало да почне со работа „во секој случај до Божиќ“, затоа што Германија идната година ќе претседава со Г7. Сето ова значи дека Ангела Меркел ќе биде канцелар уште некој месец.

Парламентарните избори во Германија за Русија се важни од причина што таа земја е најголем економски партнер од членките на ЕУ, а истовремено е и учесник во проектот „Северен поток – 2“. Сега треба да почне сертифицирањето на гасоводот за добивање дозвола за негова експлоатација. Влегувањето на „Зелените“ во коалиција може да го отежне тој процес, бидејќи таа партија се залагаше за прекина на изградбата на гасоводот. Германија е дел од „Нормандската четворка“ која е задолжена за решавање на проблемот со отцепените источни делови во Украина во Донбас. Германија, конкретно Меркел, беше првата лидерка во ЕУ, која побара и инсистираше воведување санкции кон Русија по присоединувањето на Крим кон Русија. Санкциите се’ уште се на сила, Последниве години односите меѓу двете земји беа прагматични. Меркел и Путин за 16 години се сретнаа десетици пати и успеаја да задржат коректни односи меѓу две држави, кои пред с’ се водеа од сопствените интереси.

Сега Шолц и Лашет, ќе треба да ја продолжуваат политиката на Меркел или пак ќе се трудат да внесат во неа нешто ново, нешто свое. Се разбира тука се и Аналена Бербок од „Зелените“ и Линднер од „Слободните демократи“. За Лашет велат дека не изгледа како нов канцелар, нема харизма, но има раководни квалитети. Тој е прв човек и тоа успешен на Северна Рајна Вестфалија. За него се смета дека ќе биде прагматичен кон Русија или со блага наклонетост. И со поддршка на „Северен поток – 2“. За разлика од него Бербок е кандидат без искуство, иако е член на Бундестагот. Се смета дека направила многу грешки, па затоа „Зелените“ требале да излезат со друг лидер, кој би донел подобар резултат. Ја обвинија за плагијат, а на дебатите изгледала неуверена. Па така Германците сметале дека не е подготвена да стане нов лидер. Таа беше категорично против гасоводот.

Олаф Шолц е министер за финансии во кабинетот на Меркел. Еден од најважните ресори во владата. Па затоа се смета дека тој е поподготвен да стане канцелар. Има изјави дека доколку би имало избори меѓу него и Лашет, тој би извојувал убедлива победа. Социјал демократите отсекогаш воделе благонаклона политика кон Русија. Веројатно и затоа Русите негласно „навиваа“ за Шолц. Како и да е кој и да биде канцелар ќе се труди да гради добри односи со Русија. Ќе се труди да придонесе во работата на „Нормандската четворка“ за Украина, иако додека се запознае со работите, нејзината активност ќе биде замрзната. Слободните демократи во поглед на Русија, веројатно ќе се прилагодат кон ставот на новиот канцелар.

„Русија е подготвена да работи со која била влада што ќе се формира по изборите“, ова беше првата руска реакција, искажана вчера од страна на рускиот амбасадор во Германија, Сергеј Нечаев. Во поглед на гасоводот „Северен поток – 2“ тој очекува едно: „Склучените договори треба да се исполнуваат, без оглед на

Размислувањата за политичката коњуктура“, нагласи Нечаев. Руската страна смета дека одговорноста поврзана со работата во владата ќе ги поттикне политичарите кои се против проектот, да се „откажат од предизборната реторика во полза на сериозна работа на благо на земјата“.

Односот на социјал демократите кон Русија може да се види и од некогашниот канцелар Герхард Шредер. Тој и по заминувањето од функцијата ја коментираше внатрешната и надворешната политика на земјата. Сега никој не верува дека Меркел така би се однесувала. За разлика од него таа е дисциплиниран и силен лидер и не ги фрла зборовите на ветер.  Шредер од 2017 година е претседател на Советот на директори на „Росњефт“. Имајќи го ова предвид, пред извесно време Украинците, разочарани што Меркел не учествуваше на собирот на „Кримската платформа“, велеа дека „и таа се подготвува да работи за руска компанија“. Што е навредливо, знаејќи колку Меркел придонесе и ја заштитуваше Украина во нејзините проблемите со Русија.

Во очекување на новата влада, од денес може да се слушнат и официјални изјави на руски политичари. Можеби од Кремљ, од руското МНР...А до католички Божиќ, Русите помно ќе го следат процесот на составување на нова влада. Зашто нема да им биде сеедно каква ќе биде новата коалиција и кој ќе ја предводи.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

„НИКО ИМА КАДЕ ОДИ, НО ЧУКНЕТЕ ГЛАВАТА ДЕКА ВО ЦЕЛА МК ИМА САМО 12 КЛИНИЧКИ ТОКСИКОЛОЗИ“: Во одбрана на Беќаровски застана и адвокатот Јанаки

„НИКО ИМА КАДЕ ОДИ, НО ЧУКНЕТЕ ГЛАВАТА ДЕКА ВО ЦЕЛА МК ИМА САМО 12 КЛИНИЧКИ ТОКСИКОЛОЗИ“: Во одбрана на Беќаровски застана и адвокатот Јанаки

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Љупчо Палевски е екстрадиран од Турција во Македонија

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Љупчо Палевски е екстрадиран од Турција во Македонија

МИНИСТЕРСТВО ЗА ПРАВДА: Голема благодарност до Турција за екстрадицијата на Палевски

МИНИСТЕРСТВО ЗА ПРАВДА: Голема благодарност до Турција за екстрадицијата на Палевски

ПРИСТИГНА ВО МАКЕДОНИЈА: Се појави фотографија од Палчо во авионот

ПРИСТИГНА ВО МАКЕДОНИЈА: Се појави фотографија од Палчо во авионот

ПАЛЕВСКИ СТАПНА НА МАКЕДОНСКО ТЛО: Ќе биде транспортиран во Шутка

ПАЛЕВСКИ СТАПНА НА МАКЕДОНСКО ТЛО: Ќе биде транспортиран во Шутка

AНТОНИО МИЛОШОСКИ: Спорно е што Oсмани си ја кодоши сопствената држава и што тоа го прави во МНР

AНТОНИО МИЛОШОСКИ: Спорно е што Oсмани си ја кодоши сопствената држава и што тоа го прави во МНР

Љупчо Палевски вечерва ќе биде донесен во Македонија?

Љупчо Палевски вечерва ќе биде донесен во Македонија?

НАСТАНОТ „ПРЕСПА ФОРУМ“ СЕ ОДЛАГА: Kоја е причината?

НАСТАНОТ „ПРЕСПА ФОРУМ“ СЕ ОДЛАГА: Kоја е причината?

СИРИЗА ДО ГРЧКИОТ ПАРЛАМЕНТ ГИ ДОСТАВИ МЕМОРАНДУМИТЕ: Какви бенефити носат за Македонија?

СИРИЗА ДО ГРЧКИОТ ПАРЛАМЕНТ ГИ ДОСТАВИ МЕМОРАНДУМИТЕ: Какви бенефити носат за Македонија?