21 Октомври, 2021
0.0672

МУ СЕ БЛИЖИ ЛИ КРАЈОТ НА ДОЛЖНИЧКОТО РОПСТВО - долговите ќе застаруваат по одреден рок, а и затезната камата нема да смее да биде повисока од главницата?

Објавено во: Економија 22 Септември, 2021

Законските измени со кои граѓаните во земјава нема да заглавуваат во страшни долгови поради застарени сметки на кои можеби и не се сеќаваат, нема да застанат само на последните дополнувања на Законот за облигациони односи, со кои се предвиде дека износот на стасаната а неплатена договорна камата која ќе треба да ја платат должниците, нема да смее да ја надмине главницата.

Фактор од свои извори во Собранието дознава дека во тек се разговори меѓу пратеници и пртетставници на синдикалните организации во земјава, со цел да се направат нови измени на Законот за облигациони односи, со кои би се исправиле уште три големи „неправди“ со кои сега се соочуваат граѓаните поради застарени сметки и други должнички проблеми.

А тие се следниве.

Првата работа ќе биде износот на затезната, односно казнената камата, исто така да не може да биде повисок од износот на главницата на долгот. Наши извори велат дека ова е многу битно од аспект на комуналните сметки, бидејќи кај нив всушност тече затезна камата, а не договорна. А токму последните законски измени кои деновиве беа изгласани од Собранието, се однесуваат на стасаната договорна камата, за која од граѓанските здруженија реагираа дека нема да ги спаси граѓаните од комуналните сметки, бидејќи кај нив тече затезна камата.

Другата работа за која се размислува да се направат измени е законски да се одреди разумен рок во кој доверителот ќе мора да го испрати долгот за наплата кај извршителот, и тој рок да не биде поголем од пет години. Ова ќе се направи со цел доверителот да не може да манипулира со долгот кон некој граѓанин и да го држи кај себе без потреба, период во кој би му се трупале и камати на должникот, туку да мора да го даде на извршување најдоцна за пет години.

И, третата работа за која се размислува, е да се одреди разумен рок во кој долговите ќе се прогласат за застарени. Ова е всушност периодот во кој извршителот ќе мора да го наплати долгот, а после тој период долгот да се прогласи за застарен. Се размислува овој рок да биде 10 години, но тоа се уште не е дефинирано, а се разгледуваат и законските решенија од Германија и од Хрватска со кои се регулира оваа проблематика.

Целта овде би била исто така извршителите да не можат неоправдано кај себе да ги држат застарените сметки и да ги пуштаат за наплата кај должниците кога ќе им одговара на компаниите за кои работат, а притоа и да се трупаат каматите, туку тоа да мора да го сторат најдоцна во рок од 10 години.

„Ако некој долг стоел 10 години и извршителот не можел да го наплати, плус пет години што стоел кај доверителот, тоа значи дека тој долг нема логика повеќе да се наплатува и треба да се прогласи за застарен, бидејќи тоа се вкупно 15 години. Која е логиката тој долг и натаму да опстопјува“, велат наши извори кои учествуваат во подготовката на законот.

Засега само се разгледуваат сите опции и законски решенија во други земји, и не се знае кога би излегол готовиот законски текст.

Но, пратениците кои работат на подготовката велат дека тие се цврсто решени да се донесат вакви закони, со цел да се спасат граѓаните од долгогодишното должничко ропство за некои сметки за кои не ни знаат дека постоеле.

Како што е познато, деновиве, на предлог на народни избраници од власта, а со поддршка од дури 80 пратеници, помина дополнувањето на Законот за облигациони односи, со кои се предвидува дека „кога износот на стасаната, а неисплатена договорна камата ќе го достигне износот на главнината, каматата престанува да тече“.

Но, по носењето на законските измени, реакции од невладиниот сектор имаше токму за фактот дека тие се правно недоречени, бидејќи своевремено не било прифатено барањето за дефинирање на застарбата на побарувањата за 10 години, како и за вклучување на извршителите. Или, како фалинка од нив се претстави токму фактот што извршителите и натаму можат да ги чуваат старите сметки и да ги пуштат кога тие ќе одлучат, или компаниите за кои работат.

„Штом тоа не е корегирано, уште ќе имаме сметки од пред 30 години за кои должникот не ни знае дека постоеле“, изјавија од граѓанските организации.

Всушност, токму овие недостатоци се планира да се исправат со новите измени на Законот за облигациони односи, на кои во моментов се работи.

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

Како Европа ќе закрепне од ударот на корона кризата?

Како Европа ќе закрепне од ударот на корона кризата?

Швајцарија оваа зима може да остане без струја

Швајцарија оваа зима може да остане без струја

Ги замрзнаа цените на скоро 1.500 производи до 2022 година

Ги замрзнаа цените на скоро 1.500 производи до 2022 година

Нов пробив за биткоинот

Нов пробив за биткоинот

Генерали Инвестментс: Повисоката инфлација најверојатно ќе трае подолго од очекувањата на јавноста

Генерали Инвестментс: Повисоката инфлација најверојатно ќе трае подолго од очекувањата на јавноста

АНАЛИЗА: Можни ли се рестрикции на струја во зимата, експерти алармираат - состојбата е катастрофална

АНАЛИЗА: Можни ли се рестрикции на струја во зимата, експерти алармираат - состојбата е катастрофална

УШТЕ ПОСИЛНА ДИГИТАЛНА ВАЛУТА: Поради ова биткоинот би можел да биде повреден како никогаш досега

УШТЕ ПОСИЛНА ДИГИТАЛНА ВАЛУТА: Поради ова биткоинот би можел да биде повреден како никогаш досега

„Македонија пат“ за една година бројот на вработени го зголемил за 130

„Македонија пат“ за една година бројот на вработени го зголемил за 130

Многу држави ќе натрупаат долгови поради пандемијата

Многу држави ќе натрупаат долгови поради пандемијата