Колку пари прави фирмата основана од Ѕинго, Доне „Македонијатурист“ и Глигорие Гоговски?
Објавено во: Економија 24 Април, 2020
„Осигурителна полиса“ во силна бизнис конкуренција лани оствари добивка од 1,57 милиони евра и за тој резултат првите двајца луѓе ги плати околу 200.000 евра. Како лани се справи со острата конкуренција фирмата што пред 15 години ја основаа тогашните бизнис магови и сегашни ветерани: Ѕинго, Доне Таневски и Глигорие Гоговски?
Единствената доминантно - домашно поседувана осигурителна компанија лани оствари добивка од 1,57 милиони евра, покажуваат официјалните податоци од годишниот извештај на „Осигурителна полиса“. Нето профитот на „Осигутелна полиса“ изнесува 14 отсто од вкупните приходи на компанијата кои лани изнесувале 11,14 милиони евра. „Осигурителна полиса“ на македонскиот осигурителен пазар опстојува 15 години, основана е во 2005 година и позната е по тоа што меѓу најголемите поединечни акционери се тројца сегашни ветерани на македонскатамега-бизнис лига и тоа: Љубисав Иванов Ѕинго, Доне Таневски и Глигорие Гоговски.
Лани во споредба со 2018 година приходите на „Осигурителна полиса“ пораснале за 418.500 евра и достигнале 11,14 милиони евра . Најголема ставка во структурата на приходите доаѓаат, очекувано, од двете најзначајни ставки: автоодговорност и каско. Од автоодговорност лани компанијата инкасирала бруто 7,7 милиони евра, а по основ на каско осигурувања инкасирала бруто износ од 1,66 милиони евра. Вкупните приливи од осигуреници лани изнесувале 12,1 милиони евра.
Вкупните расходи на „Осигурителна полиса“ лани изнесувале 9,37 милиони евра и во однос на 2018 година пораснале за 193.000 евра. Очигледно е дека растот на вкупните приходи на компанијата лани е поголем од растот на вкупните расходи и тоа за 225.000 евра. На страната на трошоците лани вкупниот надомест на штети нето изнесува 4,1 милиони евра. Од тоа повторно очекувано најголем е износот исплатен по основ на автоодговорност и тоа изнесува 3,2 милиони евра. Трошоците за спроведување на осигурувањето лани изнесувале 4,2 милиони евра и меѓу нив најзначајни расходни ставки се трошоците за вработените кои во бруто износ биле 1,48 милиони евра и трошоците за провизии кои однеле 905.000 евра.
Колку вреди и што има „Осигурителна полиса“?
Компанијата која 15 години опстојува на нашиот осигурителен пазар на крај на 2019 година , според официјални податоци, има главнина од 9,7 милиони евра. Обврските на компанијата на крај на ланската година изнесуваат 986.000 евра. Техничките резерви (најзначајна супстанца на секоја осигурителна компанија н.з.) на крај на декември лани вределе 13 милиони евра. Од нив 4,7 милиони евра се во депозити во банки, 602.000 евра се во удели на домашни инвестициски фондови и 8,2 милиони евра се во хартии од вредност (издадени од нашата држава н.з.)
Кои се најплатени лица во „Осигурителна полиса“?
Според официјалните податоци од годишниот извештај за лани двајца најплатени се и двајцата најодговорни за работата на компанијата. Едниот од нив е Владимир Тошевски кој воедно и е извршен член на Одборот на директори и генерален директор на „Осигурителна полиса“. Неговиот приход од компанијата во нето износ е 97.000 евра за 2019 година. Втор најплатен е Виктор Влашки, претседател на Одборот на директори, а воедно и акционер во компанијата. Лани за него се исплатени 95.000 евра во нето износ.
Кои се акционерите во „Осигурителна полиса“?
„Осигурителна полиса“ има вкупно 43 акционери од кои 40 се домашни физички лица, а од трите странски акционери две се физички лица кои поседуваат 5,2 отсто и едно правно лице – „Босна Реосигурување“ која поседува 4,4 отсто. Од домашните акционери најголеми поединечни се: Глигорие Гоговски, долгогодишен прв човек и најголем акционер во „Тетекс“ и Розета Димитровска (директор во ЦКБ Банка и ќерка на Љубисав Иванов – Ѕинго) кои поседуваат по 10 отсто од акциите во „Осигурителна полиса“. Валентина Ивановска поседува 9,10 отсто, Васил Влашки има 8,3 отсто, Горан Влашки 6,7 отсто акции, а Виктор Влашки 5 отсто од акциите со право на глас. Валентина Гоговска поседува 6,8 отсто, а Доне Таневски (најголем акционер и долгогодишен директор на „Македонијатурист“ н.з.) има 5,3 отсто од управувачките права, а Борислав Трповски (претседател на Управниот одбор на „Тетекс“ н.з.) има 4,5 отсто од акциите. Според податоци од извештајот лани „Осигурителна полиса“ на своите акционери им поделила дивиденда повисока од 1 милион евра.
Р.Ф.* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.