11 Октомври, 2024
0.0260

НА ПРОСВЕТНИТЕ РАБОТНИЦИ - ОДАМНА ИМ Е СТЕМНЕТО

Објавено во: Колумни 06 Септември, 2019

Добивај вести на Viber

Почетокот  на  новата  учебна  година  , донесе т.н „ предупредувачки “ штрајк од Синдикатот за образование,  наука и култура . Тридецениската  вечна борба на просветните работници за поголеми плати, подобри работни услови, или како што велат  тие за достоинствен живот на професијата која ја извршуваат  продолжува, и  се чини како да  нема крај.  Ако бидеме искрени  пред себе, ќе признаеме  дека наставниците и професорите се понижени. Не е ни јавна тајна, дека во ова сепартизирано и  скапано општество, за да се вработите како наставник или професор, задолжително ви е потребна партиска членска книшка, или во најмала рака да имате „ моќник“, кој со едно ало, може да ви заврши работа и да ве „ бутне“ на работа. Значи, некој млад, кој се запишал на соодветен факултет со желба да  го заврши истиот , за да се вработи како наставник и да воспитува и образува генерации, односно знаењето кое го стекнал, да го пренесува и понатаму во неговиот  работен век мора да се партизира.  Почнувајќи од тука, кога младиот ќе го докомлетира своето високо образование, почнуваат маките и проблемите на младиот наставник / професор за да се вработи. А што ако не сака да извади партиска книшка, и да стане „ роб“ на партијата? Нели партиите се организации во кои се членува по своја добра волја, исклучиво поради идеолошки побуди и причини, или пак партиите се своевидно биро за вработување и инкубатор  за пополнување на административниот апарат? Веќе, откако ќе се вработи наставникот, а се вработува во 90 %  од примерите на начин , како што го опишавме погоре, се соочува  со други „ предизвици“ во својата професија.

Африканско или европско образование? 

 Немање соодветни инфраструктурни услови, застарени материјали за работа, стари  учебници и помагала, па дури и одвојување од својот џеб за фотокопирање на тестови , и сето ова заокружено со месечна плата од  21.200 денари или околу  350 евра се „ предизвиците“ кои го пречекуваат младиот штотуку вработен наставник . Кога ќе прочитате дека на  наставниот кадар во Косово, нашиот северен сосед, кој и до крај не е признат целосно за независна држава , платата им  изнесува 470 евра, и во Албанија, нашиот западен  сосед  дека таму пак платата на просветниците изнесува 510 евра, тогаш и не треба ништо да се коментира, бидејќи се е веќе кажано.  Како  очекуваат  во ова општество, родителите, стручните лица од  МОН, Владата, граѓаните , директорите и сите останати , наставниците да бидат мотивирани, полни со елан и енергија, и  со желба и љубов да им го пренесуваат своето знаење на младите генерации?! Да еден наставник треба да биде педагог, учител, или даскал по „ старски“ , како што се вели,  но како тој наставник до крајот на своето пензионирање да биде полн со елан и енергија , кога во оваа држава некоја „ тетка“ административка, зема поголема плата од наставничката, а која нема ниту приближно одговорност колку наставниците. Во држава и во општество кое ориентациски не знае каде тера, наставниците кај нас имаат освен образовна, и воспитувачка улога. Замислете, децата  во основно одделение треба да бидат и воспитувани. Па нели  детските установи, односно градинки се воспитно-образовни центри, и зарем родителите како  примарен социјален агенс не си ги воспитуваат своите деца додека да тргнат во училишта, и ги праќаат невоспитани? 

Наместо  за правата на наставнциите, синдикалците се борат за своите фотељи! 

Синдикатот  за образование, наука и култура  е посебна приказна. Ѓоамити, секогаш претседателот на СОНК , заедно со раководството се бореле за работничките и синдикалните права на својата фела од наставници, но  јавноста , а многу повеќе наставниците во самата фела знаат и се свесни дека СОНК претставува  „ монета за поткусурување“ помеѓу  владејачката елита и потребите на наставниците. Не ретко, претседателот на СОНК е само марионета и кукла поставена од владејачката елита, за да  го држи „ смирено “ членството и да го неутрализира и минира секој обид  за штрајк, односно барање на сопствените права. Последниот таков штрајк е само барање за достоинствена плата, односно порамнување на платата на наставниците со таа просечната на републичко ниво според Заводот за статистика која изнесува околу 420 евра. Министерот за образование Арбр Адеми   вели дека платата на наставниците се покачува за 5 % секоја година, и дека таа тенденција ќе продолжи и во иднина, но претставниците од СОНК велат дека тоа воопшто не е доволно бидејќи трошоците за живот, односно индексот на потрошувачка расте од ден на ден се повеќе, а не од месец на месец.  Кој е тука во право?  Се поставува прашањето, доколку не се трошеа   на непродуктивни  цели и глупости државните пари овие три децении, дали  денеска ќе имаше „ буџетски “ проблем да им се зголемат платите на наставниците за 25 % колку што изнесува нивното барање, односно да им се порамнат со  државниот  статистички просек на средна плата.  Најтажното е што и да се случи ова „ порамнување“, македонскиот просветен кадар пак ќе зима далеку помала плата од своите колеги во Албанија и Косово. За колегите од другите држави  и не станува збор,  и нема потреба од   споредба , бидејќи и овој „ компаративен“ срам е доволен. 

Благојче Атанасовски - политиколог


*Прочитајте ја и претходната колумна на Благојче...

Време на лажни авторитети 


Можеби ќе ве интересира

Западот ќе ја дели Украина!

Западот ќе ја дели Украина!