На што се должи зголемувањето на одобренијата за градба во Македонија?
Објавено во: Македонија 10 Мај, 2014
„Во еден период имаше застој со електронските апликации од страна на фирмите, сеуште не беше разработен процесот. Сега таа состојба е надмината, и сметам дека тоа е една од причините за зголемување на бројот на издадените одобренија. Од друга страна за овој период е вообичаено бројката да е зголемена од причина што градежните компании во текот на зимскиот период обично ги подготвуваат документите за градбите, а градбите на станови почнуваат од март“, вели Никола Велковски претседател на градежната комора при Стопанската комора на Македонија.Според податоците од Државниот завод за статистика, во март се издадени 253 одобренија за градење што е за 9,5 проценти повеќе во однос на март лани. Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 196 (77,5 проценти) се наменети за објекти од високоградба, 30 (11,8 проценти) за објекти од нискоградба и 27 (10,7 проценти) за објекти за реконструкција. На 114 објекти (45,1 процент) инвеститори се физички лица, а на 139 објекти (54,9 проценти) деловни субјекти. Зголемувањето на бројот на одобренија кај високоградбата е за 8,9%, а кај нискоградбата за 14,3%, додека кај реконструкцијата е регистрано намалување за 27%. Податоците покажуват дека скопскиот регион и натаму останува најатрактивен за градежниот секотор. Најмногу одобренија за градба, односно 131 одбрение се издадени токму во скопскиот регион, драстично помалку во останатите региони во земјава. Автопатиштата ја зголемија вредноста на градежните одобренија Освен бројот на градежните одобренија, стратистиката во март регистрираше и зголемување на вредноста на одобренијата. Градежниците сметаат дека ваквата состојба се должи на почетокот на изградбата на двата клучни автопати на исток - Миладиновци-Штип и на запад - Кичево –Охрид, како и предвидената реконструкција на дел од железничката инфраструктура. Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 21.644.061.000 денари, што е за 683,6 проценти повеќе во однос на истиот месец од претходната година. Вредноста на издадените одобренија е најголема во југозапдниот дел од земјава каде се наоѓа автопатот Кичево –Охрид и изнесува 148.725.284 евра, во вардарскиот регион вредноста е 89.549.349 евра, во североисточниот вредноста на градежните одобренија е 46.784.357 евра, а во скопскиот регион вредноста е 35.903.474 евра. Сепак упатените коментираат дека бројот на одобренијата и вредноста е зголемен и поради изборите, бидејќи во тек на изборите реално или популистички се настојувало голем дел од проектите да стават во функција и затоа е зголемена и вредноста, што сепак според градежниците е позитивно за градежниот сектор и генерално економијата.
„Инфраструктурата е со повисока цена, вредност и нормално дека почетокот на изградбата на двете клучни делници ја зголеми вредноста на градежните одобренија, и тоа е позитивно, бидејќи градежништвото е двигател на економијата“, вели Велковски.Експертите од градежниот сектор сметаат дека дека градежништвото и годинава ќе биде двигател на економскиот раст и порачуваат старо – новата Влада да ги исполни ветувањата за највените инвестиции во патната и железничката инфраструктура.
„Се надеваме дека градежништвото и годинава ќе биде главен двигател на економскиот раст. Од овој сектор зависат и други 50 до 100 стопански гранки. Градежништвото ги акумулира и другите гранки, бидејќи е потрошувач на многу продукти. Затоа сметам дека се она што во изборните кампањи беше најавено како капитални инвестиции треба да се реализира, тоа е потребно за развој на севкупната економија. Во периодот кога течат такви крупни инфраструктурни проекти и ние помалите фирми индиректно имаме корист. Во ваквите инфраструктурни проекти обично учествуваат големите фирми, ние помалите тогаш имаме можност да го пополниме оној простор што го ослободуваат големите фирми кои тогаш се зафатени со крупните проекти од нискоградбата. Тогаш ние активно го пополнуваме просторот во високоградбата“, објаснува Велковски.Ќе се градат 592 станови Според издадените градежни одобренија предвидена е изградба на 592 стана, со вкупна корисна површина од 65.077 метри квадратни. Во моментов според упатените во градежниот сектор постои застој во продажбата на станови.
„Има голема понуда на станови, инвеститорите се малку скептични, се бараат атрактивни локации, од друга страна изборите направија малку застој во овој бизнис. Инаку постојано се зборува дека има многу станови, дека пазарот е презаситен, а цените високи. Од друга страна во регинот како на пример Србија, Бугарија, Грција имаме состојба каде што цената на становите паѓа драстично овој период, што кај нас не очекувам да се случи и покрај тоа што има застој во продажбата“, вели Велковски.Последните истражувања на консултантската компанија за недвижности „Фортон“, објавени кон крајот на февруари годинава покажуваат дека повеќе од 40% од новоизградените станови во Скопје не се продадени, но нивната цена ќе паѓа многу бавно заради намалената ликвидност на пазарот и отежнатиот пристап до банкарско финансирање. Според истражувањето, за само една година, од 2012 до 2013, понудата на нови станови во Скопје се зголемила за 46%, просечната продажна цена на живеалиштата лани се намалила за 6%. Со регистрирана вредност од 1.200 евра за метар квадратен, Општина Центар води според висината на продажните цени во главниот град, додека на најевтини станови се нудат во Општина Ѓорче Петров. Инвеститорите, пак, се сконцентрирани на вложување во општините Аеродром, Центар и Карпош, кои учествуваат со 66% од вкупниот број на понудени живеалишта. Според податоците од Државниот завод за статистика, најголем број на издадени одобренија станови има во скопскиот регион 432, потоа 42 станови е предвидено да се градат во југозападниот дел од земјава, во истиочниот регион 46 стана, во полошкиот регион 31 стан, а драстично помалку во останатите региони од земјава. Ј.С.