Надлежните се правдаат: Не распишале тендер оти била итна санацијата на Обиколницата
Објавено во: Македонија 27 Октомври, 2016
Автопатот на смртта кој однесе најмалку 22 жртви во поплавите од 6 август годинава, ќе претрпи реконструкција.
Медиумите, меѓу кои и Фактор денеска објави дека надлежните не распишале тендер за фирмата која ќе ја реконструира обиколницата.
Во реакцијата до медиумите од Министерството за транспорт и врски тврдат дека не распишале тендер оти била итна санацијата на скопската обиколница.
„На 15.09.2016 година Советот за јавни набавки донесе Решение со кое се дава согласност за користење на постапка со преговарање без објавување на оглас од причини од крајна итност. На 16.09.2016 година беа доставени покани за преговарање до следните 5 (пет) економски оператори и тоа: ТДГПТУ ИЛИНДЕН АД – Струга, ДГТТ ТРАНСМЕТ ДОО – Скопје, ДПТУ ЕСКАВАТОРИ – МК ДООЕЛ – Скопје, ДГ БЕТОН АД – Скопје, ГД ГРАНИТ АД – Скопје“, соопштија од министерството.
Оттаму дополнуваат дека сите 5 економски оператори доставиле свои понуди и учествувале на преговорите при што бил избран економскиот оператор ДГТТ ТРАНСМЕТ ДОО – Скопје кој понудил најниска прифатлива цена.
Како што соопштивме фирмата „Трансмет“ на бизнисменот Сеад Кочан ќе го обновува автопатот кој му пресуди на Стајковци .