НАЈВИСОКА ДИВИДЕНДА ВО ИСТОРИЈАТА НА РЕПЛЕК – можат ли да очекуваат акционерите повисоки исплати следната година?
Објавено во: Економија 09 Октомври, 2025 07:41
Растот на приходите во една од нашите поуспешни фармацевтски компании „Реплек“ беше причина за исплата на највисоката дивиденда по акција за сопствениците на акции во компанијата. Како што објави компанијата исплатата на дивидендата за прв пат достигна 400 денари по акција, а исплатата веќе е завршена.
- Реплек АД останува цврсто посветен на принципите на транспарентност и одговорно управување во односите со акционерите. На Годишното собрание на акционери, одржано на 16 април 2025 година, беше едногласно усвоена предлог-одлуката на Управниот одбор за распределба на добивката. Во согласност со оваа одлука, во јуни беше исплатена дивиденда во бруто износ од 400 денари по акција, што претставува раст од 33 отсто во однос на исплатената дивиденда за 2023 година – се посочува во Финансискиот извештај на компанијата објавен на Македонска берза.
Додаваат дека стабилните резултати и континуираните инвестиции овозможиле Реплек да биде вклучен во индексот МБИ 10 на Македонската берза – показател за довербата на пазарот и потврда за долгорочниот растечки потенцијал на компанијата.
Што се однесува до дивидендата, пролетните месеци раководството донесе одлука за распределба на профитот остварен лани, но и нераспределената добивка од минатите години. Според документите кои Реплек ги сподели на Македонска берза, само во текот на 2024 година имале нето добивка на сума од 2,7 милиони евра, но има и акумулирана добивка од минати години од 1,17 милиони евра, или вкупна добивка од 3,88 милиони евра.
За дивиденда беа определени 1,55 милиони евра кои беа поделени меѓу сите сопствениците на акции. Според податоци од Централниот депозитар за хартии од вредност, најголем акционер, а оттука и најголем износ добил актуелниот директор на компанијата, Душан Пецоски. Тој имаше 12,21 отсто од акциите, при носење на одлуката за делење дивиденда, и според тоа од дивиденда добил 189 илјади евра, а компанијата „Настел“ која беше втора по големина акционер и располагаше со 6,65 проценти, добила 103 илјади евра. Потоа, 99,1 илјади евра инкасирал пензискиот фонд „Сава“, компанијата „Ситко“добила 98,6 илјади евра, Владимир Пецовски наплатил 98,3 илјади евра, а лабораторијата Биотек ќе добие 97,5 илјади евра.
Сепак, Реплек најави дека планира да реинвестира дел од добивката, и тоа 440 илјади евра, додека пак, како акумулирана добивка која ќе се чува како гарант на стабилноста на компанијата за наредниот период, таа издвои 1,89 милиони евра.
Според податоци од Македонска берза, дивидендата за акции на Реплек расте забрзано. Таа во 2022 година достигнувала 200 денари, а во 2023 година се зголемила на 300 денари, за минатата година да достигне 400 денари по акција.
Од последниот финансиски извештај дознаваме дека Реплек континуирано инвестира во модернизација, дигитализација и проширување на присуството на пазарите. Овие стратешки проекти ја зајакнуваат конкурентската предност и обезбедуваат стабилност на работењето.
- Во употреба пуштена нова високо технолошка линија за серијализација и пакување, што носи поголем капацитет и усогласеност со меѓународни стандарди. Реплек од 1 октомври 2025 година успешно премина на SAP S/4HANA – решение што обезбедува поголема транспарентност, усогласеност и конкурентска предност. SAP претставува водечка глобална ERP платформа која овозможува интеграција на сите клучни деловни процеси во реално време и подобрување на ефикасноста на работењето – се посочува во извештајот објавен на Македонска берза.
Воедно во него е посочено дека Реплек го направи првиот чекор надвор од Македонија, со отворање претставништва во Босна и Херцеговина и Србија кон крајот на 2024 и почетокот на 2025 година.
- Двата пазари веќе го потврдија потенцијалот, со успешно стартувани активности и реализирани први продажби во текот на годината – се потенцира во извештајот.
Воедно компанијата информира дека се лансирани Пет нови производи во текот на 2025 година, потврдувајќи ја иновативноста и флексибилноста на компанијата. До крајот на годината се очекува портфолиото дополнително да се збогати со производи насочени кон подобрување на здравјето и добросостојбата на потрошувачите.
Реплек исто така информираше дека првите девет месеци од годинава ги заврши со силен раст на приходите во сегментот Фармација од 18 отсто во однос на истиот период од минатата година.
Приходите на компанијата остварени во периодот од 1 јануари заклучно со 30 септември годинава изнесуваат 26 милиони евра. Од продажбата на домашниот пазар „Реплек“ реализираше приходи од 6,25 милиони евра, додека од странските пазари се остварени 19,74 милиони евра. Ваквата структура на приходи од 75 проценти остварени од извоз и 25 отсто реализирани на домашниот пазар, говори дека компанијата останува доследна на стратегијата на балансирана географска распределба.
П.О.
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:
Можеби ќе ве интересира
Димитриеска-Кочоска: Немам информација дека доцни породилното
ПРЕДНОВОГОДИШНО РИПНАЛЕ ЦЕНИТЕ НА УГОСТИТЕЛСКИТЕ УСЛУГИ: Еве што покажува статистиката
ОД 11 ДЕКЕМВРИ НЕМА ПОВЕЌЕ ВОЗ НА ДЕЛНИЦАТА СКОПЈЕ-ЗЕЛЕНИКОВО: Почнува реконструкцијата на пругата
РКЕ го намали надоместокот за мрежарина за електрична енергија
ДОЦНА НАВЕЧЕР СЕ ПОТПИШУВАА РЕШЕНИЈА: Субвенции за набавка на клима уреди во Скопје
КУПИЛ ДВЕ НАПУШТЕНИ ШТИПСКИ СЕЛА: Косовски бизнисмен бара од Владата да ја гради најголемата фотоцентрала
АЛЕКСАНДАР МАНЕВ ВО „БИЗНИС-КЛУБ“: „Кадарот го создава духот на компанијата“
Венецуела го зголеми дневниот извоз на нафта во ноември





