Добивај вести на Viber
Израелските борбени авиони, тенкови и бродови во текот на ноќта непрекинато ги гаѓаа упориштата на Хамас во градот Газа, во најжестоката ноќ во досегашниот тринеделен судир.
Рано утрово била погодена и куќата на лидерот на Хамас во Газа Исмаил Хание, како и владините канцеларии и седиштето на сателитската ТВ станица под контрола на оваа организација.
Израелските одбранбени сили упатиле повеќе стотици ракети заради кои ноќното небо над Газа било осветлено портокалово, а до утрото над градот се надвил густ облак од чад и прашина од експлозиите.
Ескалацијата на судирите следува откако синоќа израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху предупреди дека антитерористичката операција во Газа ќе продолжи.
Палестинските здравствени власти објавија дека бројот на загинати во Појасот Газа надмина 1.110, откако во артирелирски оган врз бегалскиот центар Бурејџ загинале шестмина Палестинци, меѓу кои три деца и две жени. Најголемиот дел од жртвите се цивилно население, додека Израел тврди дека Хамас намерно ги поставува воените упоришта и магацини во семејни куќи, џамии и други цивилни објекти, користејќи го населението на „човечки штит“.
Во истовреме, Израел во интервенцијата загуби 53 војници, двајца израелски цивили и еден работник од Тајланд.
Портпаролот на компанијата за електродистрибуција во Газа Џамал Дардасави информираше дека две израелски тенковски гранати го погодиле резевоарот за гориво на единствената електрична централа во Газа.
Дури и пред овој напад, жителите на Газа имаа струја по само околу три часа на ден, а овој удар би можел дополнително да го отежни снабдувањето.