30 Април, 2024
0.0331

НАМЕСТО СОЦИЈАЛНА ПОМОШ: Парите на печалбарите спас за македонската сиромаштија!

Објавено во: Анализа, Економија 25 Септември, 2015

Добивај вести на Viber

Во потрага по парче леб и подобар живот, дури 247 милиони луѓе во светот, живеат и работат надвор од својата татковина и во 2014 година им испратиле 436 милијарди долари на своите семејства што останале да живеат дома.

Во Македонија, во 2014 година, влегле 367 милиони долари по основ на дознаки, што е  најмал износ во однос на примените дознаки во земјите од регионов. Но тоа не значи дека овој износ не е доволен, бидејќи истиот изнесува 3.7% од БДП и е далеку поголем од примените странски директни инвестиции и официјалната развојна помош, 127 и 252 милиони долари соодветно. Тоа значи дека државата ужива големи придобивки од овие средства и токму таа треба правилно да го канализира и поддржи засега неискористениот развоен потенцијал на овие средства.

Графикон: Примени дознаки во 2014 година

primeni pari

Но, не „ужива“ само државата. Најголеми придобивки од примените дознаки имаат токму примателите на овие средства. Во земјава, 20% од семејствата примаат, во просек, по 2500 евра дознаки годишно. Истражување на Finance Think покажа дека, дознаките се клучен ресурс со кој голем број семејства обезбедуваат егзистенција; пред се сиромашните семејства кои 90% од својата потрошувачка ја финансираат токму со овие средства. Примателите на дознаки се поздрави, пообразовани, подобро нахранети и облечени во однос на семејствата кои не примаат дознаки, и имаат помала веројатност да станат социјално ранлива категорија граѓани.

Дали истиве овие сознанија важат и на национално ниво, односно, дали во земјите со повисоки приливи на дознаки живее пообразован и поздрав народ, покажува следниот графикон. Ако како индикатор за степенот на образвование се земе индикаторот на Светска Банка за процент на запишани ученици во високо образование, нагорниот тренд покажува дека во земјите од регионов, што примаат поголеми износи на дознаки, поголем процент од учениците се запишуваат во високо образование. Позитивната врска помеѓу очекуваниот животен век и нивото на примени дознаки, потврдува дека во овие земји живее поздрав народ. Дополнителна потврда за тоа, е позитивниот однос помеѓу дознаките и приватните трошоци за здравствени услуги, што покажува дека жителите на земји со повисоки приливи на дознаки имаат на располагање повеќе сопствени средства за да платат вакви услуги.

Графикон: Однос помеѓу примените дознаки и индикатори за образование и здравје

odnos primeni doznaki 2014

Сето ова само го потврдува огромото значење на дознаките и за државата и за примателите кои ги користат како неформален инструмент за социјална заштита.

Деспина Петреска

Економски аналитичар во Finance Think