28 Март, 2024
0.0248

Нашата НАТО иднина

Објавено во: Колумни 14 Февруари, 2020

Добивај вести на Viber

Специфичните геополитички околности, во кои  Македонија  ја создаде својата државност после Втората светска војна,  како конститутивен елемент на новосоздадената Југославија, создаде и специфични, неповолни за нас геополитички околности во моментите кога ја заокружувавме нашата државност преку патот за независност, во веќе далечната  1991 година. Историјата е позната, и таа заврши со Преспанскиот договор, со кој се реши „ проблемот со името“, под невидена  жесток а дипломатија на  Американците врз  лидерите од  двете страни на границата. Со ратификацијата на македонскиот парламент за членство во НАТО, остана уште ратификацијата во Мадрид, и конечно нашата земја, да го заземе столчето на округлата зелена маса, рамо до рамо со светските лидери. Во време, кога еден од најмоќните лидери во светот, францускиот претседател Емануел Макрон, ја преиспитува светската воено-безбедносна улога на НАТО, скептиците побрзаа, уште еднаш да проколнат и обвинат дека плативме превисока цена за наше членство во најмоќната алијанса во светот. Дали е тоа така?!

Што би било, ако би било?!

За да одговориме на ова прашење, треба да поставиме претпоставена хипотеза, што би се случило во земјата и со самата држава, во наредните 30 години, доколу Македонија не стане(ла) полноправен член на оваа организација. Прво да ги отфрлиме тезите на скептиците дека „ НАТО само што не се распаднало“, бидејќи попрво ќе се распаднеме ние, па и светот, отколку да ја видиме туку-така пропаста на НАТО. Просто, седумдецениска воено-политичка најмоќна организација не се распаѓа преку ноќ. Доколку Македонија и во наредните триесет години, останеше надвор од  радарот на НАТО алијансата, истата ќе беше полноправен член на ООН со навредливото и понижувачко име/ референца „ Поранешна Југословенска Република Македонија/ ПЈРМ“, привремено дури. Голема е веројатноста дека, државата внатрешно ќе скапуваше и урушуваше: без геополитички ориентир, во еден ваакум простор помеѓу интересите на Западот и Истокот, плодна почва за роварење на сите помоќни регионални и светски тајни служби. Казабланка на Балканот. Од  друга страна, кој нам ни гарантира дека во 2050 година, картата на Балканот нема да е поразлична од денешната. Косовското прашање и статусот на Босна и Херцеговина се темпирани бомби, кои  ако експлодираат можат да предизвикаат невидени турнуси на овој дел од Европа. Проблемот околу конечниот статус на Косово не е решен се уште, ниту пак има изглед во догледна иднина дека ќе се реши. Кој може да ни гарантира, дека некогаш и негде, изморени од „ преговорите “ на Косовските Албанци и Србите, меѓународната заедница нема да крене раце и едноставно да ја поттикне и спроведе етничката поделба на Косово: Северот да се интегрира во Србија, додека преостанато Косово да си го бара својот пат преку конфедерација со Албанија. Во такви геополитички околности, Милорад  Додик веднаш ќе побрза и тој да не остане покус, па ќе почне сценарио на обединување на „ српските земји“, односно, припојување на Република Српска кон матицата Србија. Оваа хипотеза е дамоклов меч врз суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија, особено што државата има преживеано и еден воен етнички конфликт со Албанците во далечната 2001 година. Кој нам би ни гарантирал дека доколку не сме член на НАТО, под такви нови територијално- етнички прераспределби , мнозинството на етнички Албанци кај нас, нема да посака, и да тргне во сегрегација, административно-политичка етнизација, т.е да сака да создаде етнички федерализирачки ентитет на територијата на северозападна Македонија? Кој тоа ќе го спречи? Нашите политички елити? Не напротив, тие би го предизвикале со нивната политика на неуспешност, која Македонија ја држела надвор од рамките на НАТО.

Секогаш вината прво треба да ја бараме во себе, па кај другите!

Развојот на една држава, на едно општество, и нејзините граѓани е жива материја, впрочем како што е  и животот на едно човечко битие. Најчесто, реверзибилност во геополитичките разврски и процеси нема. Земете го примерот на Крим, и неговото припојување/ анексија кон Русија. Со 100 % извесност е дека таму нема назад, како што нема назад во централизација на Босна и Херцеговина. Поентата ми е, доколку некогаш би се случила федерализација на Македонија, од тука па назад – нема да има. За да се спречи такво „ сценарио“, оваа држава треба да постане член на НАТО и ЕУ, а со тоа  да има партнери кои ќе застанат на нејзина страна, и да биде респектабилен член во меѓународната заедница. Бидејќи подобро е да имате столче на зелената маса и вие со вашиот глас да одлучувате, отколку да бидете објект за кој елитното друштво ќе расправа за вас и вашиот статус. Такви бевме на Берлинскиот конгрес  пред еден и пол век, такви бевме и во Букурешт во 1913 година. Исходот на сите нам ни е и повеќе од познат. Истиот има оставено национални, дури би рекол митолошки трауми и рани во колективната свест на нацијата. Значи ние како држава и нашите политички елити, сме тие, кои треба да си го трасираме патот во тешките и комплексни, замрсени односи во меѓународниот свет, и да го извлечеме најдоброто за нас. За да не ни биде виновен секогаш некој друг. За економските бенефити, и подигнувањето на националното БДП со членството во НАТО, во годините кои следат и не треба да се говори. Сите компаративни параметри, со останатите земји од Источна Европа, кои денес се полноправни членки на алијансата се позитивни, и покажуваат раст и развој. И од оваа гледна точка, натоскептиците ги губат своите аргументи, но  истите во детални подробности, заслужуваат елаборација во посебна колумна. 


Благојче Атанасовски - политиколог

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?