Наскоро три нови индустриски зони кај Демир Капија
Објавено во: Македонија 19 Февруари, 2013
Oпштина Демир Капија ќе изгради уште три индустриски зони во насока на унапредување на локалниот економски развој. Веќе се работи врз нивните урбанистички планови, соопшти денеска градоначалникот Трајче Димитриев.
Две од индустриските зони ќе бидат лоцирани во катастарските општини Дрен и Корешница и ќе имаат површина од по 50 хектари. Третата, наменета за лесна и незагадувачка индустрија, ќе биде во катастарската општина Прждево и ќе се простира на површина од 10 хектари.
- Таму се очекува да никнат нови стопански капацитети кои ќе отворат и нови работни места. За инвеститорите ќе има ослободување од надоместок за уредување на градежно земјиште, рече Димитриев. Тој нагласи дека покрај веќе постоечките, новите индустриски зони ќе овозможат нови инвестиции во општината.