01 Декември, 2024
0.0264

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

Објавено во: Колумни 11 Март, 2024

Добивај вести на Viber

Франција, претседателот Емануел Макрон, најави формирање на воена коалиција од членки на НАТО, кои по потреба, би испратиле свои воени сили во Украина. Засега позитивен одговор има само од Балтичките земји. Полска, премиерот вели едно, министерот за надворешни работи друго, а Германија и други членки на НАТО се спротивставуваат на таа идеја. И додека Макрон, како Наполеон во кампањата за војна со Русија ќе собира војски, Кина и Швајцарија се активни на полето на преговори. Односно создавање на благопријатна почва за посредување во мирот во Украина. Веднаш до нив е Турција со својот предлог Истанбул да биде местото за преговори меѓу Русија и Украина. Кон ова може да се додаде и повикот на Папата Франциско, Украина да крене „бело знаме“, како знак за подготвеност за преговори.

Сето погоре кажано се спроведува во време кога Русија е во офанзива во Украина, во момент кога неа, на Украина, и недостигаат и пари и оружје, во момент кога во земјата се одвива кадровска чистка во воените кругови, а со најава и за во политичките. Пред некој ден украински медиуми најавија дека се подготвува смена и на министерот за надворешни работи Димитриј Кулеба! За промени во владата и во парламентот.

Кина, лани во мај го прати својот дипломат Ли Хуеј во Европа да го промовира кинескиот план од 12 точки за политичко решавање на војната во Украина. Во него се зборува за почитување на суверенитетот на сите земји, со отфрлање на двојни стандарди, независно дали се работи за големи или мали, богати или сиромашни. Потоа за откажување од менталитетот на студената војна и водење сметка за сопствена безбедност, но и за безбедноста на другите. Прекин на воените дејства во Украина, со поддршка на Русија и Украина да почнат дијалог до постигнување на сеопфатен прекин на војната. А потоа и обновување на мировните преговори. По ова се предвидува решавање на хуманитарните кризи, заштита на граѓанското население и воените заробеници, обезбедување на атомските централи. Намалување на стратешките ризици и закани од користење на нуклеарно оружје. Поддршка околу извозот на житните култури, прекинување на едностраните санкции и помош во постконфликтната обнова во зоната на конфликтот.

МИРОВНА КОНФЕРЕНЦИЈА

Паралелно со Кина, на барање на Украина во потрага по мирот, во јануари, се вклучи и Швајцарија. Украина бара од Берн да организира мировна конференција на која би се разгледал планот на Киев од 10 точки  во кој главно е повлекување на Русија на границите од 1991 година, судење за воени злосторства и плаќање репарации. Украина, претседателот Владимир Зеленски, сака на таква конференција да се донесе документ, кој потоа би и бил даден на Русија и таа да се изјасни за него. Нормално Швајцарците веднаш рекоа дека таква конференција, на која Украина сака да присуствуваат лидери од над стотина земји, не е можна без учество на Русија. Овој швајцарски предлог беше упатен до Русите, но тие искажаа сомневање дека Швајцарија би требало да биде домаќин и организатор на таква средба, бидејќи веќе зазела страна во конфликтот. Исто така и Кина е за учество на Русија во мировен самит за Украина. Своето учество Русите, меѓу другото, го условуваат со прекинување на испораката на оружје од Запад и со укинување на декретот со кој Украина нема да преговара со сегашната власт во Русија, со Владимир Путин, рускиот претседател.

Во петокот хонконгшкиот SCMPнапиша дека Кина и Швајцарија споделуваат прагматични погледи за тоа како да се дојде до мир.  И дека формат без учество на Украина и Русија, ризикува да стане дипломатски еквивалент на „потемкиново село“. Но главно прашање е како да седнат на иста маса Украина и Русија, особено кога имаат сосема различни погледи кон работите за кои треба да се разговара. Ли Хуеј деновиве пак е во Европа. Кина веројатно смета дека дојде време за ново актуелизирање на незјзиниот план. Хуеј беше во Москва, во Киев, во Брисел, во Варшава. Се очекува да оди во Париз и во Берлин.

Во Европа се „плашат“ од присуство на Русија на некаква мировна конференција, бидејќи таа би можела да истапи со некои барања, повикувајќи се на состојбата на теренот. Тоа би довело до нервози и кавги и се би завршило уште пред да почне дискусијата. Според SCMP, во разговорите со Хуеј, соговорниците тврделе дека барањата на Русија нема да се прифатат се додека таа има намера да „маршира кон Киев“. Друга работа е што, доколку конференција се одржи пред изборите за Европскиот парламент, присуството на Русија на конференција би се сметало дека Европа и попушта неа. Од друга страна, Хуеј во разговорите во Европа изјавил дека самитот „не може да биде конференција на која ќе се разработува план,  што ќе им се турка во грлото на Русите“. Во Варшава го критикувале дека бил „ московски пратеник“.

СИТЕ СИ ИМААТ МАКИ

Паралелно со Кина и Швацарија ја турка својата агенда за самитот. Нејзини дипломати убедуваат лидери од Глобалниот југ да дојдат на евентуалниот самит. Игнацио Касис, министерот за надворешни работи на Швајцарија беше во Њу Делхи и во Пекинг, а го покани и кинескиот претседател Шји Џинпинг да се присоедини кон преговорите.  Кина инсистира на побрз почеток на преговори, сметајќи дека на тој начин и мирот ќе дојде побрзо. Таа не е против учество на таква средба, но доколку на неа има и руска делегација. Згора на тоа доколку Кина, Индија, Бразил , Јужна Африка, Саудиска Арабија (БРИКС) и други земји дојдат на самитот тоа ќе биде повод кон нив да се приклучат и други земји од Глобалниот југ.

Но што ако земјите од БРИКС не дојдат на самитот доколку Русија не биде поканета на него. Тогаш ќе стане збор за средба на истомисленици, на членки на НАТО и на ЕУ и нивни сојузници ширум светот. Земјите од БРИКС и многу други од Глобалниот југ ја осудија руската агресија врз Украина и се залагаат за почитување на нејзиниот територијален интегритет и суверенитет. Не од што многу ја сакаат Украина или ја мразат Русија. Речиси сите тие си имаат свои маки со истите прашања. Еве, најблиску ни е Србија. Подалеку е Шпанија, па Кипар, па Грција, Да не одиме во Африка или во Азија, на Блискиот Исток, па и Кина и Индија, Пакистан или Латинска Америка. На секој континент има држави на кои суверенитетот утре може да им биде загрозен. Затоа сите тие на Генералното собрание на ОН кренаа рака во поддршка на Украина 

Кон сите овие може да се додаде и Турција. И таа си има големи проблеми со Курдите кои бараат создавање на своја држава. Но за тоа ќе треба да одземат турска територија, дел од Иран и од Сирија. Турција е посебна приказна. За жал, Западот не дозволи таа приказна да биде успешна. Станува збор за преговорите меѓу Русија и Украина во Истанбул во мар 2022 година, кога беше постигнат начелен договор за зачувување на суверенитетот на Украина, без Крим, со определена автономија за Донбас. Но САД и Британија се одлучија за продолжување на војната. Емисарот на англосаксонците, Борис Џонсон, тогаш отпатува во Киев и уште повеќе затропаа воените барабани. Епилогот е пред нас. Разурнати градови, стотоци илјади загинати и ранети.

Пред неколку денови украинскиот претседател Зеленски беше кај неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган. После изборите во Русија, во Турција треба да патува и Владимир Путин. Веројатно Ердоган опипувал пулс, колку Зеленски е подготвен за средба со Путин, на турско тло, со посредништво на Турција. Ердоган дури понудил мировниот самит за Украина да се одржи во Турција. Но со учество на Русија.  Нему му е јасно дека Русија можеби не ќе сака да оди на самит во Швајцарија. А Зеленски, пак, смета дека на Украина и треба праведен мир врз основа на план кој би го изработиле „цивилизирани земји од светот“, па дури потоа да се викнат претставници на Русија, оние кои би биле подготвени за тој праведен мир. Ова тешко ќе биде купено од Русите.

Ваквиот приод на Зеленски тешко дека ќе се оствари. Па може да нема ништо од самит во Швајцарија без Русија. Од причина што Кина, Турција, Бразил, Индија,  Јужна Африка и други држави нема да поддржат мировен план направен од земји кои ја поттикнуваат војната во Украина. Можеби најдобро би било токму погорните држави да бидат организатори на мировна конференција. Зашто цела ЕУ и земјите од НАТО се противници на Русија.  План за мир во Украина, покрај Кина имаа и земјите од Африка, предводени од ЈАР, па и во Бразил. И Папата имаше негова инцијатива. Не би било лошо Зеленски да побара помош од нив да бидат организатори, а не само учесници на самитот за мир. Но тој тоа нема да го направи никогаш. Јамката околу вратот на Украина, направена од испорачаното оружје и дадените пари е толку затегната што тешко би се олабавила. И таа ќе мора да игра до крај под таа свирка.  Се додека Макрон и неговата коалиција не влезат во Украина. Тоа го сака Зеленски. А потоа нема да се споменува ни мировна конференција, ни преговори. Ќе нема ни место, ни простор каде да се одржат.

Мирче Адамчевски


* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.