28 Септември, 2024
0.0274

Наутро зима, попладне лето – променливото време предизвикува здравствени проблеми

Објавено во: Анализа 29 Март, 2014

Добивај вести на Viber

Ниски утрински и високи дневни температури. Ова е непријатен период за здравјето на луѓето, алармираат невролозите. Во текот на денот разликата во температурата е дури дваесетина степени, што директно влијае  на здравјето и расположението. Според  неврологот  д-р Анте Поповски,  карактеристично е што во последно време страда онаа средна работоспособна категорија граѓани. Преку 30% од популацијата манифестира симптоми на оштетување на организмот поради чувствителноста на времето и временските промени. Луѓето најчесто се жалат на малаксаност, намалена работна способност, напнатост, нервоза, нерасположение, депресивност, главоболки, несоница. Често, вели, се јавуваат  ревматски потешкотии, промени во крвниот притисок. Како последица на ова се случуваат и мозочни удари, забрзан развој на артериосклероза, постепено намалување на способноста на развивање и сфаќање на обврските, појава на деменцијата. Нашиот организам, вели д-р Поповски, дише со времето - што се случува надвор тоа е и внатре, ако има сила ќе го издржи тој притисок, ако не -  ќе попушти онаму каде е најслабо.
“Психолошки се подготвуваме од зима да влеземе во пролет, а таа не дојде. Луѓето по природен пат сакаат да се разголат, да ги извадат елеците и капутите,  но одеднаш ова време нé лаже, студи.Температурата на телото не е прилагодена за овој период. Деновиве дуваше силен ветер и тоа просто го пробива организмот и не можете да се заштитите од тој продор кој го пробива организмот. Ветерот низ телото ја лади циркулацијата, студена крв доаѓа до срцето, резултат на тоа е нормално покачување на крвниот притисок, главоболка, сите здравствени проблеми кои се јавуваат кај еден организам,  кој не мора да е болен, може да е здрав, а да манифестира пореметување на хомеостазата внатрешно”, вели д-р Анте Поповски.
Оксидативен стрес  кај младата популација! Оксидативниот стрес се јавува  кај здрави индивидуи во процесот на создавање на енергијата која  е неопходна за живот. Во текот на овие процеси, вели д-р Поповски,  се создаваат слободните радикали кои имаат свои физиолишки позитивни функции. Проблемот настанува кога ќе се поремети рамнотежата,  при откажување на природните механизми на одбрана на организмот. Се зголемува  нивото на слободните радикали, се менува оксидативниот статус и организмот навлегува во зоната на зголемениот оксидативен стрес, односно во состојба на висок ризик за настанување на најразлични пореметувања и заболувања. Пореметувањето на внатрешната средина на организмот под влијание на промената на надворешните временски фактори, условува и појава на поизразит оксидативен стрес кој ги нарушува нормалните функции на организмот и условува хронична појава на заболувања. Лекарите советуваат, за да се сочува здравјето  и да се намали дејството на оксидативниот стрес да се применуваат антиоксиданси, витамини, рибино масло. Времето и расположението Временските услови во голема мера влијаат врз нашето здравје, како физичко така и психичко-смета психологот Елена Ангеловска. Според неа, на физички план  секој од нас ги почувствувал последиците како што се омалаксаност, главоболка, тахикардија, но истите тие физички симптоми преку нашата динамика влијаат паралелно и на психичкото здравје, по пат на сугестивност, заради свеста дека нешто се случува со организмот, околината и нашето опкружување.
“Како резултат на временските промени може да се јави анксиозноста како почетен симптом односно благо влијание на страв,  кој  не можеме да си го објасниме  и кој со тек на времето станува поголем и зазема поголем опсег од нашето секојдневие до мера каде што веќе ни попречува во извршувањето на секојдневните обврски. Како придружник на анксиозноста доаѓаат и симптомите на депресијата, односно омалаксаност, безволност, пад на самодовербата”, вели психологот Елена Ангеловска.
Луѓето се склони кон земање на што е можно повеќе од животната енергија, сончевите зраци и чистиот воздух, но доколку останат без нив или не ги добиваат доволно, тие  ќе почнат да ги трошат резервите, а со самото трошење и ќе стануваат сé помалку толерантни, исцрпени и со помалку ентузијазам за наредниот ден. Самиот животен тек и стресот кој го носи истиот, додава Ангеловска, прави да бидеме помалку отпорни кон депресијата, анксиозноста и останатите психички заболувања, па кога на сето тоа ќе се додаде  и отсуството на сончеви зраци и честите невообичаени промени на временските услови, се добива  една комбинација која воопшто не влијае позитивно на луѓето. Сé почесто стануваат ненаспани со  чувство на  замор кој  не може да се  објасни, а сето тоа се случува заради неповолноста на условите во кои живееме,  при што на најголем удар се оние кои што ги чувствуваат директно (не)поволностите на временските прилики, а тоа се граѓаните кои во текот на денот се активни и во движење.
 “Често знаеме да кажеме, таков е животот стресен и динамичен. Точно, тој е таков по својата природа но во нашата природа е да ги менуваме работите и околностите кои не нé прават исполнети на оној начин на кој што мислиме дека треба. Напротив, во нашиот менталитет владее мислењето дека на сметка на едното треба да страда другото. Како луѓе ги имаме сите можни средства и прилики да го создадеме и креираме нашето секојдневие, а тоа треба да е секогаш создадено од правилно конструирана хармонија и баланс на трите аспекти од нашиот живот - работата, семејството и пријателите”, вели психологот Елена Ангеловска.
Здравите навики и здравите односи, сметаат психолозите,  апсолутно секогаш ќе водат и кон подобро здравје доколку ги насочиме правилно. Изложеноста на загадениот воздух, брзиот и стресен начин на живот се тие кои уморуваат и ја црпат целата енергија, која спротивно би го разубавувала телото, мислите и  благосостојбата . Човечкиот организам циркулира по пат на примање и давање и мора секогаш да се  храни  со светлина, физичка и психичка енергија. Б.С.