Добивај вести на Viber
Последните денови една политичка партија се бави со пишување конфузни соопштенија полни со конструкции и дезинформации против гувернерот и Народната банка, велат од кабинетот на гувернерот Димитар Богов, откако опозициската СДСМ втор ден бара отчет за продажбата на Алфа банка за сума од 1,2 милиони евра, и посочува дека НБРМ во нетранспарентна постапка издала согласност за продажба на банката.
„Целта е нарушување на макроекономската стабилност и сигурноста на банкарскиот сектор. Народната банка е независна институција која работи согласно законот за Народната банка и ќе продолжи да испорачува макроекономска стабилност и сигурен банкарски сектор
, се вели во писмениот одовор од кабинетот на гувернерот Богов.
Во однос на цената по која се продаде Алфа банка, а која ја оспоруваат од опозицијата од НБРМ велат дека согласно своите надлежности Народната банка може да дозволи или да не дозволи купување на квалификувано учество во банка, но не може да ја коментираат цената по која е продадена банката.
„НБРМ нема надлежност да коментира околу цената, уште помалку да се меша или влијае врз истата. Сумата на трансакцијата е договорена меѓу продавачот и купувачот и е резултат на пазарните прилики. Алфа банка АД Скопје не котира на берзата, но цената на македонските банки кои котираат на берзата се движат меѓу 30% и 50% од книговодствената цена. Колку за ориентација слични цени како сооднос на пазарната и книговодствената цена на акциите се постигнати на сите трансакции за купопродажба на банки во Европа во последните неколку. Тука некаде е и пазарната цена на акциите на Алфа банка во Грција“,
се вели во писмениот став од НБРМ.
Преговорите за продажба се одвиваа меѓу продавачот и купувачот, а во нив не учесува Народната банка, додаваат оттаму, и потенцираат дека сепак биле информирани за целата постапка.
„Народната банка беше информирана за намерите од двете страни но не учествуваше во преговорите меѓу нив. По склучувањето на преддоговорот Народната банка беше информирана за тоа по што купувачот ја достави целокупната документација за лиценцирање. Процесот се одвиваше стандардно според законската процедура како и сите претходни купопродажби на банки. Народната банка ја почитуваше замолницата на продавачот за дискреција во однос на преговорите кои се одвиваа меѓу нив, поради влијанието што таквите информации можеа да го имаат врз Алфа банка во Грција која поминуваше низ сложен процес на докапитализација“,
стои во одговорот од НБРМ.
НБРМ: Новиот сопственик директно или индиректно соработувал со американската, швајцарската и македонската влада.
Дополнително од кабинетот на гувернерот Димитар Богов, појаснуваат дека од податоците кои и се достапни на Народната банка новиот сопственик во својата долга кариера како финансиски експерт директно или индиректно соработувал со
американската, швајцарската и македонската влада.
„Купувачот Silk Road Capital AG од Швајцарија се стекна со 100% од акциите на Алфа банка АД Скопје. Во случајот на Silk Road Capital AG се работи за таканаречен “special purpose vehicle” односно компанија креирана со посебна цел за преземање на одредени инвестиции и стекнување учество во банки и други финансиски институции во земјата и странство, зад која стои конкретен инвеститор кој е целосно идентификуван пред НБРМ
, појаснуваат од НБРМ.
Според НБРМ се работи за инвеститор со висок кредибилитет со триесетгодишно искуство во финансискиот сектор во Швајцарија и во централна и југоисточна Европа.
„Извршувал одговорни функции во тогаш најголемата банка во светот – американската Сити банка во нејзината подружница во Цирих, меѓу кои и позицијата главен финансиски директор на корпоративна и инвестициска банка дел од Сити груп. Потоа бил основач и управител на капитален инвестициски фонд во кој успеал да привлече значајни институционални инвеститори, меѓу кои и германската државна банка KFW и швајцарската државна агенција за меѓународен развој SECO,
стои во објаснувањето на НБРМ.
При тоа се додава дека тој Фонд бил лиценциран како малцински акционер во банки во Хрватска, Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора, Македонија. Но, и дека конкретниот инвеститор има искуство и во директно вршење надзор врз банкарското работење, така што бил член на Надзорни одбори во банки во Хрватска и Босна и Херцеговина, а моментално е член на Надзорен одбор во банка во Швајцарија.
Што бараше СДСМ
Опозициската СДСМ втор бара отчет од гувернерот на НБРМ за продажбата на Алфа банка за сума од 1,2 милиони евра.
„Секторот за супервизија, банкарска регулатива и финансиска стабилност при НБРМ и гувернерот Богов треба да одговорат дали свесно дозволија раководството на Алфа банка да го ,,стопи“ основниот капитал на ова ниско ниво? Дали намерно и свесно е изоставена банкарската контрола врз Алфа банка
, стои во партиското соопштение на СДСМ.
Дополнително, тие прашуваат дали Богов како верен соучесник на Груевски учествувал директно во таинствена и нетранспарентна продажба на банката за 1,2 милиони евра?
„Во соопштението на НБРМ, гувернерот Богов признава дека зад оваа трансакција стои физичко лице кое формирало фонд токму за оваа цел, односно да ja купи банката по нереална цена, којашто е толку мала и за да може да се купи штедилница“, се вели во писмениот став на СДСМ.
СДСМ бара гувернерот Богов да каже дали зад оваа нетранспарентна трансакција стои лице кое поседува и друг правен субјект којшто работи како консултант во Владата на екс-премиерот Груевски во областа на финансиските услуги?
„Дали цената на транскацијата е толку ниска затоа што станува збор за човек кому му се познати шемите на функционирање на оф-шор зоните од типот на Панама?, се вели во реакцијата на партијата.
При тоа тие заклучуваат дека Богов со ваквите неразумни и ефтини потези станал директен соучесник во прикривањето на криминалите на Груевски.
Р.Ф.