28 Септември, 2024
0.0256

НЕ Е САМО ШЕГА: Првоаприлските маски удираат по домашниот буџет

Објавено во: Анализа 01 Април, 2014

Добивај вести на Viber

Бетмени, принцези, спајдермени, кловнови, доктори, полицајци-ова се дел од маските кои за 1-ви Април се меѓу најбараните, но и помеѓу поскапите. Трговците тријат раце, но не и родителите.  Семејниот буџет, велат, на стартот на месецот, кога уште не се стигнати мартовските плати, ќе остане покус за неколку илјади денари. Резот особено ќе го почувствуват оние кои имаат две и повеќе деца, кои ќе посакаат особено на денот на шегата да се претворат во својот омилен јунак, но и оние кои работат за минималец, а чии деца имаат слични желби како и нивните побогати другарчиња. Еуфоријата за прославување на денот на шегата 1-ви Април од година во година станува се помасовна појава и во нашата земја. Децата по примерот на своите другарчиња, особено следејќи ги оние со поинтересни,  а секако и поскапи костими за маскирање, најчесто сакаат да го изберат она што ним прво ќе им падне во око. За цената треба да се грижат родителите.
“Уште пред десетина дена постојано тема на разговор во нашиот дом е како и во што ќе се маскираме. Ако порано успевав да ја прелажам мојата ќерка која има 11 години, со постари алишта да се маскира во вештерка, циганка или танчерка, денеска несака ни да чуе за тоа. Па така, купивме костим на египетска кралица, а за три години помалиот син Даниел кој не сакаше да остане покусо, костим на Бетмен. Тоа не чинеше скоро 1600 денари. Ама ајде, по памет на деца, да не ги двоиме, ќе скратиме од друго, да има за нив”, вели мајката Д. Маневска.
Комерцијализација без историски и традиционални корени! Според проф.д-р Марко Китевски од Институтот за македонски јазик,  1-ви Април како меѓународно прифатен ден на шегата и маскирањето, нема  традиција во македонската култура и обичаи. Овој ден според него, секоја година има се поголем број на подржувачи особено помеѓу родителите и децата, а во најголем интерес на трговците.
“1-ви Април нема традиција, ниту пак е обичај од нашето поднебје. Тој според Јулијанскиот календар е на 14-ти април, но сепак никако не можеме да го поврземе со македонската традиција. Она што е карактеристично за Македонија се на пример Василичарскиот или Вевчанскиот карневал, кои секој карактеристично за своето поднебје носи и своја порака. Исто така и Струмичкиот карневал кој е вистински бал под маски. Сега и со примеси на модерното време но сепак симбол за негувањето на долгогодишната традиција на нашиот народ и на ова поднебје”, вели Марко Китевски.
Сепак, првоаприлските масекнбали стануваат настани од кои не можеме да побегнеме, сметаат социолозите. Кога се работи за деца, родителите се најчувствителни, но мора да се земе во предвид и економската состојба и стандардот на населението. Според професорот по социологија Ѓорѓи Тоновски, ако се комерцијализира овој настан  во функција на квалитетот тогаш можеби има оправдани причини за подршка на ваквите настани. Тој додава дека треба да се форсира идејата самите деца да ги направат своите маски и на едукативен начин да им се посочи важноста, идејата и пораката на маската со што ќе се овозможи да опстои, но и да се култивира и оплеменува идејата, да се внесе димензија на семејна креативност.
“Ова е добра традиција за децата. И моите внуци се радуваат на идејата за маскирање и за 1-ви април, тие живеат со оваа идеја да ги оживеат своите јунаци. Но, тоа е онаа емотивна димензија. Од друга страна, ако тргнеме по линија на создавање на кич и шунд тогаш станува лошо. Мислам дека она што недостасува, токму во овие форми да се создаде е потребата ваквиот настан  да се канализира,  без никаква политичка или друга димензија, да се најде начин да се делува воспитно-образовно на децата. Тоа е она што можеби недостасува, а ова е добар момент и начин да се направи“, вели професорот Ѓорѓи Тоновски.
Дел од учениците од основното училиште “Климент Охридски”  во  скопската населба Драчево, оваа година сами си ги изработија маските и ги продаваа по симболични цени на своите другарчиња. Парите собрани од продажбата ќе ги дадат во училишниот фонд. Очекуваат оваа идеја да стане традиција која ќе ја практикуват и ќе ја негуваат и останатите ученици.
“Сакавме сите другарчиња да бидеме еднакви, а покрај тоа и да се вклучиме активно во правење на првоаприлските маски. Мене ми помогна мојата мајка да направам маска која ја купи мојот најдобар другар. Јас ја купив неговата и сум многу среќен” -вели Лука Стефановски,ученик во трето одделение во ОУ ” Климент Охридски”.
1-Ви Април низ светот! Во најразлични земји од целиот свет, Денот на шегата се слави секоја година на 1 Април. Понекогаш го нарекуваат и денот на сите шегаџии. 1 Април не е национален празник, но е признаен и се прославува како ден кога многумина прават разни шеги и будалaштини. Овој ден го одбележува присуството на весели шеги, трикови на сметка на различни пријатели, членови на семејството, соседи, колеги. Традиционално, во некои земји како Канада, Нов Зеланд, Обединетото Кралство и Јужна Африка, шегите траат само до пладне, и некој кој прави трикови после пладне го нарекуваат „Априли-ли-ли“ и го исмејуваат „Денот на шегата си замина, ти си будала што се шегуваш“!  Во други земји како Франција, Италија, Јужна Кореја, Јапонија, Русија, Холандија, Германија, Бразил, Ирска, Австралија и САД шегите траат цел ден. Во Франција и Италија децата традиционално на грбовите еден на друг си лепат риби од хартија и викаат „априлска риба”. Фламанската традиција е децата да ги заклучуваат своите родители или учители и да ги пуштат само ако има ветат дека ќе им донесат слатки истата вечер или другиот ден. Традицијата, пак, кај нас е првоаприлска програма за најмладите во училиштата и на плоштадите, а за возрасните во кафулињата и дискотеките, секој на свој начин барем еден ден да излезе од “својата кожа”!