Добивај вести на Viber
Во нечист неисправен оџачки канал кој имал конструктивни недостатоци, запалени наталожени смоли и саѓи, се причина за пожарот во кој изгореа конаците на манастирот Трескавец.
Ова го покажаа извештаите на вештите лица кои се доставени до Основниот суд во Прилеп.
- Центарот на огнената стихија била гостинската соба број 6 веднаш до манастирската камбанарија. Во таа просторија викендот имало гости, најверојатно интензивно и прекумерно се ложела печката на дрва. Прво од саѓите и смолите се запалил подот, веднаш од таа пожарот се пренел во соседната просторија и за 20-тина минути се проширил секаде. Пожарот избувнал во 13 часот за петнаесеттина минути се проширил со силен интензитет, информира денеска портпаролот на судот Жарко Велески.
- Критичниот ден, на 4 февруари во понеделникот дувал ветер од западен правец со брзина од 28 километри на час. Но на надморска височина од околу 1.300 метри бил многу посилен и за жал пожарот многу брзо ги опфатил конаците, вели Велески.
Со едниот извештај се констатира причината, а со другиот вештите лица целосно ја отфрлаат можноста дека пожарот бил предизвикан од електрична инсталација.
- Електричната инсталација во никој случај не е причина за пожарот. Таа можност во извештајот е отфрлена, додава портпраролот на судот.
Истражната постапка за пожарот во трескавец трае се уште.
Во пожарот од 4 ти овој месец беа спасени црквата „Успение на пресвета Богородица“ и трпезаријата кои датираат од 12 и 13 век.