Неделен Фактор - Народот е исправен и со свиткана кичма
Објавено во: Македонија, Колумни 28 Јуни, 2020
Некогаш политичките пропаганди спотови беа
свежи и авангардни. Се сеќавате на девојката која помина една вечер со дечкото
во портокаловата маица. Или пак на провокативната кампања "Се палам на
Стефчо". Овој пат, грото од партиските спотови се досадни и веќе видени,
неинспиративни. Но, кој очекуваше дека ВМРО-ДПМНЕ во услови кога лесно може да
поентира со енергични пораки кои ќе повикаат на промени да си даде аматерски
автогол.
Зомби кампањата е меѓу најлошите рекламни партиски спотови, не дека гафови и киксови немало во минатото, но тие видео грешки им биле препуштени пред се на малите партии со далеку помал буџет и со голема желба да покажат креативност.
Народот е исправен и кога му е свиткана кичмата. Таа лекција Мицкоски требаше да ја научи од политичарот од едно друго време. Народот прикажан како свиткан кој го чека својот спасител со нежен допир на дланката да се исправи е погрешно и од визуелен, комуникациски па ако сакате и од естетски аспект.
Народот не ја свитка кичмата, тие што се наведна и ги прифатија компромисите се политичарите и сите последици кои произлегуваат се на нивен товар. Дали тој товар ќе биде доволно тежок за да им ја скрши кичмата, повторно ќе биде одлука која народот ќе ја донесе на 15 јули.
Мицкоски како да е наместен да глуми во лоши спотови. Ништо подобро не помина ниту на скопскиот аеродром. Што правите во вакви спотови господине Мицкоски?
Секако, ова е доволна причина за сеир на социјалните мрежи но, не и од далеку дека е тоа катастрофална грешка, да не забораваме нашата колективна сласт за медиумски атракции трае онолку додека не почне следната. А, следна имајќи ги во предвид нашите политичари не се ни сомневаме дека ќе има.
И уште нешто, барем ВМРО-ДПМНЕ успеа иако ненамерно, да го тргне вниманието од Pse Jo кампањата на ДУИ и исфорсираната теза за прифаќање на етнички Албанец за иден премиер на Македонија. ДУИ пак, со милитаристички спот каде во графиката само се наѕирува македонското знаме предвреме се поставува триумфалистички. Ослободување на Косово, придонес на Албанците од Македонија за косовска држава и снимки од воени хеликоптери и бомбардирање. Сериозно, ова е следниот логичен чекор и Македонија? Но, додека си се смешкаме на лошо осмислените спотови на опозицијата никој и не коментира какви се пораки сака да испрати ДУИ.
Можеби и така е подобро, доволно им беше бесплатен публицитет, па треба ни да им се одговори и на овој коцкарски блеф.
Власта пак, покажува дека е прекомотна, оди на сигурно со сите досегашни спотови. Не се труди да направи вирално видео за кое со денови ќе се коментира на социјалните мрежи и низ "чаршијата". Од една страна имаат клиничко досадни и испеглани видеа од врвни функционери кои не убедуваат во колку само тоа ние нормална држава живееме, небаре македонската политика станала толку досадна како да сме земја од Скандинавија. Уште да имавме скандинавски институции, животен стандард и одговорни политичари.
Вториот дел од кампањата на СДСМ е реприза од 2014-та кампањата. Озбилно бе, темни кадри со мрачна заканувачка музика, инсерти од протести, полиции, судири. Уште ли сте опседнати со Груевски? Разбираме дека сакате да го понижите Мицкоски, дека ете тој не е вистинскиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, дека всушност заканата доаѓа од пребегнатиот, но до кога ќе ја користите оваа Барбарога за да ги предупредите гласачите пред да донесат одлука.
Ама, сериозно ли уште играте на картата по речиси четири години на владеење дека баш сега има опасност од враќање на "режимот". А, што праевте вие цел мандат, кој е во затвор, каде ви е бројчаникот на Триумфална, каде е сега СЈО, се справите ли со корупцијата, криминалот, непотизмот, партизираноста, поделеноста? НЕ!
Досега обид за покреативна и неоптеретена кампања има Македонски концепт, малку стриповски манир за приказ на двете партиски зла во Македонија и обид за дистанцирање и од двете. Освен, стрипчето Македонски концепт нема нешто преактивно иако се гледа дека имаат доста пари за оваа кампања.
Левица пушти солиден спот, со модерна монтажа и кадри, иако некако е блед обидот Апасиев да се прикаже како модерен Кочо Рацин. Црвеното социјалистичко знаме придружено пред се од десничарски наратив е уште поголема конфузија, но и онака оваа партија одамна не го има првичниот впечаток, па можеби и ќе "успеца" некој залутан глас откинат од двете најголеми партии.
Наша препорака за политички спот кој не смее да го препуштите е на "Демократи", како интернет корисници ќе ни бидете благодарни.
Х.С.* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.