28 Септември, 2024
0.0265

Нема дивиденда за акционерите на скопски „Бетон“

Објавено во: Анализа 02 Јуни, 2014

Добивај вести на Viber

Мнозинството акционери одлучиле целата добивка од 50,7 милиони денари да се распредели во акумулирана добивка и во резервниот фонд Скопската градежна компанија „Бетон“ нема да подели дивиденда на своите акционери и целата добивка остварена лани ќе биде распределена во резервниот фонд и во акумулирана добивка. Вака одлучиле мнозинството акционери на собранието одржано на 27 мај, објави компанијата на веб страницата на Македонската берза за хартии од вредност. „Бетон“ лани остварил добивка од 50,7 милиони денари (околу 823.000 евра). Од тоа 7,6 милиони денари ќе бидат распределeни во резервниот фонд на компанијата, а 43,1 милиони денари ќе бидат префрлени во акумулирана добивка на таа компанија. Добивката пред оданочување што лани ја остварил „Бетон“ изнесува 58,1 милиони денари и таа изнесува 2 отсто од годишните приходи на компанијата кои лани биле на ниво од 2,796 милијарди денари (околу 45,4 милиони евра). „Бетон“ е градежна компанија која има долгогодишно искуство со изградба на мостови, брани, конструкции и високоградба. Во изминативе четири години речиси целото оперативно портфолио на „Бетон“ е сконцентрирано на градежни работи во земјава. Оваа компанија е изведувач на неколку позначајни објекти од проектот „Скопје 2014“. Компанијата е во доминантна сопственост на странски компании од кои најголеми акционери се три фирми кои поседуваат над 63,5 отсто од акциите со право на глас. Тие компании се: Repro One LTD, најголем поединечен акционер со 22,1 отсто од обичните акции, Wolles Trading CORP со 21,35 отсто од акциите и Arrowcrost LTD со 19,94 отсто од акциите со право на глас. Компанијата во сопствен откуп има 5 отсто од управувачките акции. Според официјалните податоци од Централниот депозитар за хартии од вредност во „Бетон“ има 888 домашни физички лица – сопственици на 23,8 отсто од акциите. Од домашните акционери тука се и 29 правни лица кои заедно поседуваат 7,1 отсто од акциите. Вкупно 14 правни лица (вклучително и најголемите три поединечни акционери) поседуваат 65,9 отсто од капиталот на „Бетон“. Според консолидираниот биланс на успех што компанијата го објави за првиот квартал годинава „Бетон“ има раст на оперативните приходи за 10 отсто во споредба со истиот период лани и тие изнесуваат 561,27 милиони денари. Сите приходи од продажба се остварени на домашниот пазар и тие изнесуваат 547,2 милиони денари. Добивката за првите три месеци годинава е 18,1 милиони денари и е за 14 отсто повисока од истиот период лани. Р.Ф.