Нема одржлив економски развој без квалитетно образование
Објавено во: Колумни 05 Декември, 2012
пишува М-р Шенај Хаџимустафа
Образованието е фундаменталната основа на економијата на знаење. Добро образованите и вешти луѓе се есенцијални за успех во глобалната конкуренција. Имајќи во предвид дека за економијата на знаење се карактеристични работниците на знаење, образовниот систем во земјата е од пресудно значење за креирање на овие работници на знаење. Основното и апликативно истражување својата вредност можат да ја истакнат со нивна примена за решавање на практични проблеми во реалноста, особено за потребите на индустријата т.е технолошките потреби.
Опремувањето на луѓето во насока на исполнување на овие барања побарува нови модели на образование и тренинг, модел на доживотно учење. Доживотното учење вклучува учење во текот на целиот живот, од раното детство до пензиониорањето. Тоа во себе вклучува формално учење (училишта, институции за тренинг, универзитети), и неформално учење (вештини научени од членови на семејството или луѓе од заедницата). Доживотното учење е клучно за подготовка на работниците за натпревар во глобалната економија. Од друга страна, истото овозможува и поголема социјална кохезија на луѓето во своите заедници, намалување на криминалот и подобрување на дистрибуцијата на доходот.
Образованието креира избори и можности, ја намалува сиромаштијата и им дава на луѓето поголем глас во општеството. Добро образованите и вешти луѓе се есенцијални за креирање, споделување, дисеминација и употреба на знаењето на поефикасен начин во глобалната околина која радикално ги менува видовите на вештини потребни за економски успех.
Образованието и човечкиот капитал се клучна алка која ги спојува останатите елементи од економијата на знаење. Стапката на писменост на возрасните над 15 години во Република Македонија според последените официјални податоци од 2009 година е 97.12%. Вклученоста во основното образование, според податоците од 2010 година е 88%, што гледано во светски рамки Македонија е на 104 место од 144 земји (според индексот на глобална конкуренција). Квалитот на основното образование се оценува со средна оценка, кое остава простор за понатамошни реформи кои треба да се направат како во поглед на подигнување на квантитетот, така и во поглед на подигнување на квалитетот во основното образование.
Квалитетното високо образование и обука се клучни за економиите кои сакаат да се движат нагоре по синџирот на додадена вредност и да ги остават зад себе производствените процеси и прозводи со ниска додадена вредност. Вклученоста во средното образование во Македонија е 83.7%, додека вклученоста во високото образование е 38.6%. Генерално квалитетот на образовниот систем на РМ се оценува со средна оценка, позиционирајќи се на 88 место од 144 земји според ИГК 2012-2013. Земјата има особена предност во делот на интернет пристапот во училиштата, при што се завзема 46 место. Во овој дел е битно да се напомене потребата достапните ресурси да се искористат на што поефикасен и порационален начин, како квалитетот во образовниот систем би се унапредил.
Инвестирањето во образованието е важна одлука, која носи големи придобивки: најпрво, економски придобивки, бидејќи добро образована работна сила го зголемува потенцијалот на нашата земја за одличност и компетитивност, а исто така носи и социјални придобивки, зошто создава услови за еднакви можности и социјално учество.
Во услови кога Шумпетеријанската креативна деструкција е од особено значење за креирање на иновации кои водат кон економски раст, улогата на образованието, меѓу кои и високото образование, т.е. универзитетите со нивното истражување, студиски програми и услуги, го потпомагаат општеството во оваа насока. Образованието овозможува земјата да има одржлива иднина. Во таа насока и концептот на Образование за Одржлив Развој ги гради националните капацитети на нациите кон креирање, проширување и имплементирање на стратегиските планови. Овој концепт овозможува одржлив економски раст преку подобрување на квалитетот и вештините на работната сила, воедно задоволувајќи ги потребите на интегрираната животната средина и социјална правда. Образованието за одржлив развој создава информирана публика која поддржува современа политика за животна средина, социјална и економска политика и легислатива која го подобрува квалитетот на живот, т.е. општествената благосостојба на сите членови на едно општество. Во оваа насока универзитетите не смеат да останат под заштитната капа на државата, туку треба постојано да ги унапредуваат своите наставни програми, кои ќе одговараат на потребите на пазарот на труд, како и да спроведуваат истражувања, кои од друга страна ќе одговараат и на потребите на реалниот сектор, а своето владеење го базираат на претприемничка основа. Оценката на квалитетот на образовните институции како и системот на акредитација треба да се базира на врвноста, креативноста и иновативноста.
Од овој аспект гледано на Република Македонија и претстојат значајни реформи кои треба веќе крајно време да се направат, доколку не се сака и понатаму да се продолжи да се креираат кадри кои не одговараат на потребите на пазарот на труд, т.е. го зголемуваат јазот помеѓу пазарните потреби за одредени профили и кадри и аутпутот кој го генерираат образовните институции. Воведувањето и примената на концептот на Образование за Одржлив Развој е од суштинско значење за долгорочно надминување на дел од проблемите кои претставувата основа за развој на македонската економија.
М-р Шенај Хаџимустафа - асистент на Универзитетот на Југоисточна Европа
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.