Добивај вести на Viber
Растот на македонската економија одново ќе има надолна ревизија, откако станува се појасно дека разрешница на кризата ќе нема. Дури и да се одржат избори (што е тешко веројатно), кои би биле без опозицијата тоа нема да значи дека кризата е завршена, напротив. Дури и не мора да си многу паметен или да имаш голема моќ за аналитика за да знаеш дека во вакви услови македонската економија ќе нема да успее да ги доживее посакуваните стапки на раст.
Според прогнозите на ЕК Македонија годинава ќе забележи раст од 3, 5 отсто, но Светска Банка неодамна порача дека растот е тешко остварлив.
Од Светска банка се порачува Македонија да се сконцентрира на внатрешно-политичките превирања и истите да ги надмине бидејќи претставуваат ризик фактор за одлуките за нвестирање и намалување на економската активност.
„И ескалацијата на бегалската криза може да биде ризик за македонската економија, особено ако ЕУ одлучи да ги затвори своите граници или значително да го ограничи приливот на мигранти“, се наведува во Извештајот.
Банката нотираше и низа други проблеми, како управувањето со јавните финансии.
Дури и гувернерот на Народната банка на Република Македонија, Димитар Богов смета дека проектираниот раст ќе е тешко остварлив.
„Деновиве ММФ излезе со проекција за економскиот раст во оваа година од 3,6 проценти, што потврдува дека и тие гледаат дека македонската економија има здрав потенцијал за економски раст. Но, беше искажана загриженост дека најновите политички случувања и политичката несигурност којашто владее во Македонија може да го загрози овој потенцијален економски раст“ – вели Богов.
Дали сега ќе има нова надолна ревизија ќе видиме. За очекување е. Она што е спорно е што никој не знае уште колку време ќе трае кризата. За бизнисмените таа е веќе предолга. Се одложуваат инвестициите, секој крпи со тоа што го има. Нема зголемување на производтсвото, а со самото тоа ниту нови пазари.
„Општо земено, ескалацијата на состојбите е многу сериозна закана за економијата. Инвестициите веќе страдаат, ефекти ќе има и врз потрошувачката. Целосно воздржаниот приватен сектор веројатно и понатаму ќе го компензира Владата, со нагласено извршување на буџетот, и со капиталните инвестиции и преку алиментирањето на сите зголемувања на тековни расходи што ги ветила. Тоа притиска на долгот, тој е моментално на горната опасна граница и отплатната способност е под голем ризик. Гледаме воздржаност од меѓународните финансиски институции, во смисла прво да се сочека расрешница на кризата пред евентуално да се одобруваат нови кредити, па макар тие биле и наменски. вели универзитетскиот професор Марјан Петрески.
Се на се, македонската економија не е силна економија, што може да се бори на подолг рок.