Добивај вести на Viber
„Макпетрол“ силно конкурира на најголемите трговски ланци ако се споредува приход од продажба на сладолед, освежителни пијалоци, колачиња, грицки и другите производи што сите ги купуваме од бензинските пумпи на компанијата. Овој приход , според билансите, е 7,5 отсто од целиот приход од продажба на „Макпетрол“
Речиси секој од нас на патување застанува на некоја бензиска пумпа на „Макпетрол“ каде точи гориво и „успат“ купува освежување, кафе, колачи, грицки или други ситници. Е верувале или не лани „Макпетрол“ од своите продавници остварил приход од речиси 21 милиони евра!!! Продавајќи сокчиња, сладоледи, кафе, грицки и чоколади.
Доколку е рангиран, а не е , со толку големи приходи од малопродажба „Макпетрол“ би се нашол веднаш зад најголемите ланци супермаркети „Тинекс“ , „КАМ Маркети“. Звучи неверојатно, но така е. „КАМ“ и „Тинекс“ имаат повеќе од двојно поголеми приходи од продажба, но во нивниот асортиман има многу, многу повеќе производи од тие што ги гледаме на рафтовите во бензинските станици на „Макпетрол“. Замислете каков синџир на маркети може да биде „Макпетрол“ ако го зголеми асортиманот на производи и ги намали малопродажните цени? Вреди да се размисли. А можеби идниот купувач токму тука ја гледа својата шанса... Ако се разработи тој сегмент од бизнисот што веќе постои како инфраструктура веројатно е дека има големи и реални можности за раст.
Што покажуваат официјалните податоци?
„Макпетрол“ лани книжи 1,29 милијарди денари од приходи од ставката останати стоки. Дури 1,27 милијарди денари од тие приходи се остварени од малопродажба. Тоа значи тоа се стоките од рафтовите во бензинските станици и од фрижидерите за освежување со пијалоци и сладоледи. Дали големите трговски ланци прават толку големи пари од овој спектар на производи?
Тоа го знаат само нивните сопственици и менаџери. Таков селектиран податок не е јавно објавен. Реализацијата на „Макпетрол“ од 21 милиони евра го надминала планот за речиси 219 милиони денари (3,5 милиони евра). Во однос пак на реализацијата во 2014 година , лани продажбата на мало се зголемила за 190 милиони денари. Тоа во голема мерка е резултат на програмата „Верна“ со која „Макпетрол“ стимулира продажба на своите бензини, а ја врзува со продажба на производи од своите рафтови на бензинските пумпи. Како и да е растот е 17 отсто што секако дека е за почит и за симнување капа. Воедно, приходот од продажба од оваа ставка е 7,5 отсто целата продажба на „Макпетрол“ во неконсолидираниот биланс на успех за 2015 година.
Од масла и од компјутерите на ДЕЛЛ приходите се над 19 милиони евра
Податоците од годишниот извештај на „Макпетрол“ (страница 189) покажуваат дека компанијата солидно реализирала и продажба на масла и од компјутерите ДЕЛЛ. Кај комјутерите чиј застапник е „Макпетрол“ продажбата изнесува 188,4 милиони денари што е над 3,1 милиони евра и во однос на планот за 2015 е повисока за околу 150 отсто. Во споредба со реализацијата во 2014 година продажбата на стоки од програмата на ДЕЛЛ пораснала за еден милион евра!
Исто така фантастични се и резултатите од продажба на масла од програмите што ги дистрибуира и продава „Макпетрол“. Податоците покажуваат дека лани се продадени 1.000 тони масла односно 1 милион литри. Ако просечна продажна цена на литар масло е 1.000 денари излегува дека од тоа се реализирани 1 милијарда денари односно , лани, околу 16,2 милиони евра. Продажбата во обем (тони) во однос на 2014 година пораснала за 15 отсто.
Р.Ф