26 Ноември, 2024
0.0392

НИКАДЕ ГО НЕМА ЛАНСКИОТ ИЗВЕШТАЈ ЗА ЕУРОСТАНДАРД - дупката во законот искористена за да се сокрие

Објавено во: Економија 18 Август, 2020

Добивај вести на Viber

Последниот финансиски извештај што го објавила јавно Еуростандард банка на Берзата е оној што е однесува за работењето во 2018 година. Тој извештај бил презентиран пред јавноста во јули минатата година. Оттогаш нема јавно објавен извештај за финасиските резултати од работењето на банката на бизнисменот Трифун Костовски. Односно, на Берзата не е објавен извештај за работењето на Еуростандард за 2019 година, што би требало да се случи некаде до средината на оваа година.

Доколку ваков извештај, пак, бил објавен, соработниците и клиентите на Еуростандард би имале појасна претстава за тоа во каква состојба се наоѓала банката, односно би ја виделе нејзината загуба, па можеби врз таа основа подобро би ги направиле своите бизнис планови.

Како се случило да се дозволи Еуростандард банка да не го објави извештајот за финансиските резултати од своето работење, а притоа никој да не реагира и да ја казни банката, или да ја задолжи јавно да го објави извештајот на Берзата.

Кој требало да забележи дека Еуростандард банка не го објавила извештајот, кој требало да ја опомене или да и изрече санкција поради необјавувањето на извештајот?

Институциите кои се клучни за организирање и регулирање на пазарот на капитал и на банкарското работење со кои контактираше Фактор, велат дека не било во нивна надлежност да реагираат.

Од Македонската берза на хартии од вредност велат дека Еуростандард банка не е под котрала на Берзата, затоа што таа била на слободниот берзански пазар. Ваквите друштва се должни да ја известуваат јавноста за своите резултати преку Берзата, но оваа институција нема овластувања да прави надзор и контрола. Според Берзата, ваквата активност е во надлежност на Комисијата за хартии од вредност.

„Еуростандард банка не е акционерско друштво коешто кога било котирало на Берзата. Согласно член 166-б од Законот за хартии од вредност, издавачите на хартии од вредност чии хартии од вредност не котираат на берза и не се водат во Регистарот на акционерски друштва со посебни обврски за известување, се должни обврските за известување на јавноста согласно овој член, во коишто спаѓаат и извештаите на оваа банка за 2019 година, да ги објавуваат на интернет страницата на овластена берза. 

Оттука, Македонска берза единствено има обврска технички да ја организира постапката за објавување на информациите на нејзината интернет страница, доставени од друштвата кои имаат обврски за обелоденување согласно член 166-б. Берзата нема законски овластувања да спроведува надзор и контрола врз друштвата кои објавуваат согласно овој член од Законот за хартии од вредност, односно истото е во надлежност на Комисијата за хартии од вредност“, велат за Фактор од Македонската берза.

Сепак, едно од прашањата што останаа нејасни, е како се случи извештај за работењето да не даде Еуростандард банка, чии претставник, Коста Костовски, беше претседател на Одборот на директори на берзата се до 16 јуни оваа година. 

Всушност, оваа функција, претседател на Одборот на директори на берзата, Костовски ја вршеше во изминатиот период токму како претставник на Еуростандард банка, а од јуни на негово место дојде Тони Стојановски.

Рокадата беше изгласана на седница на Одборот на директори на Македонска берза, на 12 јуни. Тогаш беше изгласан новиот мандат на членовите на Одборот. Тие впрочем се истите луѓе, но Стојановски досега беше само неизвршен член, а во следните четири години ќе биде и претседател. Костовски остана член во Одборот на директори на Берзата.

Токму од тие причини извесни кругови го поставуваат прашањето не ли можела Берзата да се заложи и да му укаже на претседателот на нејзиниот Одбор на директори дека неговата банка треба да го објави извештајот за работењето. А токму тој одбор на директори се грижи и санкционира компании што не ги објавуваат извештаите. 

Инаку, Берзата, уште наредниот ден откако НБМ и ја одзеде лиценцата за работа на Еуростандард банка, на 13 август, донесе одлука за трајно исклучување на банката од членство од овој организиран пазар на капитал.

„Ве известуваме дека врз основа на член 19 од Правилата за членство на Македонска берза, Одборот на директори на Берзата донесе Одлука за трајно исклучување од членство во Берзата на членката Еуростандард банка, согласно Решението на Комисијата за хартии од вредност, со кое трајно се одзема дозволата за работа на членката  Еуростандард банка. Одлуката за трајно исклучување од членство во Берзата на членката  Еуростандард банка се применува од 13.08.2020 година“, соопшти тогаш Берзата.

Фактор ја праша и Комисијата за хартии од вредност, за која од Берзата велат дека е надлежна за ова прашање, зошто не реагирала или не ја казнила Еуростандард за необјавување на извештајот за 2019 годна. 

Оттаму велат дека Еуростандард банка всушност не одржала акционерско Собрание, па затоа не можела ниту да биде принудена да го објави извештајот. 

„Еуростандард Банка АД Скопје како  акционерско друштво, чии хартии од вредност не котираат на берза и не се водат во Регистарот на акционерски друштва со посебни обврски за известување, согласно член 166 б од Законот за хартии од вредност, е должно ревидираните финансиски извештаи и мислењето од овластен ревизор да ги објави на интернет страницата на овластената берза и во еден дневен весник што излегува на територијата на Република Северна Македонија, во рок од 15 дена од усвојувањето.

Обврската за подготвување и за одржување на акционерски собранија е на органите на управување и на акционерите на друштвото. Па со оглед на тоа, објавувањето, односно необјавувањето на извештаите за 2019 година, на што се однесува Вашето прашање, е условено од одржување на акционерско собрание“, велат за Фактор од Комисијата за хартии од вредност.

Оттаму појаснуваат дека банката за 2018 година во рок го објавила финансискиот извештај, на 8 јули лани, или 15 дена по одржување на акционерското Собрание. 

На нашето прашање зошто не изрекле казна до Еуростандард банка за необјавувањето на извештајот за 2019, од КХВ тврдат дека штом банката нема одржано Собрание, тие немаат основ за постапување. 

Всушност, од одговорите на овие две институции се добива впечаток дека тие не можеле да реагираат од причина што постои своевидна законска празнина која тоа го оневозможува. А како главна причина за тоа е што банката била на слободниот берзански пазар.

Зошто, пак, за необјавувањето на извештајот не реагирала Народна банка на Македонија, која се смета како регулатор од прв степен за банките. 

Од централната банка за Фактор тврдат дека тие немаат надлежност за податоците кои се објавуваат на берзата, туку го следат објавувањето на податоци кои банките треба да ги даваат согласно законот за банките. 

„Во однос на податоците кои се објавуваат на порталот на Македонската берза, Народната банка нема надлежност.

Народната банка го следи објавувањето извештаи и податоци од страна на банките, согласно со подзаконската рамка за нивно објавување која Советот на Народната банка ја има пропишано во согласност со членот 101 став 3 од Законот за банките“, велат за Фактор од Народната банка.

А според бројките кои Фактор ги доби од НБМ, вкупната загуба на Еуростандард банка за последнве четири и пол години изнесувала близу 18 милиони евра.

Или, во 2016 година Еуростандард банка имала загуба од 585 илјади евра, а во 2017 влегла во зоната на позитивата, односно остварла добивка од околу 200 илјади евра.

За жал, радоста не траела долго, па веќе во 2018 година банката влегува во огромна загуба од 6,3 милиони евра, а во 2019 година таа достигнал 12,6 милиони евра. Или, како што велат од централната банка, заклучно со јуни годинава загубите достигнале 18 милиони евра.

Откако врз банката беше отворена стечај, од НБМ тврдат дека е заштитен имотот на банката, за спроведување на брза постапка, од која ќе се наплатат доверителите и дел од депонентите на банката.

На крајот останува констатацијата дека сите надлежни имаат аргумент зошто не постапувале по необјавуањето на финансиските извештаи од страна на пропадната банка. Законска обврска немаат, но дали тоа не значи дека Законот за хартии од вредност мора да претрпи брзи и сериозно промени во делот на транспарентноста. Не може акционерско друштво  и тоа финансиска институција, во случајов банка, само затоа што било на слободниот пазар, да биде ослободена од контрола на организаторот на пазарот и регулаторното тело.

Тука нема  кривично дело, но има сериозно етичко прашање, како се случи извештај за работењето да не даде Еуростандард банка, во периодот кога еден од главните акционери на банката Коста Костовски во исто време беше и претседател на Одборот на директори на берзата?

Нина Нинеска-Фиданоска

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

НИКОГАШ ПОСКАПО: Цените на кафето највисоки во последните 27 години

НИКОГАШ ПОСКАПО: Цените на кафето највисоки во последните 27 години

БОЖИЌЕН БОНУС ЗА ПЕНЗИОНЕРИТЕ ДО 600 ЕВРА: Кој град од регионот ја нуди оваа привилегија?

БОЖИЌЕН БОНУС ЗА ПЕНЗИОНЕРИТЕ ДО 600 ЕВРА: Кој град од регионот ја нуди оваа привилегија?

ЕВЕ КАКО ИЗГЛЕДААТ ШЕСТЕ ЕКОЛОШКИ АВТОБУСИ, ЌЕ СЕ ДВИЖАТ ПО ВНИМАТЕЛНО ПЛАНИРАНИ ЛИНИИ ВО СКОПЈЕ - свеченост за донацијата од Европската унија

ЕВЕ КАКО ИЗГЛЕДААТ ШЕСТЕ ЕКОЛОШКИ АВТОБУСИ, ЌЕ СЕ ДВИЖАТ ПО ВНИМАТЕЛНО ПЛАНИРАНИ ЛИНИИ ВО СКОПЈЕ - свеченост за донацијата од Европската унија

Ова е велешкото економско чудо! Кој може и знае како да заработи 4,2 милиони евра за девет месеци од ивоз на конци и предива?

Ова е велешкото економско чудо! Кој може и знае како да заработи 4,2 милиони евра за девет месеци од ивоз на конци и предива?

Засилени контроли на патарините, казни од по 200 евра за неплаќачите

Засилени контроли на патарините, казни од по 200 евра за неплаќачите

ТРГОВСКИТЕ БАРИЕРИ НА ТРАМП ЌЕ БИДАТ ИСКЛУЧИТЕЛНО БОЛНИ ЗА ГЕРМАНСКИТЕ КОМПАНИИ: Еве на што предупредуваат економистите

ТРГОВСКИТЕ БАРИЕРИ НА ТРАМП ЌЕ БИДАТ ИСКЛУЧИТЕЛНО БОЛНИ ЗА ГЕРМАНСКИТЕ КОМПАНИИ: Еве на што предупредуваат економистите

Винарија Камник со најмногу освоени медали и два трофеи на саемот Винска визија на Отворен Балкан

Винарија Камник со најмногу освоени медали и два трофеи на саемот Винска визија на Отворен Балкан

Авионска линија Прага-Скопје, партнерство со универзитети – иницијативи на Божиновска за поблиски односи со Чешка во бизнисот, образованието и енергетиката

Авионска линија Прага-Скопје, партнерство со универзитети – иницијативи на Божиновска за поблиски односи со Чешка во бизнисот, образованието и енергетиката

ДОЛАРОТ ОТФРЛЕН: Русија и Иран започнаа со меѓусебна трговија само со национални валути

ДОЛАРОТ ОТФРЛЕН: Русија и Иран започнаа со меѓусебна трговија само со национални валути