28 Септември, 2024
0.0268

Никој точно не знае колку лица со аутизам има во Македонија

Објавено во: Анализа 02 Април, 2014

Добивај вести на Viber

Без Национален регистар  и без  конкретни институционални мерки и решенија,  аутизмот останува под превезот на непознатото. Од Македонското научно здружение за аутизам, велат дека аутизмот  не  е болест, туку развојно нарушување. Но, алармираат дека,  без национална стратегија и регистар на точниот или барем приближниот број на овие лица,  кои бараат соодветна грижа и внимание, Македонија останува без можност за намалување или барем ублажување на овој проблем. Од МНЗА велат дека здружението располага со бројка од  околу 140 лица со аутизам. Но, додаваат дека ако претпоставиме оти во светот 1 на 1000 лица се засегнати со Канеров аутизам, а 1 на 166 лица со аутистичен спектар на нарушувања, тогаш проценката говори дека во Македонија на 2.040.000 жители би требало да има најмалку 12.240  лица со ова спектрално нарушување. Аутизмот има растечка стапка на појавување од 10-17% годишно. Тој во светот има епидемски размери и тенденција на зголемено појавување. Во земјава сите бројки се проценки и претпоставки. Што е аутизмот? Проф. д-р Владимир Трајковски од Институтот за дефектологија при Филозофскиот факултет-на УКИМ и истовремено, претседател на Македонското научно здружение за аутизам, за Фактор вели дека  аутизмот е первазивно, развојно нарушување, што феноменолошки е поврзано со невропсихијатриските нарушувања. Не може да се нарече болест, туку, синдромско нарушување. Според него, станува збор за состојба што се карактеризира со доцнење и со девијации во повеќе полиња на развојот, а е типична во првите месеци од животот.
Аутизмот претставува инвалидизирачко нарушување во раното детство со карактеристични нарушувања во социјалната сфера, со комуникациски нарушувања и со ригидни, ритуалистички интереси. Голем е бројот на термините што се користат за децата и за возрасните лица кои припаѓаат на аутистичниот спектар-(первазивни развојни нарушувања, Аспергеров синдром, Хелеров синдром и семантичко-прагматично нарушување). Постои општо прифатено разидување во мислењето во врска со тоа дали овие асоцирани медицински состојби се различни причинители на аутизмот, или се паралелни феномени со заеднички базичен генетски механизам”, вели професорот Владимир Трајковски.
Родителите-студенти за аутизам! Третманот за лицата со аутизам, сметаат експертите  е доста сложен и често пати доживотен. Тој е поливалентен и бара мултидисциплинарен тим. Во рамките на семејството родителите треба да станат студенти за аутизам. Во семејствата најчесто помагаат дефектолозите на кои родителите приватно им плаќаат за услугите. Проблемот, вели професорот Владимир Трајковски,  треба да се реши системски, но за жал ресорните министерства се уште немаат капацитети, сили и волја системски да го решат овој голем ментално здравствен и социјално медицински проблем. Во институциите, додава, потребни се стручни и експертски тимови составени од медицинари, дефектолози, психолози и социјални работници кои треба да се доедуцираат за да може повеќе да им се помогне на овие деца.
“Доволно стручен кадар во споредба со високоразвиените земји немаме. Има одредена групација на експерти кои знаат што е аутизмот и како да се справат со него, но тие се малцинство. Има многу празнини во системот на едукација. На пример студенти на Медицинскиот факултет не учат речиси ништо за аутизмот во нивните студии.Нивното вклучување во образовниот систем оди тешко бидејќи нема во повеќето редовни училишта вработено дефектолог. Наставниците и педагозите многу малку знаат за оваа состојба и самите тешко можат да образуваат дете со аутизам”, вели Трајковски.
Образовниот процес - сéуште најтешка бариера! Лицата со аутизам можат да имаат уникатни вештини кои може да се искористат за да се произведе  висок  квалитет на работата,  што ги прави да имаат предност за нивните работодавачи. Образованието, обуките  и вработување за возрасни лица со аутизам се инвестиции  кои бараат  ангажирање од јавниот и приватниот сектор. Лицата  со аутизам  често страдаат од социјална исклученост. Образованието и вработувањето може да им овозможат да земат  поактивна улога во нивните заедници, наместо да бидат зависни од семејството и да примаат социјална помош.
“Лицата со аутизам треба да имаат пристап до доживотно образование,  прилагодени на нивните потреби. Истражувања покажуваат дека меѓу 76 и 90% на возрасни лица со аутизам во моментов се невработени. Се чини дека уште не се созреани некои работи во свеста на политичарите за потребите на оваа категорија граѓани”, потенцира претседателот на Здружението за аутизам, проф Владимир Трајковски.
Потребно е, додава, креирање на Национална стратегија за аутизам,Национален регистер  за да приближно го  дознаеме  точниот број  на лица со аутизам. Експертската јавност е сé погласна и бара  формирање на повеќе центри за заштита и рехабилитација на децата, младинците и возрасните лица со аутизам, но  и  поголемо  вклучување  не само на одговорните фактори,  туку и дополнителна едукација на дефектолозите,  медицинарите, психолозите и социјалните работници за подигнување  на квалитетот  на животот и  остварување на правата на лицата  со аутистичен спектар на нарушувања во Македонија, права кои им се гарантирани со Конвенцијата од ОН. Б.С.