Николовски со кривична за службеник од МЗШВ, оттаму велат собирал политички поени
Објавено во: Македонија 02 Ноември, 2016
Дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска соопшти дека поднел кривична пријава против службено лице во ресорното Министерство затоа што согласно ревизорскиот извештај, постапувало спротивно на законите со што му нанело штета на државниот буџет и ги повредило правата на закупците.
Утврдени се неколку прекршувања на законот во работата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, тврди дополнителниот заменик-министер Љупчо Николовски, повикувајќи се на конечниот извештај од 65 страници на овластениот државен ревизор за периодот од 2013 до 2015 година.
„Бидејќи сите факти утврдени во ревизорскиот извештај не допираат до Јавното обвинителство за да постапува по нив, ние поднесовме кривична пријава против службено лице во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство кое постапувало спротивно на законите во Република Македонија, а со таквото работење нанело штета и на средствата на буџетот на РМ и потешко ги повредило правата на закупците“ - вели Николовски.
Николовски констатира дека не бил извршен увид за да се потврди фактичката состојба на површините што се објавуваат во јавните огласи за давање под закуп и кои се утврдуваат врз основа на распложливите катастарски податоци, содржани во имотните листови од Агенцијата за катастар. Дополнителниот министер додава дека не е предложено спроведување на инспекциски надзор, ниту се преземени сите потребни мерки и активности за утврдување на причините кога дел од избраните најповолни понудувачи доставиле изјава заверена на нотар дека се откажуваат од договорот.
„Сите акти што ги изработувала и ги потпишувала Комисијата за спроведување постапка по еден оглас, кои се однесуваат на различни региони, се заведувале под ист деловоден број и датум“ - рече Николовски.
Објаснува дека биле склучени договори за закуп на површини поголеми од 10 хектари иако избраните најповолни понудувачи не доставиле банкарска гаранција за квалитетно и навремено извршување на договорот. Тој тврди и дека не биле преземени мерки за наплата на закупнината, така што за периодот од 1999 до 2013 година се водат 282 субјекти за износ од 162.134.000 денари.
Дополнителниот заменик-министер за земјоделство ги извртува наводите од ревизорскиот извештај со цел да добие политички поени или да ја прикрие нетранспарентната распределба на земјоделското земјиште од страна на Владата на СДСМ, реагира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
„Пред да се објават огласите, подрачните единици ги обезбедуваат податоците од Агенцијата за катастар на недвижности и за сите слободни парцели кои се во сопственост на РМ во чиј имотен лист нема забележано кориснички прави и друг товар, истите се предлагаат како слободни за огласување. Потоа, при воведување на владение со присуство на геометар се врши увид на лице место и се констатира фактичката состојба на терен“ - појаснуваат од МЗШВ.
Министерството потенцира дека во однос на наплатата на закупнината се води целосна и навремена контрола и доколку некој од закупците не ја плаќа закупнината во законски предвидениот рок, им се доставува опомена пред раскинување.